Томислав Настевски


Томислав Настевски (Ѓорче Петров, Општина Ѓорче Петров, 4 август 1973Љуботенски Бачила, Љуботен (Скопско), 10 август 2001) — македонски бранител, војник од резервен состав на АРМ и учесник во воениот конфликт во Македонија во 2001 година. Загинал на 10 август 2001 заедно со седуммина соборци, откако камион на АРМ полн со муниција налетува на две нагазни мини поставени на шумскиот пат на правецот ЉубанциЉуботенски Бачила на Скопска Црна Гора, на околу 5 км од селото.[1]

Томислав Настевски
04.08.1973 – 10.08.2001 (28 г.)

Роден во:Ѓорче Петров (населба), Скопје, СР Македонија
Починал во:Љуботенски Бачила, Македонија
Служба во:Македонија Македонија
Чин: Војник од резервен состав
Битки/војни:Војна во Македонија 2001
Одличја: Медал за храброст

Животопис

уреди

Живот, војната 2001 и сведоштва

уреди

Томислав Настевски е роден на 4 август 1973 година во населбата Ѓорче Петров во Скопје. Завршува средно образование. Пред да биде мобилизиран беше невработен. Работел сѐ и сешто, најчесто физички работи, само за да обезбеди егзистенција за семејството. Поради тешкотиите во животот, тој ја праќа сопругата заедно со синчето во село на одмор. Ден потоа се јавил од касарната Илинден, од каде што заминале на теренот во близина на селото Љуботен. Томе останува полни два месеца на фронтот. Првиот месец си доаѓал дома почесто. За вториот месец велел дека му дошле други старешини кои многу поретко го пуштале да доаѓа дома. Затоа, пак, редовно комуницирале преку телефон. Неколку дена пред да загине во Заседата кај Љуботенски Бачила, Томислав се повредува и ја шинува ногата. Иако тешко одел, цели две недели не го пуштале да си дојде дома. Неговиот старешина му рекол: Ако не можеш да одиш на позиција, не можеш да одиш и дома. Томислав останал со шината нога до крајот. Неговата сопруга отишла во одморалиштето кај Љубанци каде што им била базата да му однесе „руска вода“ за да го масира отокот на ногата. Многу тешко се движел, ногата му била завиткана во завој, не можел да носи каква било обувка. Подоцна, на почетокот на август, доаѓал дома двапати. На 4 август му било роденден. Го прославувале роденденот со побегнатите роднини од Тетово. На 7 август последен пат дошол да се види со сопругата и синчето. На 10 август, дента кога требало да си дојде, Томислав загинува во Заседата кај Љуботенски Бачила.

За да биде трагедијата поголема, всушност умира тешко ранет во камионот, бидејќи спасувачите го заборавиле.[2] Според соборец на Томислав, откатко се случила експлозијата, тој бил жив уште три часа колку што се чекало да стигне помошта. Очајно барал помош но — другарот, исто така, тешко ранет — не можел ништо да стори. Успеал само да му довикне: Снајди се некако, издржи додека дојде помошта. Томислав се довлечкал до камионот и се сокрил внатре или под него, постојано барајќи помош. Некој од војниците му дал газа и тој ги притискал раните, но и натаму обилно крварел. Екипите за извлекување успеале да стигнат на местото на настанот дури по околу три часа. Веројатно не го виделе, или сметале дека е мртов. А тој бил жив, барем како што кажува сведокот. Во меѓувреме, како што кажал сведокот, некој војник се симнал од одморалиштето кај камионот и ги штител ранетите и убиените од нападите на терористите кои се обиделе да се симнат од Љуботен. Да не бил тој војник, веројатно сите ранети ќе биле измасакрирани од терористите за да нема сведок.

Томислав зад себа ја оставил својата сопруга и својот тогаш пет и полгодишен син. Посмртно е одликуван со Медал за храброст од Претседателот на Р Македонија.[3]

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. „Цвеќе за жртвите кај Љуботенски Бачила“. Утрински Весник. 10 август 2014. Посетено на 2015-08-27.[мртва врска]
  2. „Татковино, за што загинавме?“, Македонска книга 2002, стр. 180 – 182.
  3. „Медал за храброст за сите загинати припадници на вооружените сили на Република Македонија“. MKD.mk. 17 август 2012. Архивирано од изворникот на 2019-03-29. Посетено на 2018-01-29.