Црква „Св. Атанасиј“ - Галичани
Св. Атанасиј — црква во прилепското село Галичани. Му припаѓа на Прилепското архијерејско намесништво во Преспанско-пелагониската епархија на МПЦ - ОА.
Свети Атанасиј
| |
македонска православна црква | |
Епархија | Преспанско-пелагониска |
Архијерејско намесништво | Прилепско |
Парохија | Прилепечко-витолишка |
Местоположба | |
---|---|
Координати | 41°18′12.5″N 21°28′14″E / 41.303472° СГШ; 21.47056° ИГД |
Место | Галичани |
Општина | Прилеп |
Држава | Македонија |
Општи податоци | |
Покровител | Атанасиј Александриски |
Изградба | XVII век |
Архитектонски опис | |
Архит. тип | еднокорабен |
Стил | преродбенички |
Архитектура
уредиЦрквата се наоѓа во непосредна близина на пругата Прилеп – Битола недалеку од селото, на патот за Кадино Село. Таа е скромна по големина, облик и материјали. Претставува издолжена еднокорабна градба, со тристранна апсида однадвор, а внатре има изглед на неправилен полукруг. Ѕидовите се направени од делкан камен со варов малтер. Заедно со црквата е изѕидана и мала припрата на западната страна.
Историја
уредиСпоред постарите жители на селото, црквата е поправена во 1941 г. поради оштетувања во пороите. Во 1999 г. се преземени превентивни мерки за заштита на фрескоживописот со цел да се избегнат потенцијални повреди при конзерваторско-реставраторските работи на архитектурата.[1]
Според едно месно предание, црквата била стара девет години кога се удрени темелите на манастирот Трескавец. Друго предание вели дека подигната на почетокот на IX век. Над влезната врата на црквата со арапски бројки е врежана годината 801, најверојатно дело на некој посетител или жител на Галичани.[1]
Живопис
уредиОд живописот, кој некогаш ги покривал сите ѕидни површини во црквата, денес останало сосема малку во олтарот. На источниот дел од јужниот ѕид, под слој од вар има општетени делови од фрески. Главно се зачувани површините на средишната ниша, на нишата на жртвеникот, десно од апсидата и над неа. Во долното подрачје на апсидата има пет архијереи — тројца северно од прозорецот и двајца јужно. Сите се свртени во три четвртини кон центарот, каде бил Христос како Агнец во сцената „Поклонување на Агнецот“. Тој детаљ е целосно уништен. Првиот ерхијереј од север кон југ е Свети Никола, вториот е Свети Григориј, а третиот е Свети Василиј. Од двајцата на јужната страна едниот е Јован Златоуст, а другиот е непознат. Архијереите се облечени во полиставриони, врз кои се ставени омофори. Боите на омофорите варираат, така што едниот архиереј има зелени, а другиот црвени. Архиереите пред себе држат развиен свиток.[1]
Во полукалотата на апсидата претставена е „Богородица поширока од небесата“. Пресвета Богородица е насликана до половина, потполно фронтално со раширени раце (Оранта). Од сината облека се гледаат само ракавите, кои во долниот дел се украсени со по две бисерни ленти. Главата и облеката ѝ ја покрива темноцрвена риза (мафориј) со фојникии, обликувани како обични реси. Десното рамо ѝ е украсено со златеста седмокрака ѕвезда. На градите е насликан тробоен медалјон (гледајќи од центарот се редат следниве бои: темно-сина, светлосина и бела), а дополовина Христос Емануил. Христос е поставен фронтално, во гест на благословување. Облечен е во бел хитон и црвен химатион (горна облека).[1]
Над апсидата, до самиот раб, обележан со црвена лента е насликан Христовиот убрус. На источниот ѕид, јужно од апсидата, насликан е светиот ѓакон Роман. Во целиот горен дел, над убрусот, прикажана е сцената на Христовото Вознесение. Централниот дел на композицијата, на местото каде што е прикажан Христос, покриен е со една масивна греда, која не дозволува согледување на целината. Во делот, каде што некогаш постоел свод, композицијата завршува полукружно. Апостолите се распоредени во две групи — лево и десно. Кон левата група насликана е Богородица Оранта. Во долниот дел насликани се елементи од пејсажот, на чисто средновековен начин. Лево од апсидата, во нишката на протезисот, насликана е сцена Imago Рietatis (Ожалостениот Човек).[1]
Според својата архитектура и живопис „Свети Атанасиј“ се датира во првата половина на XVII век. И архитектурата и живописот се дело на месни мајстори. За тоа сведочат јазичните особености на сигнатурите. Така на пример, името на свети Григориј е напишано како „Свети Глигур“. На ктиторскиот натпис во црквата „Св. Атанасиј“ во соседното село Рилево се вели дека таа е изградена во 1627 г. од мајстор Иван од Кичево и зографисана од мајстор Јон од Линотопи. Фреските во галичанската црква се одликуваат со изразено епигонство — зографот настојувал да се придржува кон обрасците на македонскиот живопис од средниот век.[1]
Во 1961 г. се забележани две икони. На едната оштетена икона е Јован Крстител, и најверојатно тие се дело на дебарски мајстор. На долниот раб има натпис: „Помјани Господи раба твоего Моисо с свем чадом + 1837“. На другата добра икона од XIX век е Свети Димитриј на црвен коњ.[1]
Римски наоди
уредиВо црквата има мермерни сполии од римско време, земени од селаните од археолошкото наоѓалиште Галичанска Рудина.[2] Во северозападниот агол на црквата, вкопан во подот, има мал мермерен блок со релјефна претстава на гола фигура. Во припратата има оштетен јонски капител. Во олтарот Светиот престол е на мермерен блок, украсен со релјеф со листови оД предната страна. Блокот е вкопан во земја. Над него, непосредно под плочата на чесната трпеза има една обратно поставена мермерна стопа. Во ѓаконикот има дел од мал мермерен столб. Во 1961 г. е откриена и мала мермерна вотивна плоча со претстава на Тракиски коњаник, која е пренесена во Заводот и музеј во Прилеп. Плочата е најдена во селото.[1]
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 1,7 „Црква „Свети Атанасиј", село Галичани“. Old Prilep. Архивирано од изворникот на 2014-03-09. Посетено на 9 март 2014.
- ↑ „Aрхеолошки локалитети во околината на Прилеп“. Крале Марко. Посетено на 9 март 2014.