Црвени крвни зрнца

(Пренасочено од Црвена крвна клетка)

Еритроцитите се црвените крвни клетки. Тие се едни од формативните елементи на крвта, покрај леукоцитите и тромбоцитите. Еритроцитите имаат форма двојно вдлабнат диск, со должина од 7- 8 микрони и ширина 2 микрони.Кај цицачите тие не содржат јадро и затоа имаат кус животен век (од 80 до 120 дена), додека кај останатите ’рбетници има јадро, со исклучок на дождовниците од родот Batrachosepѕ. Внатрешноста на еритроцитите е исполнета со белковина хемоглобин. Хемоглобинот е воедно и пигментот кој ја дава црвената боја на крвта, а во составот има јон на железо Fe++, кој се сврзува со кислородот од белите дробови и го пренесува низ целиот организам. Овој процес се нарекува оксигенација. По пат еритроцитите ги собираат отпадните материи и ги носат во белите дробови, од каде тие се издишуваат во форма на јаглерод диоксид, а дел од јаглерод диоксидот влегува во состав на хемоглобинот. Бројот на еритроцитите варира во зависност од полот.

Црвени крвни клетки (еритроцити)

Бројот на еритроцитите кај човекот изнесува меѓу 4 и 5 милиони во 1mm³ крв. Во одредени услови бројот на еритроцитите се менува. На пример, при престој на места со надморска височина над 2500м, тој се зголемува. За разлика од тоа, при акутни и хронични крварења, како и при болести што се придружени со намалено создавање или зголемено распаѓање на еритроцитите, бројот на еритроцитите се намалува.

Градба

уреди

Кај еритроцитите се разликува клеточна мембрана, хемоглобин и строма.

Мембраната кај еритроцитите е составена од двоен липобелковински сплет. Еритроцитната мембрана е лесно пропустлива за вода и тоа во двете насоки, пред сè во зависност на осмотските услови. Така, ако еритроцитите се во хипертонична средина водата излегува од еритроцитите и тие се собираат. Карактеристичната појава на оштетување или разградување на клеточна мембрана на еритроцитите, поради што од нив излегува хемоглобинот, се нарекува хемолиза.[1]

Биохемиски состав

уреди

Еритроцитите во својот состав најмногу имаат вода (од 60% до 67%), а содржат и мало количество соли. Од органските соединенија во еритроцитите има јаглехидрати, масти, фосфатиди, белковини. Од белковините најважен е хемоглобинот кој претставува 32% од тежината на еритроцитите или над 90% од протоплазмата на еритроцитите.[2]

Ако нема доволно црвени крвни зрнца, тогаш човек може да се чувствува исцрпен и слаб. Тој може да биде блед и лесно да се заморува затоа што телото не го добива сиот кислород што му е потребен. Недостатокот на еритроцити се вика анемија,слабокрвност.

Наводи

уреди
  1. Учебник по биологија за трета година на реформираното гимназиско образование стр.85
  2. Учебник по биологија за трета година на реформираното гимназиско образование стр.86