Црноглаво грмушарче

Црноглаво грмушарче
A grey bird with a black cap and an open bill
Мажјак
Женка
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Врапчевидни
Семејство: Грмушари
Род: Sylvia
Вид: Црноглаво грмушарче
Научен назив
Sylvia atricapilla
(Linnaeus, 1758)
       Размножување - лете
       Постојан жител - преку цела година
       зимување
(опсегот е приближен)

Црноглавото грмушарче (научSylvia atricapilla) е често и широко распространето грмушарче. Претежно е маслинавосиво одозгора и посветло сиво одоздола, а разликите меѓу петте подвида се мали. Двата пола имаат уредни обоени капи на главата, мажјаците - црна, женките - црвеникавокафеава. Оваа птица е распространета низ речиси цела Европа и северозападна Африка и претпочита стари листопадни шуми. Ја има и во Македонија.

Распространетост

уреди

Распространетоста на црноглавото грмушарче е голема, а и бројот на птиците полека се зголемува. Вкупниот број се проценува на околу 10 милиони поединеци, од кои најмногу се во Европа од 75 до 94%. Од 1980 има нагорен тренд, на умерено зголемување на популацијата, проценето врз основа на прелиминарните податоци за 21 земја во Европа, вклучени во општата шема за Мониторинг на обичните видови птици.[2]

Оваа птица е делумен преселница. Распространета е од северозападна Африка, преку југозападна Азија, западен Сибир, Атлантскиот брег, до долината на реката Об, Мала Азија и Кавказ. Се среќава во цела Европа, со исклучок на северните делови од Скандинавија.[3]

Опис

уреди

Црноглавото грмушарче е големо колку селското врапче, а телото му е тенко и стројно. Должината на телото е 13-15 см, а распонот на крилјата е 20-23 см. [4]

Пердувите му се сивокафеави одозгора, а долниот дел од телото е посветол, белкав. Мажјаците имаат изразито црно теме, а кај женките и младенчињата тоа е црвенокафеаво.[3] Пердувите на крилјата и опашката му се сиви.

Песна на мажјакот, Москва

Песната е мелодична и јасна со карактеристичен, малку меланхоличен звук, потсетувајќи на флејта. Главно пеат мажјаците и многу ретко женките. Повикот за тревога е остар и отсечен, потсетува на чек-чек-чек. Понекогаш ја имитира песната на другите птици,[5] а најчесто на градинското грмушарче и славејчето.

Живеалиште и поведение

уреди

Живелаиштето на црноглавото грмушарче се шумите. Се среќава по рамнинските предели со грмушки, но и во планинските до 1.700 метри надморска височина. Живее во парковите и градините во населените места, во шумичките крај реките и густите листопадни шуми. Во Европа ги претпочиа смрековите шуми, но сака влажни области покрај езера.

Понекогаш лета кратко, како сколовранец, па слетува, а понекогаш личи на сипка и виси со главата надолу. Често се перчи на некоја висока гранка и до 20 метри височина, и храната ја набавува таму. Ја собира од тенките гранчиња и лисја, а понекогаш во грмушки или на земја.

Во сезоната на парење се храни со различни инсекти, бубачки, муви, комарци, ларви, мекотели и пеперуги и нивните гасеници. Другиот период јаде овошје и бобинки, како цреши, малини, капини, боровинки и др.[3] Птицата помага за ширење на овие растенија, бидејќи во стомакот не ги преработува добро нивните семиња. Тоа е исклучително снаодливо при исхраната. Забележани се птици кои со клунот ги отвораат овошките и ја јадат само нивната внатрешност. Интересни случаи се забележани во Шпанија, каде птиците ги јадат малите маслинки цели, а на поголемите ја исколвуваат само надворешноста, а семката ја оставаат. Во Англија е регистриран случај во кој црноглаво грмушарче отвора капак на сад, за да си земе грашок. [4]

Размножување

уреди
 
Јајца
 
Пилиња
 
Cuculus canorus bangsi + Sylvia atricapilla

На тероторијата на размножување први пристигнуваат мажјаците кои веднаш заземаат определена големина од теренот. Вообичаено тоа е површина од 0,2 до 0,9 хектари за една двојка. Некои од нив заземаат територија 3 до 5 пати поширока од потребната, но подоцна таа брзо се намалува под притисок на новодојдените птици, додека не дојде до вообичаената големина.[4] Веднаш по пристигнувањето мажјакот започнува интензивно да пее, за да ја привлече женката. Песната му е тивка и може да се слушне само од блиску. Тој е добар пејач и напролет пее од утро до мрак.[6]

Гнездото започнуваат да го прават 10-20 дена по пристигнувањето. Го градат на мали листопадни или иглолисни дрвја или грмушки. Понекогаш го градат високо на дрвото, но тогаш е далеку од стеблото, на периферијата во густата крошна. Најчесто се на височина од 1 до 2 метра од земја. Го градат двете птици во тек на 5-6 дена.[6] Има форма на чашка, а е изградено од треви, коренчиња, мов и лишаи. Послано е со мали пердувчиња, влакна и тенки, уредно наредени суви тревки. [3]

Во некои земји, видот често гнезди во близина на косот и обичната ѕвингалка.[4] Растојанието помеѓу две соседни гнезда обично е помеѓу 70 и 100 метри. На површина од 1 км² може да има 3 до 55 пара. Во зима овој број може да достигне до 500 птици, а во февруари и до 1000, по што се намалуваат до 700 на км² во март .[4]

На крајот на април или почетокот на мај женката снесува од 4 до 6 светлокафеави или валкано бели јајца, ситно испрскани со рѓави и кафеави дамки. Двете птици ги инкубираат на смени во текот на 11-12 дена. Првите денови по изведувањето женката речиси постојано ги загрева, дури и кога е убаво времето, но по 2-3 дена почнува да му помога на мажјакот при хранењето. Младенчињата го напуштаат гнездото по 14 дена, но родителите, главно мајката, продолжуваат да ги хранат уште десетина дена. [3] [6] На едногодишна возраст птиците стануваат сексуално зрели. Имаат две легла годишно - првото во април, а второто во јули. Второто легло има помалку јајца. Ако првото легло е неуспешно, можно е едната птица да ја напушти територијата, но најчесто обата родитела остануваат заедно и за второто легло. [4]

Наводи

уреди
  1. BirdLife International (2012). Sylvia atricapilla. IUCN Red List. Version 2012.1. International Union for Conservation of Nature. Посетено на 16 July 2012.
  2. „Bird Life International/Blackcap Sylvia atricapilla. Архивирано од изворникот на 2012-10-15. Посетено на 2013-08-31.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Цоло Пешев, Симеон Симеонов, "Атлас зоологија. ’рбетници" од "Народна просвета", 1982 г.ISBN 954-01 - 0204-9, стр.246
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 .org/monitoring/bg/product-view/3/30.html Бугарско друштво за заштита на птиците / Црноглаво грмушарче (Sylvia atricapilla)[мртва врска]
  5. Simms (1985) pp. 56–67.
  6. 6,0 6,1 6,2 [ http://www.apus.ru/site.xp/049051054053051124050054052049.html[мртва врска] AРUS / Славко черноголовая ]

Надворешни врски

уреди