Мавровски меморијал

Мавровски меморијал е традиционален меѓународен натпревар во скијачко трчање (нордиско скијање) кој се одржува секоја година на патека околу Мавровското езеро.

Натпреварот е меморијален во чест на загинатите градители на Хидросистемот „Маврово“, во ноќта меѓу 10. и 11 февруари во 1956. година, кога снежни лавини се урнаа врз бараки и куќи по долината на реката Радика, во селата Стрезимир, Штировица и месноста Торбешки Мост, при што во бараки и куќи беа затрупани над 100 работници, кои го градеа мавровскиот хидроенергетски систем, граничари и жители. Во трагедијата животот го загубија 52 лица, а десетици беа навреме извлечени.

Натпреварите се состојат од две дисциплини:

  • скијачко трчање на патека од 30 км и
  • спринт на патека од 1.500 м.

Традиционално, на Мавровскиот меморијал учествуваат нордијци од балканските и од други земји.

Првиот натпревар е одржан во 1960 година. До 2005 година е одржан вкупно 43 пати. Отпрвин најголеми успеси имале Арсe Авакумовски и Димитар Смилевски од Скијачкиот клуб „Момир Андоновски“ од Маврово, а подоцна и други скијачи, особено од СК „Мечкин Камен“ во Крушево и СК „Пелистер“ во Битола.