Соба со пијано
Соба со пијано — македонски игран филм од 2013 година, во режија на Игор Иванов Изи.
„Соба со пијано“ | |
---|---|
Плакатот на филмот | |
Режисер | Игор Иванов Изи |
Главни улоги | Наташа Петровиќ Јовица Михајловски |
Музика | Чили Гонсалес |
Премиера | 15 септември 2013 |
Времетраење | 103 минути |
Земја | Македонија |
Јазик | македонски |
Основни податоци
уредиРежисер на филмот „Соба со пијано“ е Игор Иванов Изи, додека сценариото е дело на Жанина Мирчевска и Игор Иванов Изи. Кинематограф и продуцент на филмот е Томи Салковски, а музиката е дело на пијанистот и композитор Чили Гонсалес. Главните улоги во филмот ги играат: Наташа Петровиќ како собарката, Васил Зафирчев како стопанственикот и како Ира, Ива Крајнц како Ева, Тортсен Вогеш како Виктор, Невена Ристиќ како Нина, Јагода Кумриќ како Гога, Дениз Абдула како Азиз, Фирдаус Неби како Илмаз, Светозар Цветковиќ како пијанистот, Игор Стојчевски како Петар и Симона Спировска како Марта. Исто така, како специјални гости во филмот се појавуваат и британските глумци Мајк Сарн и Тони Палмер, како и еден од најнадежните германски глумци Ханес Вегенер. Премиерно, филмот бил прикажан во Битола, во рамките на 14. Меѓународен фестивал на филмската камера Милтон Манаки.[1] Во октомври 2014 година, филмот бил прикажан и на 50. издание на Меѓународниот филмски фестивал во Чикаго, а филмот бил достапен и на познатите видеоплатформи „Ајтјунс“, „Гугл“ и „Амазон“. Во ноември 2014 година, филмот бил прикажан и на Филмскиот фестивал на источните соседи во Хаг.[2]
Содржина
уредиПред многу години, за време на своето гостување во Скопје, Виенската филхармонија била сместена во еден хотел. Најголемата соба во хотелот била резервирана за пијанистката, која неколку денови пред настапот вежбала на концертното пијано. На заминување, шефот на оркестарот му рекол на управникот на хотелот дека возилото кое треба да го пренесе пијаното било расипано, така што за некој ден ќе дојде друго возило за да го земе пијаното. Оттогаш, поминале многу години, но никој не дошол да го земе пијаното и тоа останало во хотелската соба. Вака започнува приказната за пијаното и собата во која се одвива целокупното дејствие на филмот. Потоа, во филмот се прикажуваат личните приказни на повеќе специфични ликови, кои се случуваат во собата: познатиот хирург Виктор, кој често доаѓа во хотелот на тајни средби со неговата љубовница Ева; двете тинејџерки Нина и Гога, кои првпат доаѓаат во хотелот во рамките на училишната екскурзија при што меѓу нив се раѓа љубов; Азиз и Илмаз се турски шофери на камион; еден угледен стопанственик ја изнајмува собата за да се претвора во жена - Ира; пијанистот, кој некогаш бил угледен и славен, а денес е само обичен скитник, ја открива тајната што ја крие старото пијано од марката „Аугуст Ферстер“; Петар и Марта се штотуку венчани, без денар во џебот, но со паркирана „Јамаха“ пред хотелот. Различните приказни на овие ликови се испреплетуваат преку централниот лик во филмот - собарката.[1]
Режисерот Иванов вака ја објаснува главната поента на филмот:
„Отсекогаш ми изгледала возбудлива теоријата дека целиот живот се содржи во секој негов момент, исто онака како што колку повеќе се занимавам со оваа уметност, ми станува сè повозбудлива теоријата дека секој еден филм е содржан во секој негов кадар. Соба со пијано е приказ на бесмислата на нашиот живот или пак на смислата на животот наспроти бесмислената реалност.“[3]