Мадемско

историско-географска област на Халкидик, Егејска Македонија
(Пренасочено од Сидерокапса)

Мадемско (од турски: maden - „рудник“; грчки: Μαντεμοχώρια, Мадемохорија; поново: Σιδηροκαύσια, Сидерокавсија) — историско-географска област на Халкидичкиот Полуостров во Егејска Македонија, денес во Грција. Главно населено место во областа е гратчето Леригово. Традиционалното занимање на мадемските села е рударството — рудниците за сребро во планината Пијавица (Стратоник).[1]

Алтан на Сулејман Величествениот искован во Мадемско, 1519/20 г.

Областа опфаќа 12 села од денешните општини Аристотел и Полигеро: Галачишта, Вавдос, Казанџи Маала, Стано, Варвара, Леригово, Ново Село, Извор, Ревеник, Ерисово, Долна Равна и денес напуштеното Хоруда.[1][2] Како што може да се види од нивните имиња, ова во минатото биле македонски села.

Носии од с. Вавдос, Мадемско (фолклорната колекција)

Древномакедонските рудници на ова место се споменуваат кај античките автори. Рударската дејност продолжила и во римскиот период, но подоцна замрела со проработувањето на богатите рудици на злато и сребро во Шпанија. Дејноста е возобновена во византискиот период. Од IX век областа за Византијците била позната како Сидерокавсија или Сидерокапса. Со доаѓањето на Османлиите во почетокот на XV век, халкидичките рудници доживеале повторен расцут. Имало околу 500-600 печки во кои се произедувале цинк и олово, а рударите плаќале данок од по една на секои 12 унци сребро. Во XVI и XVII век областа наизменично доживувала периоди на подем и пад.[1] Во Мадемско имало и државна монетковница.

Францускиот патописец и природонаучник Пјер Белон го посетил Мадемско во 1549 г. и напишал за неговото бугарско население:

Оние кои работат во рудниците на Сидерокапса, се собрани од разни народности и говорат различни јазици, како словенски, бугарски, грчки, турски, албански... Рударите, кои сега работат се главно од бугарска народност.[3]

Дваесетината мадемски села уживаат особени привилегии и имале статус на слободни. На чело стоел управник наречен Мадем-ага. Како обезбедување на рудници на сребро е создаден корпус од 10.000 лица собран од месните села. Оваа слобода им овозможила да земат активно учество во Халкидичкото востание во 1821 г. за време на Грчката војна за независност, и при неговото задушување биле разорени.[1][2] Во XIX век жителите на областа продолжиле да се занимаваат со рударство. Месното рударство претрпело силен удар со основањето на француско-отоманското претпријатие „Касандриски рудници“ во 1893 г.[2]

Според грчкиот публицист Атанасиос Стагиритис, кој предавал грчки во Виена на почетокот на XIX век, на Халкидичкиот Полуостров се среќаваат паланки, села, планини и други места со македонски имиња: Извор, Стан, Ново Село итн. Зачувани се кажувања и песни на грчки во кои има македонски поими и имиња на староседелските Македонци. Според него, тоа подрачје веќе нема Македонци, како што ги има околу Солун и на други места.[4] Меѓутоа, според податоците на хилендарски калуѓери во средината на XIX век во Ново Село и соседното Извор сè уште се зборува македонски, а во 1900 г. имало извесни стари лица кои го помнеле македонскиот јазик. Патувајќи од Солун за Света Гора во 1850-те, охридскиот општественик Васил Дијамандиев слушал како по селата се пеат македонски жетварски песни, иако населението веќе ја разбирало смислата на зборовите.[5]

Личности

уреди

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 „Η ιστορία των μεταλλείων“. Δήμος Αριστοτέλη. Посетено на 20 јуни 2014.
  2. 2,0 2,1 2,2 „Arnaia. A Brief History“. Center of Environmental Education of Arnaia. Посетено на 18 јуни 2014.
  3. Belon, Pierre. Les observations de plusieurs singularitez et choses memorables trouvées en Grèce, Asie, Judée, Egypte, Arabie et autres pays étrangèrs, Paris, 1553, p. 100.
  4. „Иванов, Йордан. Българите в Солунско. Исторически бележки, 1934“. Архивирано од изворникот на 2011-09-23. Посетено на 2019-11-24.
  5. Кънчов, Васил. Македония. Етнография и статистика. София, 1900, стр.74-75.

40°30′58″N 23°46′59″E / 40.516° СГШ; 23.783° ИГД / 40.516; 23.783