Топлички манастир
Топлички манастир — средновековен манастир во областа Железник во југозападниот дел од Македонија.[1] Манастирот се наоѓа во месноста Топлица, меѓу селата Жван, Слоештица и Бабино.
Поглед на манастирската црква „Св. Никола“ | |
Информации | |
---|---|
Целосно име | Топлички манастир |
Други имиња | Манастир „Св. Никола Топлички“ |
Манастир на: | МПЦ - ОА |
Основан | XIV век |
Посветен на | Свети Никола |
Епархија | Преспанско-пелагониска |
Цркви | Црква „Св. Никола“ |
Личности | |
Основач (и) | Димитар Пепиќ |
Место | |
Место | месност Топлица, (меѓу селата Жван, Слоештица и Бабино) Општина Демир Хисар Македонија |
Координати | 41°17′05″N 21°05′31″E / 41.28472° СГШ; 21.09194° ИГД |
Видливи остатоци | 1 црква |
Отворен за јавноста | да |
Други информации | (Сопотничка парохија) |
Во минатото, манастирот бил не само религиозен, туку и културно-просветен и книжевен центар. Во негов склоп се наоѓала манастирската црква, како и конаци во коишто имало библиотека и училиште.
Потекло на поимот
уредиМанастирот името го добил по месноста „Топлица“, а овој топоним е добиен по местото коешто е оградено со планини и е заштитено од студените ветрови, така што зимите секогаш биле топли.[2]
Историја
уредиМанастирот бил основан со изградбата на првобитната манастирската црква некаде во XIV век, а со подоцнежните археолошки ископувања било утврдено дека истата била подигната на местото на постар објект со базиликален облик од V-VI век, чиј обиколен ѕид делумно бил искористен како темел за изградба на црквата.[3] Во текот на XVI век, црквата била срушена, по што била обновена и зографисана.[2] Во тој период, манастирот освен како религиозен прераснал и во културно-просветен и книжевен центар. Низ вековите во него се одвивала плодна книжевна, препишувачка и преведувачка дејност, а свои записи оставил само книжевникот Макарија Топлички, кој за себе не оставил никакви позначајни податоци.[4]
Денес, од објектите што се наоѓале во рамки на манастирот е зачувана само црквата, која е запуштена и оставена во лоша состојба. Нејзините ѕидови се растресуваат како последица на минирањето на карпите во околниот каменолом. Во внатрешноста на црквата, олтарниот простор, наосот и страничните параклиси се во многу лоша состојба. Во црквата долго време нема богослужба, а внатрешноста нема црковен мебел или каков било инвентар.[2]
Градби
уредиЦрква „Св. Никола“
уредиЦрквата во нејзиниот првобитен облик најверојатно била изградена во XIV век, на што укажуваат двослојните фрески зачувани на нејзиниот западен ѕид. Таа била градена од кршен камен и кал, и од неа денес се зачувани само западниот ѕид, западниот влез, а најверојатно и подот од камени плочи поставени во средишниот дел на наосот во вид на медалјон. Со археолошките ископувања во 1982 и 1984 година било утврдено дека најстарата средновековна црква била еднокорабна градба која лежела на местото на постар објект со базиликален облик од V-VI век, чиј обиколен ѕид делумно бил искористен како темел за изградба на црквата.[3] Во текот на XVI век, црквата била срушена и обновена, а нејзин ктитор станал кратовскиот кнез Димитар Пепиќ. Како доказ за тоа служи и главниот ктиторски натпис во наосот на манастирскиот собор над западната врата од 1536-1537 година, според кој црквата е изградена во времето на игуменот јеромонах Павнутие кој бил потпомогнат од Кир Димитар Пепиќ.[2]
Црквата има базиликален облик со по два доѕидани параклиса на јужната и северната страна, како и дополнителна просторија на западната страна. Главната апсида на олтарскиот простор е нагласена и однадвор е втопена во ѕидна маса. Лево и десно од неа се наоѓаат нишите на олтарниот простор и ѓаконик, кои исто како и главната олтарска апсида однадвор се втопени во ѕидна маса. Олтарскиот простор своевремено бил одделен од наосот со иконостас, но денес од него денес нема остатоци освен лежиштето на подот и сликаните бордури на страничните ѕидови.[5]
Конаци
уредиПо примерот на најзначајните средновековни манастири, во склоп на Топличкиот манастир имало и конаци. Во нив биле сместени библиотека и училиште. Сепак, поради запуштеноста на манастирот, тие се распаднале и срушиле, така што денес не постојат.[4]
Галерија
уреди-
Фреска на Исус Христос седнат на престол, со Богородица од левата и Свети Јован Претеча од десната страна
-
Детаљ од фреската на Исус Христос
-
Фреска на ктиторот на црквата Димитар Пепиќ
-
Икона на којашто е прикажано Успението на Богородица со Св. Козма Маумски и Св. Јован Дамаскин
-
Влезот во манастирската црква
-
Страничен поглед на црквата
-
Издолжен поглед на црквата
-
Дел од постарите темели на црквата
Наводи
уреди- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 Ќорнаков, Димитар (2009). Македонски манастири. Скопје: Матица македонска. стр. 204–210. ISBN 9989-48-558-5.
- ↑ 3,0 3,1 Митревски, Никола (2003). Споменици на фрескоживописот од XVI и XVII век во Демирхисарско. Прилеп: Матица македонска. стр. 15. ISBN 9989-48-512-7.
- ↑ 4,0 4,1 Манастир „Св. Никола Топлички“ Жван-Слоештица Архивирано на 11 август 2016 г., официјално мрежно место на Општина Демир Хисар.
- ↑ Спахиу, Јехона (2012). „Сликарството во наосот на северниот параклис на Топличкиот манастир“ (PDF). Скопје: Културно наследство. стр. 217.
Надворешни врски
уреди- Топлички манастир на Ризницата ?