Мал морски нуркач
Возрасен со перје во сезона на парење и младенче
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Морски нуркачи
Семејство: Морски нуркачи
Род: Gavia
Вид: Мал морски нуркач
Научен назив
Gavia stellata
(Pontoppidan, 1763)
Се размножува во северните делови на Северна Америка и Евроазија.
      Лете; а зиме во морињата
Синоними

Colymbus stellatus Pontoppidan, 1763
Colymbus lumme Brünnich, 1764
Colymbus septentrionalis Linnaeus, 1766
Gavia lumme Forster, 1788
Colymbus mulleri Brehm, 1826
Urinator lumme Stejneger, 1882

Мал морски нуркач или црвеногушест морски нуркач (научGavia stellata) е водна птица преселница која се размножува низ северната полутопка. Се размножува во арктичките предели, а зимува во северните крајбрежја, и во Македонија. Таа е најмал и најраспространет член на семејството морски нуркачи. Долга е 55-67 см, а зимно време е невпечатливо сивкава одозгора што се прелива во бело до долниот дел на телото. Во сезоната на парење добива црвеникава дамка на грлото од каде го добила европскиот назив (црвеноврат нуркач). Се храни со риби, водоземци, безрбетници, како и растителен воден материјал. Оваа птица е моногамна формирајќи цврста догогодишна врска. Обата партнера го градат гнездото и се грижат за подмладокот.

Таксономија

уреди

Малиот морски нуркач за првпат е опишан од данскиот природонаучник Ерик Понтопидан во 1763 година. Тоа е монотипичен вид без подвидови иако има широка распространетост.[2] Името на родот, Gavia, потекнува од латинскиот за „морски галеб“ кој го користел античкиот природонаучник Плиниј Постариот.[3] Ептетот stellata, пак, доаѓа од латинскиот со значење „со ѕвезди“,[4] што се однесува на грбот од птицата, кој вон сезоната на парење е црн и испрскан со бело - како со ѕвезди.[3] „Нуркач“ се однесува на методот со кој ова семејство птици го ловат својот плен.

Опис

уреди
 
Возрасен во перје вон сезона на парење каде се гледа грбот испрскан со бели точки.

Малиот морски нуркач е најмал и најлесен од сите морски нуркачи. Долг е 53-69 см (мерен од клунот до опашката),[5][6] има распон на крилјата 91-120 см,[6][7] и тежи од 1 до 2.7 кг.[6] Како и другите морски нуркачи, и овој има долго тело, покус врат и нозе кои се сместени поназад на телото.[8] Половите се слични по изглед, иако мажјаците се малку поголеми и потешки од женките.[2] Во сезоната на парење мажјаците имаат темносива глава и врат (со црно-бели линии на задниот дел од вратот), триаголна црвена дамка на грлото, бели долни делови на телото и темносивокафеава мантија.[9] Ова е единствен нуркач со целосно темен грб во сезоната на парење.[10] Вон сезоната на парење перјето е пообично, па брадата, предниот дел од вратот и поголем дел од лицето му се бели, врвот на главата и задниот дел од вратот му се црни, а грбот темен и испрскан со бели точки.[9]

Клунот му е тенок, прав и остар и често му е нагоре насочен.[9] Тој е црн лете и светлосив зиме. Очите му се црвеникави. Како и сите морски нуркачи и малиот е многу добро адаптиран во својата водна средина. Големите стапала со трите предни прсти целосно поврзани со пливачки кожички им овозможуваат брзо пливање.

 
Возрасен во перје во сезона на парење во Исланд
 
Многу млада птица со темнокафеави или сивкави меки пердувчиња

Кога се испилуваат, овие птици се покриени со меки, нежни пердувчиња. Одозгора се темнокафеави или темносивкави, малку посветли од страните на главата и вратот, како и на грлото, градите, слабините, со светлосиви стомак и долен дел од градите. Иако некои младенчиња ова перје го задржуваат до сред зима, повеќето брзо го менуваат и стануваат како возрасните, освен што клунот им останува посветол.[9]

 
Во лет, згрбавениот профил на птицата е впечатлив

Во лет, малиот морски нуркач е карактеристичен; малите нозе се испружени на крајот од телото, главата и вратот му се под хоризонталната линија, што му дава впечаток на згрбавеност, а тенките крилја му се наназад. Тој побрзо и подлабоко замавнува со крилјата од останатите морски нуркачи.[11]

Огласување

уреди

Оваа птица има бројни вокализации кои ги користи во разни ситуации. Во лет, кога минува или кружи над своето место, се огласува со серија брзи, ритмички гракања, слични на гуска, приближно пет во секунда. Повикот за тревога, ако има луѓе во близина или копнени грабливци, е кратко крекнување. Низок тон сличен на стенкање, со затворен клун, произведува кога комуницира со партнерот или младенчињата, но и за време на копулацијата.

Исто така, птицата има краток плачлив повик со надолен тон кој трае околу 1 секунда и е помузикален од останатите. А острото, пулсирачко гакање кое го повторува по повеќе од десетпати, и варира со тонот и нагоре и надолу се користи за означување на територијата, врзување на парот и поттикнување на младенчињата да се движат.[12] Имаат и долг повик, често во дует, (најчесто на женката е подолг и помек) е необичен за морските нуркачи.[12]

Распространетост и живеалиште

уреди
 
Малиот морски нурач живее на крајбрежјата, често во мали езерца

Малиот морски нуркач се размножува во арктичките региони на северна Евроазија и Северна Америка, всушност на север од 50° северна географска ширина, а зимува во северните крајбрежја.[13] Во Европа, се размножува во Исланд, Шкотска, северозападна Ирска, Скандинавија и северна Русија, а зимува по крајбрежјата достигајќи на југ до Шпанија, како и на морињата (Средоземно, Егејско, Црно) реките, езерата и другите поголеми водни површини во внатрешноста на континентот.[14] Заскитува на југ дури до Мароко, Тунис и Гамбија.[1]

Поведение

уреди
 
Малиот морски нуркач е способен да полета од многу мала површина со вода

Поради тоа што нозете му се наоѓаат далеку назад на неговото тело, малиот морски нуркач е прилично несмасен при одење на копно, но сепак, тој ги користи нозете да се бутка нанапред држејќи рамнотежа со градите.[11] Овие птици се единствен вид од морските нуркачи што можат да полетаат директно од земја или површина на вода (без залет).[15] Кога е исплашен, може да нурне и само кога главата или клунот му се над површината.[16]

Оваа птица е дневна птица преселница, која патува сама или во мали групи, често високо над водата.[11] Силен летач е, со брзина од 75 до 78 км/ч.[17]

Исхрана

уреди
 
Уште на три-четиридневна возраст младенчињата се хранат со риби кои се многу големи споредувајќи ги со големината на пилето
 
Gavia stellata

Како и сите членови на неговото семејство, малиот морски нуркач се храни првенствено со риби, а понекогаш со мекотели, ракови, жаби и водни безрбетници и инсекти, па дури и со растителен материјал.[13] Тој го зграпчува, а не го набодува, пленот што го лови најчесто под вода.[18] Иако вообичаено ги користи само нозете за пливање и нуркање, сепак, ако има потреба од забрзување или нагло вртење, ги користи и крилјата.[19] Се нурнува 2 до 9 метри под вода, просечно по една минута.[13]

По испилувањето, пилињата првите неколку дена родителите ги хранат со мали инсекти и ракчиња. По 3-4 дена им даваат мали рипчиња што можат наеднаш да ги голтнат. А по 4 недели, младенчињата можат да ја јадат истата храна како родителите.

Размножување

уреди
 
Набрзо по испилувањето, младенчињата одлично пливаат и им се придружуваат на возрасните

Малиот морски нуркач формира долгогодишна моногамна врска. Гнездото го градат обата родитела кое е плитка длапка или платформа од тиња и растенија, сместена на половина метар од брегот. Женката несе 2 јајца, кои претежно ги инкубира таа во период од 24 до 29 дена. Јајцата се зеленкави или маслинавокафеави со црни точки. Ако го изгубат леглото, од било која причина, овие птици обично имаат второ кое го сместуваат во ново гнездо.[20] Малите се испилуваат нежни, но со отворени очи и подвижни. На почетокот родителите ги хранат со мали водни безрбетници, а потоа и со мали рипчиња во период од 38 до 48 дена. Родителите ги бранат младенчињата од грабливци бркајќи ги подалеку од нив или од генздото. Во дивина, најстар мал морски нуркач кој е познат, живеел повеќе од дваесет години;[13] пронајден е мртов на брегот од Шведска на возраст од 23 години и 7 месеци (по прстенувањето).[21]

Статус

уреди

На малиот морски нуркач се однесува Договорот за заштита на африканско-евроазиските водни птици преселници[22]. Поради широката распространетост и големата глобална популација, какои и поради фактот што таа не опаѓа (иако има области каде се намалува), оваа птица на Црвениот список на МСЗП се смета за вид со најмала загриженост од изумирање[1].

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 BirdLife International (2012). Gavia stellata. IUCN Red List. Version 2012.1. International Union for Conservation of Nature. Посетено на 16 July 2012.
  2. 2,0 2,1 Carboneras 1992, p. 162
  3. 3,0 3,1 Johnsgard, Paul A. (1987). Нуркачите од Северна Америка. University of Nevada–Lincoln. ISBN 0-8032-2566-0.
  4. Simpson, Donald Penistan (1979). Каселовиот латински речник (5. изд.). London: Cassell Ltd. стр. 883. ISBN 0-304-52257-0.
  5. Cramp 1997, p. 3
  6. 6,0 6,1 6,2 „Сè за птиците: Мал морски нуркач“. Cornell Lab of Ornithology. Посетено на 20 October 2011.
  7. Svensson, Lars; Grant, Peter (1999). Колинсовиот водич за птици. London: HarperCollins. стр. 12–13. ISBN 0-00-219728-6.
  8. Cramp 1977, p. 42.
  9. 9,0 9,1 9,2 9,3 Cramp 1977, p. 43.
  10. Carboneras 1992, p. 163.
  11. 11,0 11,1 11,2 Sibley, David (2000). Сиблиевиот водич за птици. New York: Alfred A. Knopf. стр. 23. ISBN 0-679-45122-6.
  12. 12,0 12,1 Cramp 1977, p. 48.
  13. 13,0 13,1 13,2 13,3 Carboneras 1992, p. 171.
  14. Cramp 1977, p. 45.
  15. Mead-Waldo, E. G. B. (November 1922). „Поведението на малиот морски нуркач“. British Birds. 16 (6): 172–73.
  16. Cramp 1977, p. 44.
  17. Davis, Rolph A. (January 1971). „Брзината на летање на белецот и малиот морски нуркач“ (PDF). The Auk. 88 (1): 169. doi:10.2307/4083974.
  18. Ehrlich, Paul R.; Dobkin, David S.; Wheye, Darryl; Pimm, Stuart L. (1994). Прирачник за птичарење. Oxford, UK: Oxford University Press. стр. 2. ISBN 0-19-858407-5.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  19. Townsend, Charles W. (July 1909). „Употребата на крилјата и нозете од страна на морските нуркачи“ (PDF). The Auk. 26 (3): 234–48. doi:10.2307/4070795.
  20. Schamel, Douglas; Tracy, Diane M. (Summer 1985). „Замена на леглото на малиот морски нуркач“ (PDF). Journal of Field Ornithology. 56 (3): 282–283.
  21. Staav, Roland; Fransson, Thor (2008). „Европски рекорди на старост“. EURING: The European Union for Bird Ringing. Посетено на 14 July 2009.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  22. „Водни птици на кои се однесува Договорот за заштита“ (PDF). Agreement on the Conservation of African-Eurasian Migratory Waterbirds. Архивирано од изворникот (PDF) на 2011-07-28. Посетено на 29 June 2008.

Литература

уреди
  • Carboneras, Carles (1992). „Family Gaviidae (Divers)“. Во Josep del Hoyo, Andrew Elliott & Jordi Sargatal (уред.). Handbook of the Birds of the World, Volume 1: Ostrich to Ducks. Barcelona: Lynx Edicions. стр. 162–172. ISBN 84-87334-10-5.
  • Cramp, Stanley, уред. (1977). Handbook of the Birds of Europe, the Middle East and North Africa: Birds of the Western Palearctic, Volume 1, Ostrich to Ducks. Oxford University Press. ISBN 0-19-857358-8.

Надворешни врски

уреди