Тереза Дескејру (француски: Thérèse Desqueyroux) - роман на францускиот писател Франсоа Шарл Моријак од 1927 година.

Содржина

уреди

Романот се состои од пролог и од 13 глави.

Дејството во романот почнува така што Тереза Дескејру излегува од судот во едно мало место, откако штотуку добила ослободителна пресуда. Надвор ја чека нејзиниот татко, господинот Жером Ларок, кој сака што побрзо да се забошоти случајот, бидејќи има намера да се кандидира на изборите за сенатот. Надвор од градот ја чека кочија којашто ја носи до железничката станица во Низан, каде што се качува на возот за Аржелуз, каде што се наоѓа нејзиниот дом. Додека патува, таа е вознемирена од скорешната средба со нејзиниот сопруг, господинот Бернар Дескејру, кој со неговата лажна изјава ѝ помогнал да ја добие ослободителната пресуда. Затоа, таа се подготвува за соочувањето со него, а истовремено се сеќава на настаните што му претходеле на судењето:

Тереза го поминала детството во малото место Аржелуз, дружејќи се со Ана де ла Трав, посестрата на нејзиниот иден сопруг. Тереза се омажила со Бернар со цел двете најбогати семејства во околината, Ларок и Дескејру, да ги здружат своите имоти. Уште на денот на нејзината венчавка, на Тереза ѝ станале одрватни нејзиниот брак со Бернар и здодевниот живот во Аржелуз. За време на нивното свадбено патување во Париз, Тереза добила неколку писма од Ана во кои таа ѝ раскажува за својата љубов кон соседот Жан Азеведо. Меѓутоа, семејството на Ана не било согласно на таа врска, зашто имало други планови за нејзината иднина. Оттука, Ана привремено отпатувала, а Тереза ја презела задачата да го убеди Жан да ја прекине врската. Кога Тереза се сретнала со Жан, тој ѝ кажал дека никогаш немал сериозни намери во врска со Ана. Истовремено, за време на краткотрајното дружење со него, Тереза слушала за возбудливиот и слободен живот во Париз. Кога се вратила од патувањето, Ана била скршена до заминувањето на Жан, но постепено му се потчинила на семејството и се согласила да се омажи со Дегилем. Мразејќи го својот здодевен живот во Аржелуз, Тереза случајно добила идеја како да се ослободи од својот сопруг, кој во тоа време почнал да пие мали дози арсен. Еднаш, таа ги фалсификувала рецептите на домашниот доктор и од аптеката зела поголема доза различни отрови, а потоа систематски го труела Бернар чие здравје почнало драстично да се влошува. Меѓутоа, подоцна бил откриен фалсификатот и Тереза била обвинета за убиство на сопругот. Сепак, за да се сочува угледот на семејството, Бернар ја потврдил лажната изјава на Тереза дека не ги фалсификувала рецептите, туку дека ги добила од некој непознат човек.

Кога Тереза пристигнува дома, Тереза воопшто нема можност на Бернар да му ја раскаже својата приказна, зашто тој веднаш ѝ ги соопштил своите услови: во интерес на угледот на семејството, тие ќе продолжат да живеат заедно; таа не смее да излегува од дома; а ќерката Марија ќе отпатува со свекрвата на Тереза и со Ана. Кога останува сама во собата, Тереза најпрвин ја посетува ќеркичката, а потоа го зема пакетчето со отровот што го набавила од аптеката, со намера да се убие, но токму тогаш во собата влегува слугинката со веста дека умрела нејзината тетка Клара. Така, случајот ја спасува Тереза од смртта. По некое време, Бернар заминува од дома и Тереза останува да живее сама во Аржелуз, каде почнува телесно да пропаѓа и им се препушта на фантазиите и соништата. Подоцна, во Аржелуз се враќаат Бернар и Ана, заедно со нејзинито свршеник Дегилем и Бернар ѝ ветува на Тереза дека ќе ја ослободи по свадбата на Ана. Еден мартовски ден, Бернар и Тереза седат во една кафеана во Париз и тој ја прашува за нејзиниот мотив за обидот за убиството. Тереза се обидува да му објасни, но тој не сака да поверува во нејзината приказна. Потоа, тој си заминува, а таа останува сама, задоволна што конечно останала сама, далеку од здодевниот провинциски живот.[1]

Осврт кон делото

уреди

„Тереза Десејру“ е едно од најуспешните остварувања на Моријак, дело што ги содржи сите црти карактеристични за неговото дело. Во романот, Моријак се претставува како сликар на страстите на една злосторничка жена; како психолог, тој се доближува до длабочината на психоанализата; како сликар на општеството, тој дава претстава за здодевниот провинциски живот на едно граѓанско семејство, заслепено во желбата за зголемување на имотот. Исто така, во романот е присутна и темата на самотијата, засилена со декорот типичен за романите на Моријак - пустиот крај во околината на Бордо. Сепак, главната одлика на романот е силата и возбудливоста во сликањето на главниот лик, Тереза, на која Моријак ѝ се навраќал и подоцна: така, таа се појавува во една епизода на делото „Она што беше изгубено“; нејзе ѝ е посветен и романот „[[[Крајот на ноќта]]“; таа се појавува во збирката „Нуркања“; и најпосле, Моријак зборува за неа и во својот „Дневник“. За разлика од вообичаената постапка применета во другите дела на Морија, каде што ликовите често доживуваат неочекувана трансфрормација, во овој роман, главниот лик останува доследен на себе до крајот, со што тој добива на вистинитост.[2]

Наводи

уреди
  1. Fransoa Morijak, Tereza Deskejru. Beograd: Rad, 1964.
  2. Mihailo Pavlović, „O piscu Tereze Deskejru“, во: Fransoa Morijak, Tereza Deskejru. Beograd: Rad, 1964, стр. 109-111.