Три животи и само една смрт
Три животи и само една смрт (француски: Trois vies et une seule mort) - француски филм од 1996 година, во режија на Раул Руиз, кој е автор и на сценариото заедно со Паскал Боницер. Главните улоги ги играат: Марчело Мастројани, Ана Галјена, Мелвил Пупо, Кјара Мастројани, Мариса Паредес, Ариел Домбасле, Лу Кастел итн. Ова е последниот филм во кој глумел Марчело Мастројани.[1]
Синопсис
уредиВо филмот се раскажуваат неколку приказни кои се меѓусебно порвзани. Во првата приказна, сопругот на Марија (ја игра Паредес) излегува надвор и запознава непознат стар човек, кој му плаќа пари за да поразговара со него. Непознатиот се претставува како Матео Страно (го игра Мастројани), поранешниот сопруг на Марија. Матео го убива сопругот на Марија, а потоа, како ништо да не се случило, влегува во куќата на Марија, која веднаш го прифаќа. Во втората приказна, професорот Жорж Викерс (го игра Мастројани) заминува на Сорбона каде треба да одржи предавање, но наеднаш се предомислува, излегува на улица и почнува да живее како питач. Од непознати причини, сите луѓе му даваат пари, така што другите љубоморни питачи го напаѓаат. Нему му помага проститутката Тања (ја игра Галјена) и тие се спријателуваат. Набргу, умира мајка му на професорот и тој и Тања се вселуваат во неговиот стан. Сепак, по некое време, тој повторно станува питач, а во меѓувреме открива дека тања била успешна деловна жена која сопругот ја натерал да се занимава со проституција. Во третата приказна, Мартин (го игра Пупо) и Сесил (ја игра Кјара Мастројани) се млад пар на кои непознат човек редовно има испраќа пари, а исто така им помага да најдат работа. Еден ден, тие добиваат вест дека непознатиот добротвор умрел и во наследство им го оставил дворецот во близината на Париз. Тие се вселуваат во дворецот во кој се наоѓа стариот батлер (го игра Мастројани). Батлерот им кажува дека тој е нивниот добротвор и бара да му го дадат новороденчето кое го остава пред влезот на станот на Марија. Во последната приказна, стопанственикот Лик Аламан (го игра Мастројани) ја напушта својата сопруга Хелена (ја игра Домбасел), а потоа ги посетува Марија, Тања, Хелена и Сесил при што се однесува необично, како во него истовремено да се содржат професорот Викерс, батлерот и Матео. Најпосле, тој се среќава со детето Карлос, кое му дава револвер, а потоа оди во ресторан каде се среќава со Сесил, Хелена, Марија и Тања и меѓу нив почнува вооружена престрелка. Откако го напушта ресторанот, тој пак се среќава со детето и со него се упатува кон кејот на Сена.