Стојан Апчевски
Стојан Апчевски ― ликовен уметник од Македонија.
Стојан Апчевски | ||
Роден | 1936 Баница, Кралство Грција | |
---|---|---|
Починал | 2012 Битола, Македонија | |
Народност | Македонец | |
Занимање | сликар, дизајнер, педагог |
Животопис
уредиАпчевски е роден во 1936 година, во селото Баница, околината на Лерин, Егејскиот дел на Македонија. За време на Граѓанската војна во Грција биле ликвидирани неговите родители.Стојан бил дел од децата бегалци за време на Граѓанската војна во Грција. Тој со голем број други деца заминал за Битола, каде што растел во дом и каде што го завршил основното образование.[1].
Дипломирал на Училиштето за применета уметност во Скопје. Завршил и виша педагошка школа во Ниш, Србија, Југославија[2].
Бил член е на Друштвото на ликовни уметници на Битола и негов долгогодишен претседател. Работел како просветен работник,предавал ликовно образование низ повеќе училишта во Битола. Покрај тоа, активно се вклучил во дополнителното образование на низа талентирани млади, од областа на ликовната уметност. Бил еден од главните кои ги откривал и образувал младите таленти и ги поттикнувал за нивната професионална определба. Благодарение на оваа негова посветеност, бил иницијатор, за продолжувањето на школувањето и оформувањето на нниза истакнати ликовни творци од Битола како што е Димче Николов, Боге Димовски и други.
Бил автор на многубројни самостојни и колективни изложби.
Творештво
уредиВо почетокот неговото дело се одликува со елементи на лирска апстракција - светли бои, енергични централни композиции, хармонија на тоналитетите. Подоцна овие елементи добија апстрактно-асоцијативна конотација, а неговото подоцнежно творештво се одликува со драмски експресионизам.
Опусот на Апчевски, се развивал, надополнувал по одредена траекторија во која е вградена сериозна коресподенција со современите ликовни изрази забележани по творечките центри на Југославија а и пошироко[3].
Ликовниот израз на Апчевски е целосен експресионизам во контекс на шист експресионизам релевантен на многу ликовни дострели во творечките центри како во Југославија така и пошироко. Често, делата, ги „покривал“ со наслови кои носат одредена поетичност, настојувајќи да не оддалечи од суштината на неговиот вистински драматичен креативен пат.
Создавал брзо, енергично, со потези кои не познаваат никакво досликување, „педантност“ или фино, нежно китење.
Директно, бил соочен пред платното, создавал галерија на човечката трагедија, затскриена со условна апстракција, зад која се нанесени сите наслаги на болката, до густина која ја надминува и најголемата тежина. Тоа се спомени, белешки, регистрирани, дофатени со исклучителна брзина, постапка која не е во пресметаност да не биде заборавена или намален интезитетот на мислата, туку да отворта брз пат на следните „белешки“ кои се богато мемориско и мисловно постоење.Колористичката гама исто така е далеку од компромисност. Таа не се занимава со нијанси или колористички варијации. Таа е директна, вклучувајќи ги елементарните бои како алфа и омега на изразот.
Во цртежите, навидум е малку посмирен, особено во почетокот, иако и тука покажува одредена нетрпеливост кон реалното, движејќи се кон брзо и директно прикажување на мотивот без претензии да разубавува или дотерува - непосреден, директен, па макар и на своја штета во одредени сегменти. Искрен, отворен, целосно посветен на ликовниот универзум.
Во графиката, изградил воглавном две насоки.
Едната е реализирана најчесто во техника -ситопечат-доста педантно и чисто поставени, енергичната линаија ја спитомува, елегантна, во своевиден триптихтен композициски полимпсест, исполнет со разработки кои се во хармонија со линискиот систем.
Другиот сегмент на реализирани графики се изведени во линорез и дрворез, потполно слободно поставени, грубо, без „пресметливост“, често потполно оддадени на случајноста, на препушеноста кон самостојноста и непредвидливоста на отпечатокот. Своевидно акционо графичко исполнување, покарактеристично за сликарствот. Сепак, акционо и не оптоварено во позитивна смисла.
Севкупното творештво на Стојан Апчевски, гледано во целина, е своевиден храбар, бескомпромисен, неконвенционален, оригинален, творечки темпераментен и силен чин и крик, поставен наспроти сите дилеми, трагедии, пустоши на животот.
Неговиот опус изграден повеќе од четириесет години, потребно е да се среди, да се открие, колку што може и да се вгради во сигурните, значајни достигања на сликарството во Битола и Македонија како особен феномен со своја чиста сликарска и оригинална стилистика, симболизам и нескротлив темпермент со кои се надоврзува до најзначајните експресионистички остварувања во балкански формат.
Позначајни изложби
уредиАпчевски реализирал низа значајни самостојни и групни изложби:
- Неколку истакнати самостојни изложби во галеријата „ Моша Пијаде “ Битола во периодот од седумдесеттите до деведесеттите години на дваесеттиот век
- Самостојна изложба во Нови Сад, 1979
- Самостојна изложба во Крагуевац, 1981
- Самостојна изложба во Скопје, 1982
- Самостојна изложба во Стохолм, Шведска,
- Учествувал на низа групни изложби:
редовно учество на годишните изложби на друштвото на ликовните уметници од Битола
Учество на Меѓународното графичко триенале во Битола: 1994, 1997, 2000, 2003, 2008 година
Неговите дела се наоѓаат во низа збирки на институции приватни колекции во земјава и странство.
Награди
уредиДобитник е на низа награди за ликовна уметност на град Битола и Република Македонија. Автор е на грбот на Општина Битола за кој добил и специјална награда[4].
Библиографија
уреди- Владо ЃОРЕСКИ - ЛИКОВНОТО ТВОРЕШТВО НА СТОЈАН АПЧЕВСКИ, Зборник на трудови бр.19, Битола, 2016
Наводи
уреди- ↑ Etničkite promeni vo Makedonija : 1913-1995
- ↑ Значајни личности за Битола - култура
- ↑ „ЛИКОВНОТО ТВОРЕШТВО НА СТОЈАН АПЧЕВСКИ“ (PDF). Архивирано од изворникот на 2022-04-19. Посетено на 2022-05-20.
- ↑ Стојан Апчевски