Четиринаесетта македонска ударна бригада
Четиринаесеттата македонска младинска ударна бригада „Димитар Влахов“ била формирана на 17 септември 1944 во с. Митрашинци, Беровско. Била формирана од околу 700 главно младинци од Беровско, Делчевско, Кочанско, Радовишко и Штипско и влегла во составот на Педесеттата македонска дивизија на НОВЈ, која била формирана на истиот ден како и бригадата. Орган на бригадата бил весникот „Мугри“, кој излегувал во тираж од 100 примероци.[1]
Четиринаесетта македонска ударна бригада | |
---|---|
Активна | 17 септември 1944 – 1945 |
Битки | Завршни операции за ослободување на Македонија Сремски фронт |
Команданти | |
Истакнати команданти | Боро Поцков |
Команден состав
уредиКомандниот состав на бригадата го сочинувале:[1]
- Димитар Марљановски - Осоговски, командант од 17 септември 1944 година
- Боро Поцков, командант од 23 април 1945 година
Политички комесари биле:
- Боро Чаушев - Странџата, од 17 до 30 септември 1944 година
- Јордан Илиев - Цвајот, од 3 октомври 1944 година
- Петар Пепељуговски, до 10 април 1945 година
- Тодор Атанасовски - Тошо, од 10 април 1945 година
Борбени дејства
уредиПри формирање, бригадата броела 634 борци и старешини, распоредени во четири баталјони, главно младинци на возраст од 16 до 25 години. Бригадата била вооружена со малку оружје, па поради тоа на 18 септември било извршено довооружување на борците од воениот склад во село Будинарци, каде се чувало оружјето одземено од бугарската војска.[1] Заедно со останатите единици кои влегле во составот на Педесеттата македонска дивизија, бригадата дејствувала во реонот на Источна Македонија и помагала во попречување на повлекувањето на германските сили од армиската група Е, кои од Грција се повлекувале кон север. На 20 септември бригадата ја ослободи Виница, а на 21 септември учествувала во борбите кај Кочани, на 23 и 24 септември 1944 година бригадата учествувала во борбите кај Штип. Во наредниот период, следувале борбите во завршните операции за ослободување на Македонија.
Во тоа време, бригадата делува во состав на новооснованиот Брегалничко-струмички корпус, во чиј состав влегле 50 и 51 дивизија. Во периодот од крај на септември до декември 1944 година, бригадата учествувала во ослободувањето на Свети Николе, водела борби против германските сили кај Виница, Градец и Зрновци, Делчевско и Штипско, на железничката линија Штип-Велес, на комуникацијата Кочани-Штип, кај селата Горни Балван и Долно Трогирци на 12 октомври, извршила напади на Кочани на 17 октомври, кај Градец и Блаце на 20 октомври и го ослободила Кочани на 21/22 октомври, водела борби кај селата Бучишта и Трипотанец, и учествувала во ослободувањето на Скопје.
На 18 декември 1944 година, со наредба на ГШ на НОВ и ПОМ, Четиринаесеттата бригада била прогласена за Четиринаесетта младинска ударна бригада „Димитар Влахов“.[1] Согласно наредбата, сите борци постари од 22 години биле прекомандувани во други единици, а во ссотавот на оваа бригада влегле нови младинци на возраст од 17 до 20 години. Сега бригадат влегла во составот на Четириесет и осмата македонска дивизија на НОВЈ, која пак била дел од реорганизираниот Петнаесетти корпус што се подготвувал да замине на Сремскиот фронт. Во тоа време бригадата изведувала операции на чистење на теренот кај Качаник до 4 јануари 1945 година, а потоа заминала на марш до Врање и од таму за Белград, каде бригадата е одново реорганизирана и снабдена со ново советско оружје.
Во наредниот период од 12 април 1945 година сè до завршувањето на војната, бригадата водела борби против германските единици на Сремскиот фронт, учествувала во ослободувањето на Винковци, Славонска Пожега и Загреб. Потоа учествувала во чистењето на теренот од заостанатите германски и квислиншки сили во бизјанското и козјанското подрачје (Словенија).
На Сремскиот фронт бригадата го издавала весникот „Нашата офанзива“, од кој излегле од печат 7 броја.
Од формирањето па до крајот на војната, од оваа бригада загинале преку 400 борци, младинци и младинки, од кои околу 379 во борбите на Сремскиот фронт.[1] По ослободувањето, бригадата била одликувана со Орден братсво и единство, со златен венец.
Наводи
уреди