Фафнир
Фафнир (староисландски: Fáfnir) — во нордиската митологија бил син на кралот Храјдмар и брат на Регин и Отр. Откако ќе биде погоден од проклетството на златото и прстенот на Андвари, Фафнир се претвора во змеј и е убиен од Зигфрид.[1] Спомнат е во „Поетската еда“, „Прозната еда“ и „Сагата за Волсунзите“, а се појавува и во тетралогијата на Рихард Вагнер, „Прстенот на Нибелунзите“. Во 2015 г., Меѓународниот астрономски сојуз ја именувал ѕвездата 42 Драко во чест на овој лик од нордиската митологија.[2]
Приказна
уредиФафнир бил син на моќниот крал Храјдмар. Бил ковач. Имал брат, Регин, кој исто така бил ковач, и уште еден брат, Отр, кој можел да го менува обликот. Кога Один, Локи и Хенир не сакајќи го убиле Отр, кој се претворил во видра, Фафнир, Регин и Храјдмар се налутиле и се заколнале дека нема да ги пуштат сѐ додека не им донесат доволно богатство колку што вреди Отр.
Им ставиле синџири од кои не можеле да се ослободат. Сметале дека е праведно ако Локи отиде и најде доволно богатство колку што вреди Отр. Локи отишол и го нашол џуџето Андвари, кое се претворило во штука под еден водопад.
Локи го фатил и го мачел сѐ додека не му кажел каде е богатството. Тоа било огромно богатство, полно со разни скапоцености и злато. Андвари му рекол дека ќе му даде сѐ, освен еден прстен. Локи не сакал да му го остави прстенот, па џуџето го проколнало прстенот, бидејќи тој прстен бил највредното од сите богатства. Всушност, баш тој прстен го создал сето тоа големо богатство.
Локи го донел богатството и имал намера да го скрие прстенот, но Храјдмар барал повеќе, па Локи, иако неволно, го предал и прстенот. Кралот ги пуштил да си одат. Меѓутоа, синот на кралот, Фафнир, бил толку маѓепсан од огромното богатство што една ноќ го убил својот татко и го украл богатството. Тој му наредил на Регин да го однесе богатството во едно од неговите дувли.
Фафнир бил толку маѓепсан од тоа проклето богатство што би го убил секој што ќе помине покрај неговото дувло. На крајот, Фафнир се претворил во злобна влечуга, познатиот змеј Фафнир. Подоцна бил прободен во стомакот и убиен од Зигфрид, кој му го изел срцето и така го научил говорот на птиците, откако направил ров во земјата за да ја исцеди отровната крв на Фафнир. Така ги слушнал птиците како велат дека Регин е предавник и имал намера да го убие. Зигфрид го зел тоа богатство за себе.[3]
Наводи
уреди- ↑ „Fafnir | Giant, Dragon, Hoarder | Britannica“. www.britannica.com (англиски). Посетено на 2023-11-09.
- ↑ „The Approved Names“ (англиски). МАС. Архивирано од изворникот на 2018-02-01. Посетено на 2018-02-19. Занемарен непознатиот параметар
|deadlink=
(се препорачува|url-status=
) (help) - ↑ „THE NORDIC LEGEND OF FAFNIR“. Autumn Dragon (англиски). 2022-03-23. Посетено на 2023-11-09.