Ханс Закс

германски мајстор-пејач, поет, драматург и чевлар

Ханс Закс (германски: Hans Sachs; 5 ноември 149419 јануари 1576) — германски мајстор-пејач („мајстерзингер“), поет, драматург и чевлар, истакнат книжевен деец на реформацијата. Застапен е како главен лик во две познати опери — „Ханс Закс“ (1840) од Алберт Лорцинг и „Нирнбершките мајстори-пејачи“ (1868) на Рихард Вагнер.

Ханс Закс на дрворез од Михаел Остендорфер

Животопис

уреди

Закс е роден во царскиот град Нирнберг, во семејство на кројач. Како дете ја посетувал школата за пеење во градската црква, што во него ја поттикнало љубовта кон поезијата и музиката.[1] Се образувал во латинско училиште, па на возраст од 14 години почнал да чиракува за чевлар.

По чиракувањето, на 17-годишна возраст станал калфа и тргнал на патешествие (валц) со други како него за да стекне мајсторско искуство на разни места.[1] Неколку години го работел чевларскиот занает во повеќе градови како Регенсбург, Пасау, Салцбург, Минхен, Оснабрик, Либек и Лајпциг.[2]

 
Витембершкиот славеј (1523)

Во 1513 г. престојувал во гратчето Велс во Австрија, каде останал извсно време, посветувајќи се на уметноста.[1] Еден ден низ местото поминувал светиот римски цар Максимилијан I со неговата велелепна придружба. Понесен од раскошот на неговиот двор, младиот поет му се придружил[1], за царот му дал сместување во неговиот дворец во Инсбрук. Подоцна Закс го напуштил дворот и заминал за Минхен.

Истата година, Закс решил да стане чирак кај платнарот Линхард Нуненбек, но овојпат учејќи за мајстор-пејач. Во 1516 г. се вратил во Нирнберг, каде останал до крајот на животот. Во 1519 г. се оженил за Кунигунда Кројцер. Во 1560 г. таа починала, па Закс следната година се преженил, овојпат за младата вдовица Барбара Харшер. Колку што е познато, немал деца.

Реформацијата претставувала големо вдахновение за Закс, кој во 1523 г. напишал пофална песна за Лутер („Витембершкиот славеј“, 1523) и четири извонредни прозни дијалози во кои ја изразува неговата поддршка за реформаторот, но и го советува на умереност. Неговата поддршка за новата вероисповед наишла на критики кај градскиот совет на Нирнберг, кој воедно му забранил да издава повеќе такви дела. Сепак, набргу и самиот совет ја прифатил реформацијата со отворени раце.[2]

Творештво

уреди

Закс напишал околу 6000 различни дела, иако точниот број зависи од тоа дали некои дела се сметаат за самостојни. Неговата творечка плодност е особено извонредна, имајќи предвид дека сето време Закс редовно работел и како чевлар, бидејќи мајсторските пејачи не наплаќале.

Во неговото творештво се вбројуваат:

  • мајсторски песни (Meisterlieder) — околу 4.200 на број
  • други книжевни и градски песни
  • покладни песни
  • трагедии
  • комедии
  • прозни дијалози
  • басни
  • веронаучни расправи
 
Споменик на Закс во Нирнберг, дело на Јохан Конрад Краусер

Особености на делата

уреди

Мајсторските песни не се издавале во јавноста, бидејќи биле наменети исклучиво за Школата на мајстори-пејачи во Нирнберг, каде Закс бил водечки творец. За најзначајни се сметале неговите „говорни песни“ (Spruchgedichte), во кои спаѓаат и драмските дела. Неговите „трагедии“ и „комедии“ сепак се само приказни во дијалог, поделени на чинови со паузи. Закс не бил запознаен со драматургијата и неговите дела немаат облик на вистински драмски дела.

Делата се тематски разновидни, црпејќи од различни извори: Библијата, класиците и особено, италијанските писатели. Закс бил најуспешен во жанрот наречен „покладна претстава“ (Fastnachtsspiel), каде ликовите и хуморот се поважни од драмското устројство на делото.

Некои од неговите фарси се изведуваат и во денешните театри.

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 2009 Jean Henri Merle D'Aubign, History of the Great Reformation of the Sixteenth Century in Germany, Switzerland. General Books
  2. 2,0 2,1   Chisholm, Hugh, уред. (1911). „Закс, Ханс“ . Encyclopædia Britannica (11. изд.). Cambridge University Press.

Надворешни врски

уреди