Специјален резерват на природата Горно Подунавје

заштитено природно подрачје во Србија

Горно Подунавје е специјален резерват на природата кој се наоѓа во Војводина. Резерватот е остаток од некогашните пространи поплавени подрачја на Подунавјето. Го прават неколку одвоени целини: Моншторско мочуриште, Апатинско мочуриште и подрачјето на Штрпац, Козара и Карапанџа. Се наоѓа во алувијалната рамнина и тераса на левиот брег од Дунав, со надморска височина од 80-88 метри, со изразен микрорелјеф веднаш до границата со Унгарија до Богоево, во должина од 64 км и површина од 19,648 хектари. 

Горно Подунавје во близина на Апатин

Положба

уреди

Подрачјето на резерватот е збир од водени и копнени екосистеми. Најголемата површина ја заземаат мочуришниот тип на шуми кои секогаш се поплавуваат. Вакви изворно сочувани биотопи ретко можат да се најдат во Европа. Заедно со десниот брег и поплавуваните предели на Барања во Хрватска, кои се познати како Копачко мочуриште, и со поплавуваните области Карапанџа во Унгарија, тие заедно прават една природна целина.

Особености

уреди

Геолошката градба е претставена со квартерни творби кои прават слој на плиоценски седименти. Земјата ја создаваат алувијалните речни наноси и тоа воглавно свеж алувиум, кој секогаш одново се таложи при секое излевање на Дунав. Се јавува и мочуришно земјиште со слој на глеа во долните слоеви, а на повисоките места се среќава мочуришна црница и чернозем, со појава на одделни места на солена земја. Дунав со својот тек, заедно со неговите меандри и поплавени места, дава основен белег на Горното Подунавје. Бавно течејќи, Дунав во овој предел прави ракавци, меандри, забавени текови, и се разлива во бари и мочуришта. Специјалниот резерват на природата Горно Подунавје е значаен центар на биоразновидност. Постои висок степен на диверзија на вегетациски типови кои се претставени со 156 различни синтаксономски единици во рамки на 14 класи, 18 редови, 32 фамилии и 51 растителни родови, кои заедно сочинуваат преку 1000 растителни видови. Од фауната присутни се: 55 вида на риби, 11 вида водоземци, 9 вида на влекачи, 230 вида на птици и 51 вида на цицачи. Постојат и голем број на безрбетници, од кои се издвојуваат пеперутките, со преку 60 видови на дневни пеперутки.

Заштита

уреди

Поради своите исклучителни природни вредности, Горно Подунавје, во 1989 година, беше прогласено за меѓународно значајно живеалиште на птици (ИБА). Горно Подунавје е составен дел на потенцијалниот резерват на биосфера Драва-Мура и се наоѓа на списокот на потенцијално важни подрачја за впишување во списокот на Рамсарската конвенција.

Поврзано

уреди

Надворешни врски

уреди