ХС „Маврово“

(Пренасочено од ХЕЦ Маврово)

Хидроенергетскиот систем Маврово (ХЕС Маврово) со трите хидроелектрични централи:

  • ХЕЦ Вруток,
  • ХЕЦ Равен и
  • ХЕЦ Врбен,
Контролната кула кај Мавровската брана
Браната на Мавровското Езеро
Мавровското езеро е дел од хидро-електросистемот „Маврово“
Надземен дел од цефководот долг 130 километри

со вкупна акумулација од 275.000.000 м3 вода и можност за годишно производство од 430 GWh електрична енергија е еден од најголемите и најсложените хидроенергетски системи во македонскиот електроенергетски систем.

  • ХЕЦ Врбен и ХЕЦ Равен се проточни електрани, а
  • ХЕЦ Вруток, која е и најголема хидроелектрана во Македонија, е акумулациона.

Вкупната инсталирана моќност на ХЕС Маврово изнесува 200 MW.

Организациски, ХЕС Маврово е подружница во рамките на претпријатието АД ЕЛЕМ.

Историја

уреди

Изградбата на хидросистемот започнала во 1948 година.

Во 1957 и 1958 во ХЕ Вруток се пуштени два агрегати со моќност од по 37,5 MW, а една година подоцна пуштени се во погон и ХЕ Равен (19,2 MW) и ХЕ Врбен (12,8 MW), со што се оформи првата фаза од изградбата на Мавровскиот хидроенергетски систем.

Името на хидроенергетскиот систем Маврово во 1982 година се сменило во ХЕЦ „Тито“, во чест на тогашниот претседател на СФРЈ, Јосип Броз.

Според некои податоци, во изградбата на системот, преку доброволни работни акции и работно ангажирање, учествувале околу 50.000 луѓе.

Првата фаза од изградбата почнала во 1947 година, а завршила по 13 години - во 1960 година. За успешното работење било неопходно да се направи акумулација на вода. Во 1952 година почнало да се полни најголемото вештачко езеро во Македонија, Мавровското. Водите што се влеваат во езерото се собираат од површина од над 500 км2 од планининските масиви на Кораб и Шар Планина. Водата се пренесува со канали и цевководи долги над 130 километри. Со изградбата на доводните структури се изградени и пристапни патишта од 167 километри за одржување на системот.

За да се обезбедат поголеми количества електрична енергија, почнала изградбата на втората фаза на системот наречен Маврово 2. Во овој период е изграден системот од канали „Шарски води“, чија изградба почнала во 1969, а завршила во 1977 година.

ХЕС „Маврово“ е во погон од 27 мај 1957 година, кога на голем народен собир во селото Вруток во употреба го пуштил тогашниот претседател Јосип Броз - Тито.

За речиси половина век има произведено 17,5 милијарди киловат-часови електрична енергија.

Најголем капацитет е хидроцентралата „Вруток“, во која електрична енергија произведуваат четири генератори, неколку километри подолу по течението на Вардар кон Гостивар е втората централа „Равен“, која има три генератори. Најоддалечената централа од системот е онаа во селото Врбен, со два генератора.

Во 2014 година беше завршен еден од најсложените енергетски зафати изведени во Република Македонија - реализација на втората фаза од ревитализацијата на хидроелектраните во сопственост на АД ЕЛЕМ. Проектот овозможи:

  • продолжување на животниот век на хидроелектраните и нивните придружни градежни објекти, како и зголемување на нивната сигурност,
  • зголемување на капацитетот на акумулацијата Маврово за 32,55 милиони м3 вода со дополнителен капацитет на акумулацијата од 20 милиони м3 вода/годишно и
  • зголемување на инсталираната моќност за дополнителни 18,58 MW или вкупна инсталирана моќност од 200 MW.

Со тоа се зголемува годишното производство на електрична енергија за 40 GWh/годишно или вкупното производство на ХЕС Маврово до 430 GWh за трите електрани.[1]

Загинување на 52 градежници

уреди
 
Споменик за загинатите градители на ХЕЦ Маврово

Ноќта меѓу 10. и 11 февруари во 1956. година, снежни лавини се урнаа врз бараки и куќи по долината на реката Радика, во селата Стрезимир, Штировица и месноста Торбешки Мост, при што во бараки и куќи беа затрупани над 100 работници, кои го градеа мавровскиот хидроенергетски систем, граничари и жители. Во трагедијата животот го загубија 52 лица, а десетици беа навреме извлечени.

Во спомен на овој настан, подигнат е Споменикот на градителите пред браната на Мавровско Езеро, а во Маврово традиционално се одржува и меѓународниот натпревар во нордиско скијање „Мавровски меморијал“.

Наводи

уреди
  1. „Мавровски систем - ЕСМ“. esm.com.mk. Посетено на 3 февруари 2021.

Надворешни врски

уреди