Човекот од Западот (филм од 1940)

„Човекот од Западот“ (англиски: The Westerner) — американски филм од 1940 година, во режија на Вилијам Вајлер (William Wyler) по сценариото на Нивен Буш (Niven Busch), Стјуарт Н. Лејк (Stuart N. Lake) и Џо Сјурлинг (Jo Swerling). Главните улоги ги играат: Гари Купер (Gary Cooper), Волтер Бренан (Walter Brennan), Дорис Девенпорт (Doris Davenport) и Фред Стоун (Fred Stone). Овој филм се памети по една од најдобрите улоги на Волтер Бренан, кој за улогата на судијата Рој Бин го добил третиот „Оскар“ за најдобра споредна машка улога. Притоа, филмот бил номиниран за наградата „Оскар“ уште во три категории.[1]

Синопсис

уреди

Во филмот се прикажува суровиот, самонаречен судија Рој Бин (го игра Бренан) од Винегарун, Тексас, кој себеси се нарекува „единствениот закон западно од Пекос“. Тој ги брани интересите на сточарите и погубува луѓе дури и за ситни дела. Еден ден, пред судијата е доведен Коул Харден (го игра Купер) кој е обвинет за кражба на коњ. За време на неговото судење, во барот влегува Џејн Елен Метјус (ја игра Девенпорт), која го зема во заштита обвинетиот. Харден забележува дека Рој Бин е опседнат со глумицата Лили Ленгтри и почнува да лаже дека ја познава лично при што му ветува на судијата дека ќе му даде прамен од косата на Ленгтри. Откако Харден и Рој Бин се опиваат, утредента Харден успева да побегне и оди на имотот на Џејн Елен која веднаш се вљубува во него. Таму, Харден дознава за проблемите на земјоделците и решава да им помогне. За таа цел, тој го уценува судијата, барајќи да ги повлече стадата од долината, а за возврат му дава парче од косата на Џејн Елен. Додека земјоделците слават за успешниот род, сточарите подметнуваат пожар во кој целосно горат насадите со пченка и куќите на земјоделците, а во таа прилика погинува таткото на Џејн Елен, Калифет Метјус (го игра Стоун). Сите земјоделци се иселуваат, а само Џејн Елен е цврсто решена да остане на имотот. Притоа, таа го обвинува Харден дека е виновен за пожарот. Затоа,тој набавува налог за апсење на Рој Бин. Истовремено, во блискиот град е закажан настап на Лили Ленгтри и Рој Бин оди на концертот. Тогаш, на бината се појавува Харден при што започнува вооружена престрелка меѓу нив во која Рој Бин е смртно ранет. Сепак, со последните сили, тој оди во гардеробата на Лили и, откако ќе ја здогледа, умира. Две години подоцна, Џејн Елен и Харден живеат заедно, а од прозорецот на својот дом гледаат како повторно се доселуваат земјоделците.[2]

Наводи

уреди