Татковци и предци
„Татковци и предци“ (српски: Очеви и оци) — роман на српскиот писател Слободан Селениќ од 1985 година.
Содржина
уреди- Прва глава: Стеван Медаковиќ, кој со својата сопруга Елизабета две децении живее изолирано во дел од својот стан во Белград (во 1945 година, власта го одзема другиот дел од станот и во него се населува мајорот Шиљак), се присетува на своето минато: Во 1924 година, 22-годишниот Стеван заминува на студии во Бристол, каде се сместува во пансионот на госпоѓицата Трики. Во текот на првите три недели по пристигнувањето во градот, Стеван се дружи со соседот Роберт Рекам, но нивното дружење наеднаш се прекинува кога Стеван открива дека Рекам е хомосексуалец. Стеван е син на богатиот трговец Милутин, кој е чесен човек и голем патриот. Мајка му на Стеван умира за време на породувањето по што Милутин ја најмува жената Ранка (која неговите деца ја викаат Нанка) за да се грижи за неговите две деца. Стеван е воспитан во духот на српската историја, но соочен со англиската стварност, тој почнува да ги преиспитува своите српски погледи на светот. Во еден бар, Стеван се запознава со колешката Елизабет Блејк во која се заљубува на прв поглед.[1]
- Втора глава: Набргу, Елизабет го запознава со Рејчел (Рашела), Еврејка од Белград која е омажена за нејзиниот роднина Арчибалд. Од Рејчел, Стеван дознава дека на 18-годишна возраст Елизабет со омажила за богатиот 34-годишен Ричард Харис, но веднаш по првата брачна ноќ се вратила дома и набргу се развела.[2]
- Трета глава: Есента 1925 година, Стеван и Елизабет се венчаваат и се селат во Белград. Елизабет полека се привикнува на новата средина и за своите искуства ѝ пишува на Рејчел, опишувајќи ги објективно добрите и лошите страни на белградскиот живот (навиките на луѓето, градската хигиена, државните службеници итн.). Набргу, Елизабет останува бремена и пролетта 1926 година, таа и Стеван се селат во нов стан, а во меѓувреме, Стеван работи на докторатот.[3]
- Четврта глава: Стеван станува професор на правниот факултет. Иако ја мрази политиката и не учествува во политичкиот живот, сепак, во текот на 1938-1939 година, по толкувањето на два члена од уставот, тој е повикан во владата, а потоа, во неколку наврати се дружи и со кнезот Павле. Така, тој е вовлечен во политичкиот живот, но успева да се извлече од политичките сплетки околу наследувањето на кралскиот престол. Подоцна, тој ја одбива поканата на неговиот ментор за членство во Српскиот културен клуб, а гледајќи ги распадот и бедата на српското и југословенското општество, тој започнува да го преиспитува својот патриотизам. Стеван се присетува на последниот ден од престојот во Бристол, кога првпат води љубов со Елизабет, како и на нејзината бременост и на раѓањето на синот Михајло. Тогаш, Елизабет станува целосно посветена на грижата за синот, така што го запоставува сопругот во текот на неколку години. Михајло расте под влијанието на Елизабета, а Стеван не успева да воспостави блиски односи со синот.[4]
- Петта глава: Во март 1940 година, во своето писмо до мртвата Рејчел, Елизабет ги опишува студените односи меѓу Стеван и Михајло, како и несериозниот Стеван кон научната работа. Исто така, таа пишува и за ненадејните промени во однесувањето на Михајло, кој за време на гимназиските денови наеднаш почнува да се срами од своето англиско потекло и од својата црвена коса, и повеќе не сака да го зборува англискиот јазик, трудејќи се по скеоја цена да стане чист Србин. Во тоа време, тој наеднаш ја прекинува својата приврзаност кон мајка си.[5]
- Шеста глава: За време на Втората светска војна, во текот на првите две години од окупацијата на Белград, семејството Медаковиќ речиси не го напушта домот и тогаш Стеван се зближува со Михајло. Меѓутоа, пролетта 1943 година, Михајло ги освојува марксистичките идеи, а потоа сака да им се придружи на партизаните, а за неоставарената намера го обвинува татко си. Поради тоа, веднаш по ослободувањето на Белград, Михајло активно се вклучува во младинската организација и учествува во обновата на градот. Истовремено, Стеван е ангажиран како правен советник во претседателството на АВНОЈ, но веднаш ја согледува заблудата на своето политичко дејствување, сфаќајќи дека е само искористен од новата власт. Во тоа време доаѓа до остар судир меѓу Стеван и Михајло, кој ги осудува своите родители поради нивното граѓанско потекло.[6]
- Седма глава: Во април 1945 година, Елизабет работи како преведувачка за британската амбасада и тогаш му станува љубовница на Патрик Вокер, службеник во амбасадата, а таа постапка ја оправдува со желбата да најде утеха поради оддалечувањето на Михајло, оддалеченоста од родната земја и неприфатеноста во српската средина.[7]
- Осма глава: Елизабет е повикана на испитување во ОЗНА, но таа ја одбива понудата за соработка. Тогаш, за време на острата кавга со Михајло, Стеван отворено ја искажува својата омраза кон него, а истата ноќ, Михајло заминува на Сремскиот фронт. Каејќи се за својата постапка, Стеван бара помош од високите раководители во власта, но без успех, а две недели подоцна, Михајло погинува. Стеван заминува во Срем, го откопува мртвото тело на синот и го закопува во семејниот гроб. Тогаш, Стеван го зафаќа очај и тој се обвинува себеси за смртта на синот, а Елизабет се повлекува во себе, а во септември 1945 година заминува на кратко патување во Англија. Следниет 20 години, Стеван и Елизабет живеат осамено и без воља за живот.[8]
За делото
уредиВо својата книга „Историја на книжевноста на Источна Европа по 1945“, Харолд Б. Сигел пишува дека „Татковци и предци“ е најдобриот роман на Селениќ во кој вешто се испреплетуваат една полувековна семејна сага со општествената драма од таа епоха. Притоа, во ова дело, Селениќ дава пресек на замрсената српска и југословенска политичка сцена пред Втората светска војна и ги осудува не само комунистичкиот режим во Југославија, туку и националистичката политика на своите сонародници.[9]
Наводи
уреди- ↑ Slobodan Selenić, Očevi i oci (deseto izdanje). Beograd: Laguna, 2023, стр. 7-80.
- ↑ Slobodan Selenić, Očevi i oci (deseto izdanje). Beograd: Laguna, 2023, стр. 81-97.
- ↑ Slobodan Selenić, Očevi i oci (deseto izdanje). Beograd: Laguna, 2023, стр. 98-119.
- ↑ Slobodan Selenić, Očevi i oci (deseto izdanje). Beograd: Laguna, 2023, стр. 120-205.
- ↑ Slobodan Selenić, Očevi i oci (deseto izdanje). Beograd: Laguna, 2023, стр. 206-233.
- ↑ Slobodan Selenić, Očevi i oci (deseto izdanje). Beograd: Laguna, 2023, стр. 234-284.
- ↑ Slobodan Selenić, Očevi i oci (deseto izdanje). Beograd: Laguna, 2023, стр. 285-301.
- ↑ Slobodan Selenić, Očevi i oci (deseto izdanje). Beograd: Laguna, 2023, стр. 302-358.
- ↑ Slobodan Selenić, Očevi i oci (deseto izdanje). Beograd: Laguna, 2023.