Светска трговска организација

Светска трговска организација или СТО; англиски: World Trade Organization (WTO), француски: Organisation mondiale du commerce, шпански: Organización Mundial del Comercio) — меѓународна организација која ги поставува „правилата на трговијата“ помеѓу земјите-членки. СТО е наследник на ГАТТ и нејзината основна цел е намалувањето на ограничувањата во меѓународната трговија. СТО претставува наднационална институција со статус на правно лице. Седиштето на СТО се наоѓа во Женева, Швајцарија, а во неа членуваат 164 земји. Секоја членка на СТО е должна да им го обезбеди на другите статусот на најповластена земја во трговијата, т.е. трговските концесии кои земјата ѝ ги дала на некоја земја мора да им ги даде и на сите други земји членки на СТО. Иако СТО започнала да функционира на 1 јануари 1995 година, нејзините корени потекнуваат од мултилатералните преговорите во рамките на ГАТТ, познати како Уругвајска рунда, а кои траеле од 1986 до 1994 година. Македонија е членка на СТО од 2003 година.

Светска трговска организација
World Trade Organization
Organisation mondiale du commerce
Organización Mundial del Comercio
  Членки
  Членки, двојно претставени од ЕУ
  Набљудувачи
  Неучесници

Основана1995
Видмеѓународна трговска организација
ЦелНамалување на давачки и други трговски бариери
СедиштеЖенева, Швајцарија
Координати46°13′27″N 06°08′58″E / 46.22417° СГШ; 6.14944° ИГД / 46.22417; 6.14944
Регионцел свет
Членство164 [1]
Генерален директорНгози Окоњо-Ивеала[2]
Буџет197,2 милиони франци (о. 209 мил. долари) во 2018 г.[3]
Вработени640
Мреж. местоwto.org

Потекло

уреди

СТО била формирана на 1 јануари 1995 година, како замена на ГАТТ. Еден дел од прогресивните економски сили по завршувањето на Втората светска војна се залагале да се воспостави мултилатерален принцип на договарање во меѓународната размена, кој ќе биде заснован врз еднаквост, недискриминација и либерализација на надворешно-трговската размена. Токму за таа цел бил даден предлог да се формира Меѓународна трговска организација чија основна задача би била либерализација на меѓународната размена, пред сè во стоковната сфера, а потоа и во сферата на услугите. Единствен противник на оваа идеја била Велика Британија зашто правилата на меѓусебната размена во рамките на Комонвелтот се разликувале од правилата на размената меѓу Велика Британија и другите земји. Оттука, Британија не сакала големите привелегии што им ги обезбедувала на партнерите во рамките на Комонвелтот автоматски да се пренесат на сите трговски партнери што ќе ја потпишат мултилатералната спогодба за формирање на Меѓународната трговска организација. Затоа, Велика Британија настојувала да не дојде до формирање на ваква организација. Така, во 1947 година, на конференцијата одржана во Женева, каде што требало да се формира Меѓународната трговска организација, не дошло до потпишување на спогодбата од страна на најголемите сили. Наместо тоа, 23 најразвиени земји ја потпишале Општата спогодба за царини и трговија (ГАТТ).

ГАТТ

уреди

Примената на ГАТТ започнала во 1948 година. ГАТТ била заснована на три основни принципи:

  1. Принцип на либерализација - овој принцип значи отстранување на сите трговски и нетрговски пречки во меѓународната размена на стоки; меѓутоа, заради разликите во степенот на економската развиеност меѓу земјите, било дозволено националните економии да ја применуваат царинската заштита, но во догледно време да ја намалат и најпосле да ја укинат.
  2. Принцип на мултилатералност и конвертибилност - сите земји-членки на ГАТТ морале да се стремат кон обезбедување на макроекономска стабилност во своите економии како основен предуслов за повторно обезбедување на конвертибилност на своите национални валути, што пак е неопходно за обезбедување на принципот на мултилатералност во меѓународната рамена. Мултилатералноста во меѓународната размена подразбира можност за користење на позитивното салдо од трговската размена со една земја за покривање на негативното салдо од трговската размена со некоја друга земја.
  3. Принцип на недискриминација на трговските партнери - целта на овој принцип бил да обезбеди еднаков третман на трговските партенери, што се овозможувало со примена на клаузулата за најповластен третман на земмјите. Оваа клаузула ги обрзувала земјите-членки на ГАТТ, привелегиите што ќе ги обезбедат за некој од своите трговски партнери врз основа на билатерални преговори, автоматски да се пренесат на сите други трговски партнери, без да се преговара со нив.

Во рамките на ГАТТ преговорите за либерализација на надворешната трговија се воделе преку осум рунди. Секоја рунда вклучувала повеќе земји од претходната и тоа резултирало во драстично намалување на царините на индустриските добра. Просечните царини во индустријализираните земји прогресивно биле скратени од 40 % на помалку од 4 %. Повеќето нецарински пречки, како квантитативните органичувања, биле напуштени. Благодарение на ГАТТ, меѓународната трговија континуирано растела побрзо од светското производство (6% годишно наспроти 4% годишно).

Уругвајската рунда на преговори

уреди

Преговорите се нашле во ќорсокак во текот на Уругвајската рунда што започнала во 1986 година и траела цели осум години. Непосредно пред нејзиното започнување, дискриминацијата што ја наметнувале регионалните интеграции, особено ЕЕЗ, кон земјите надвор од преференцијалните трговски договори сè повеќе почнало да им пречи на високоразвиените земји (САД и Австралија). За нив, ЕЕЗ почнала да се претвора во вистинска трговска тврдина. Состојбата била особено неповолна во размената на земјоделските производи, каде што ЕЕЗ го штитела своето производство не само со високи царини туку и со режим на контингенти, истовремено форсирајќи го извозот на своите земјоделски производи по пат на интензивно субвенционирање од земјоделскиот буџет. Развиените земји, поддржани од некои поголеми економии од земјите во развој (како, на пример, Аргентина) побарале од ЕЕЗ да ги намали увозните пречки за овој вид производи за 75%, а извозните субвенции за 90%. ЕЕЗ прифатила да ги намали увозните давачки за 30%, но не прифатила никави измени на страната на извозните субвенции.

Неуспехот на ГАТТ се однесува на следново:

  1. ГАТТ не успеал да обезбеди либерализација на резимот на надворешнотровската размена на земјоделските производи. Изразениот протекционизам во ова производство бил присутен не само кај неразвиените, туку уште повеќе кај развиените земји.
  2. Појава на царинска ескалација. Во рамките на ГАТТ дошло до намалување на номиналните церински стапки на индустриските произоди од развиените земји, но намалувањето на царинските стапки за примарните производи било уште поголемо. Како резултат на тоа, дошло до царинска ескалација, односно се зголемила делотворната царинска заштита на индустриите во развиените земји и се влошил мегународниот ценовен однос за примарните производи со потекло од помалку развиените земји. Зголемените ефективни царински стапки за финалните индустриски производи ги дестимулирале земјите во развој. Влошените услови на размена довеле до прелевање на дел од нивната добивка во рацете на развиените економии.
  3. Од крајот на 1970-тите, дошло до зголемена примена на режимот на контингенти во развиените земји. Овој проблем бил забележан уште на Токиската рунда на преговори, но обидот за отстранување на нецаринските пречки во надворешнотрговскиот резим на развиените земји не ги дал очекуваните резултати.

СТО е долго одложениот наследник на очекуваната Интернационална Трговска Организација, која беше примарно наменета да го следи ГАТТ. Формирањето на

Цели, функции и организација

уреди

Според СТО, мултилатералниот систем на слободна трговија ги овозможува следниве придобивки:[4]

  1. овој систем го поттикнува мирот во светот
  2. овозможува конструктивно решавање на споровите меѓу земјите
  3. правилата им нудат придобивки на сите страни
  4. слободната трговија ги намалува трошоците на животот
  5. системот обезбедува повеќе избор во однос на производите и нивниот квалитет
  6. трговијата овозможува пораст на доходот
  7. трговијата го поттикнува економскиот раст
  8. основните принципи ја поттикнуваат ефикасноста
  9. владите се заштитени од лобирање
  10. системот поттикнува добро управување

СТО има три основни функции:[5]

  • да ги администрира трговските спогодби
  • да служи како форум за трговските преговори
  • да служи како тело за решавање на трговски спорови.

За разлика од многу други меѓународни организации, СТО има голема моќ на спроведување на своите одлуки, преку Телото за решавање на спорови, кое претставува меѓународен трговски суд кој има право да спроведува санкции врз државите кои не се придржуваат на правилата на СТО. Разрешувањето на трговските спорови е важна функција на СТО. Кога некоја членка смета дека другите членки не ги почитуваат правилата на СТО, таа поднесува жалба до СТО, која назначува независна експертска група за да го испита спорот. Најчесто, СТО ги поттикнува земјите да ги решаваат споровите меѓу себе и низ консултации. Ако таквиот начин не успее, тогаш постои пропишана постапка за решавање на споровите. Од 1995 година, СТО има посредувано во повеќе од 150 спорови.[5]

Седиштето на СТО се наоѓа во Женева и во него работат повеќе од 500 вработени, кои се ангажирани во организацијата на бројните конференции и им даваат поддршка на разните комитети. Највисокото тело на одлучување во СТО е Министерската конференција која се свикува барем еднаш на секое две години. На пониско ниво е Генералниот совет, кого го сочинуваат професионални функционери, а кој се состанува неколкупати годишно со цел да се разгледаат трговските политики и да се разрешат трговските спорови. Исто така, СТО има поткомитети, како што се Советот за стоки, Советот за интелектуална сопственост, а кои му поднесуваат извештаи на Генералниот совет.[5]

Членство

уреди

Земјата која сака да стане членка на СТО поднесува официјална пријава која подлежи на оценување. Разгледувањето на пријавата може да трае околу пет години. Најпрвин се оценува во колкава мера надворешнотрговските закони и политики на земјата се усогласени со принципите на СТО, а потоа следува фазата во која се разработуваат условите под кои земјата ќе влезе во СТО. За таа цел се спроведуваат преговори, најчесто на билатерално ниво, меѓу земјата која саката да се зачлени во СТО и поголемите земји-членки на СТО и во текот на тие преговори се расчистуваат евентуалните спорни прашања. Како резултат на тие преговори, најчесто на новата членка ѝ се дава привремен период во која таа треба постепено да ги намали нејзините трговски и пазарни ограничувања. Понекогаш, овие преговори може да бидат многу долги, како што е случајот со приемот на Кина во СТО (во 2000 година), коаг преговорите траеле речиси 15 години.[6] Во моментот на започнувањето со работа, во 1995 година, СТО имала 81 членка, а потоа, бројот на членките постојано се зголемувал.[7]

Рундата од Доха и другите чекори за либерализација на трговијата

уреди

Покрај рундите на преговори водени во рамките на ГАТТ, по основањето на СТО, во 2001 година започнала т.н. Рунда од Доха која сè уште не довела до некаква спогодба. Во меѓувреме, во рамките на СТО се водени преговори за намалување на трговските ограничувања на земјоделските прозиводи, производите од информациската технологија и финансиските услуги, како и во однос на т.н. „дампинг“, употребата на субвенциите и контрамерките, електорнската трговија и заштитата на интелектуалните услуги.[4]

Мерките против дампингот

уреди

Поимот „дампинг“ (Dumping) се однесува на случајот кога некоја фирма ги извезува своите производи по пониски цени од оние кои ги наплаќа на домашниот пазар. Членот 6 од спогодбата на СТО им дозволува на земјите-членки да преземат определени мерки кога ќе докажат дека дампингот предизвикува штетни последици за домашната економија. Најчестата мерка против дампингот е наметнувањето дополнителни увозни давачки со цел цените на странските производи да се усогласат со домашните цени. Притоа, СТО ги пропишува методите за утврдување на влијанието на дампингот, износот на дополнителните увозни давачки и времетраењето на мерките против дампингот.[4]

Третманот на субвенциите

уреди

СТО ги групира субвенциите во три групи: забранети (prohibited), субвенции против кои може да се преземат акции (actionable) и субвенции против кои не може да се делува (nonactionable). Некои субвенции се забранети затоа што се смета дека влијаат штетно врз надворешната трговија. Ако, пак, некоја членка на СТО докаже дека нечии субвенции се пристрасни (најчесто, ако субвенцијата изнесува над 5 % од вредноста на цената на производот), тогаш таа може да ја оспори таквата субвенција пред телата на СТО. Притоа, ако се утврди дека субвенцијата е забранета или против неа може да се делува, тогаш членките на СТО можат да наметнат давачки против таквите субвенции - т.н. „противтежни давачки“ (countervailing duties). Најпосле, на земјите им е дозволено да применуваат субвенции против кои не може да се делува, како: неспецифични субвенции и специфични субвенции за истражување и развој и за активности за развивање на конкурентноста. Исто така, во некои посебни случаи, субвенциите се дозволени и за неразвиените земји и региони.[8]

Наводи

уреди
  1. Members and Observers Архивирано на 10 септември 2011 г. at WTO official website
  2. Phillip Inman (15 February 2021). „Nigeria's Ngozi Okonjo-Iweala confirmed as WTO chief“. The Guardian. Посетено на 15 February 2021.
  3. „WTO Secretariat budget for 2018“. WTO official site. Архивирано од изворникот 9 May 2019. Посетено на 26 January 2019.
  4. 4,0 4,1 4,2 J. Ashok Robin, International Corporate Finance. New York: McGraw-Hill/Irwin, 2011, 351.
  5. 5,0 5,1 5,2 J. Ashok Robin, International Corporate Finance. New York: McGraw-Hill/Irwin, 2011, 354.
  6. J. Ashok Robin, International Corporate Finance. New York: McGraw-Hill/Irwin, 2011, стр. 351.
  7. Jeff Madura, International Financial Management (ninth edition). Thomson South-Western, 2008, стр. 44.
  8. J. Ashok Robin, International Corporate Finance. New York: McGraw-Hill/Irwin, 2011, 351-352.

Литература

уреди
  • Игор Јанев, UN and the international financial and economic organizations, publ. Institute of Political Studies, Belgrade, 2004.

Надворешни врски

уреди