Томас Пинчон (англиски: Thomas Ruggles Pynchon Jr., 8 мај 1937, Њујорк, САД) — американски писател.

Животопис уреди

Томас Пинчон е роден на 8 мај 1937 година во Њујорк. Студирал физика на Универзитетот Корнел, но кон крајот на втората година ги напуштил студиите и стапил во американската морнарица. Во 1957 година се вратил на Корнел студирајќи англиски јазик и книжевност, а дипломирал во 1959 година, по што во текот на две години работел во Боинг. По објавувањето на третиот роман „Винижитото на гравитацијата“, Пинчон го свртел вниманието поради одбивањето да се појави во јавноста, што предизвикало бројни гласини за неговиот идентитет. Во 1997 година, телевизиската куќа Си Ен Ен успеала да го сними, а Пинчон се согласил да даде интервју под услов да не бидат објавени фотографиите. Пинчон живее на Менхетн, во Њујорк.[1]

Творештво уреди

Првото дело на Пинчон, расказот „Ситниот дожд“ е објавено во 1959 година, а првиот роман „V“ го објавил во 1963 година и за него ја добил Фокнеровата награда за најдобар роман. Неговото творештво е скромно по обем и се состои од само неколку романи и раскази. Сепак, тој се смета за еден од најважните и највлијателни американски писатели во втората половина на 20 век, кој дал голем придонес кон бројните книжевни експерименти — од постмодернизмот, хиперлитературата до киберпанкот. Неговата книжевност се сфаќа како мозаик и како игра, како бескраен лавиринт од можни толкувања, а неговите текстови се структурирани во форма на сложени загатки чија порака не може целосно да се дефинира ниту да се исцрпи. Основните елементи на неговото творештво се: бескрајното умножување на светот и на претставите за него, метафората на мрежата, комбинацијата на црниот хумор и фантазијата со цел да го наслика човечкото отуѓување во хаосот на модерното општество. Според Давид Албахари, книжевните ликови на Пинчон настојуваат да не бидат дел од никаков систем, да излезат од нивните омеѓени простори и да преминат во зоната во која најцелосно може да се оствари слободата на духот и на телото. Трите главни точки во поетиката на Пинчон се паранојата, ентропијата и теоријата на информациите. Во неговата проза има влијанија од бројни книжевни правци, но тој често го користи и јазикот на науката со цел попрецизно да го изрази парадоксот на светот во кој напорот за создавање ред носи уште поголем неред. Така, трите основни елементи на неговата проза зборуваат за загубата на светот, на стварноста, на енергијата и на смислата. Пичнон е важен и како извонреден хроничар на времето, и тоа како хроничар од „задната“ страна на времето, страната на популарната култура и на технологијата. Исто така, тој може да се чита и од политичката страна: на пример, неговиот расказ „Тајната интеграција“ е мало ремек-дело кое ги допира расните проблеми во САД во 1950-тите. И воопшто, тој е еден од најдлабоките согледувачи на американската култура кој и ден-денес влијае врз книжевните трендови и врз елитниот дел од американската јавност. Живеејќи во целосна анонимност (на пример, тој не дозволувал неговата фотографија да биде ставена во неговите дела), Пинчон успеал до себе да направи мит за писател кој стои наспроти комерцијално-конзумеристичката американска јавност.[2]

Библиографија уреди

Пинчон е автор на следниве дела:[3]

  • „Ситниот дожд“ (The Small Rain, расказ, 1959)
  • „Смртност и милост во Виена“ (Mortality and Mercy in Vienna, расказ, 1959)
  • „Низоземје“ (Low-Lands, расказ, 1960)
  • „Ентропија“ (Entropy, расказ, 1960)
  • „Под розата“ (Under the Rose, расказ, 1961)
  • „V“ (роман, 1963)
  • „Тајната интеграција“ (The Secret Integration, расказ, 1964)
  • „Светот (Овој), месото (Г-ѓа Едипа Мас) и завештанието на Пирс Инверарити“ (The World (This One), the Flesh (Mrs. Oedipa Maas), and the Testament of Pierce Inverarity, расказ, 1965)
  • „Повикувањето на бројот 49“ (The Crying of Lot 49, роман, 1966)
  • „Стегнување“ (The Shrink Fits, 1966)
  • „Виножитото на гравитацијата“ (Gravity's Rainbow, роман, 1973)
  • Бавен ученик“ (Slow Learner, збирка раскази, 1984)
  • „Винланд“ (Vineland, роман, 1990)
  • „Мејсон и Диксон“ (Mason and Dixon, роман, 1997)

Некои од расказите на Пинчон се преведени на македонски јазик: расказот „Ситниот дожд“ е објавен во првиот број на списанието „Маргина“, а подоцна во ова списание е објавен и расказот „Смртност и милост во Виена“. Во 2004 година, издавачката куќа Темплум го објавила скратената верзија на збирката „Бавниот ученик“ со наслов „Тајната интеграција“.[4]

Наводи уреди

  1. „Белешка за авторот“, во: Томас Пинчон, Тајната интеграција, Темплум, Скопје, 2004, стр. 189-190.
  2. „Белешка за авторот“, во: Томас Пинчон, Тајната интеграција, Темплум, Скопје, 2004, стр. 187-190.
  3. „Белешка за авторот“, во: Томас Пинчон, Тајната интеграција, Темплум, Скопје, 2004, стр. 190.
  4. „Белешка за авторот“, во: Томас Пинчон, Тајната интеграција, Темплум, Скопје, 2004, стр. 191.