Трајче Јанчевски (Куманово, 29 јануари 1928 - Скопје, 4 февруари 2015) — еден од најистакнатите македонски сликари.

Трајче Јанчевски
Роден 29 јануари 1928
Куманово,  Кралство Југославија
Починал 4 февруари 2015
Скопје, Македонија Македонија
Занимање сликар

Животопис

уреди

Јанчевски е роден на 29 јануари 1928 година во Куманово во скромно семејство како трето дете. Неговиот татко Коста имал сопствена пекарница (во приземјето на семејната куќа) во која правел вкусни и убаво украсени пецива, сомуни и леб, а мајка му Павлина била домаќинка. Од најраното детство малиот Трајче го развива чувството за моделирање. Тие почетоци ќе се случат во пекарницата, каде што заедно со својот брат и сестрите ќе го учи татковиот занает. Во родниот град го завршува основното образование, а средно уметничко училиште го завршил во Скопје 1949 година кај професорите Никола Мартиновски и Лазар Личеноски. Академија за применета уметност завршил во 1954 година во Белград. Таму, поради забележаниот исклучителен талент му било дозволено паралелно да заврши и сценографија. Од 1955 до 1957 година работел како професор по ликовно образование во Куманово. Во периодот 1964-1965 бил на специјализација во Париз. Од 1957 до 1988 г. работел како сценограф во Драмскиот театар во Скопје, а извесен период и како вонреден професор на Педагошката академија.

Учества, награди и признанија

уреди

Учествувал на бројни национални и интернационални изложби, почнувајќи од Петтата интернационална изложба на современа уметност во Њу Делхи (заедно со Пикасо, Шагал, Миро, Руо и др.), Интернационална изложба на современа уметност во Париз и др. За своите врвни уметнички остварувања со вонвременски ликовни вредности е добитник на бројни национални и инернационални награди. Во 1984, Награда „11 Ноември“ на град Куманово, во 1989, Награда „11 Октомври“ зас животно дело на Македонија и во 2007 г. награда на ДЛУМНерешки мајстори“. Јанчевски во 1964 година ја добил наградата на фондацијата „Моша Пијаде“, во 1975 стана член на IAA AIAP UNESCO, во 1992 Издавачката куќа „Монд“ од Париз го претставува во едицијата „Мајстори и уметници од светот на 20 век“ и печати поштенски марки со две негови дела, во 1993 Издавачката куќа „Монд“ од Париз го претставува во „Златната книга на колекционери и љубители на уметноста“ со делото „Птичји ритуал“, во 1994/5 г. застапен е во едицијата “Who is Who” во меѓународната уметност во Лозана-Швајцарија, во 1996/97 г. од истата едиција е избран меѓу најзначајните светски уметници, а неговото дело „Во закрила“ е печатено во специјални изданија со поштенски марки.

Го има добиено престижниот „Златен медал“ за француска заслуга и посветеност во име на уметноста и културата од Академијата за ликовна уметност и култура за Средна Европа во Париз. Истата година е прогласен за член на „Академијата за ликовна уметност и култура за Средна Европа“. Американскиот биографски институт го вклучува меѓу најзначајните 1000 умови во светот и го одбира како дел од „Милениумската временска капсула“ за зачувување информации за идните времиња. Му била доделена и престижната награда „Златен медал“ од Американскиот биографски институт за „возвишени поединци“ од целиот свет кои со својот труд придонесуваат за социјално, научно, економско или политичко подобрување на своето општество.

По тешко боледување, Трајче Јанчевски починал во Скопје на 4 февруари 2015 година.[1]

Наводи

уреди
  1. ИН МЕМОРИАМ -ПОЧИНА СЛИКАРОТ ТРАЈЧЕ ЈАНЧЕВСКИ. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 2015-02-11.

Надворешни врски

уреди