Интелектуална сопственост
Интелектуална сопственост — израз кој вклучува повеќе различни типови на умствена активност за кои се признаваат посебни права и за коишто постојат посебни различни законски рамки. Иако овие права не се права на сопственост, сепак зборот сопственост се користи поради некои сличности. Сопствениците во оваа смисла добиваат ексклузивни права на различни нематеријални добра како што се музиката, литературата, пронајдоците и др. Законите во Република Македонија од оваа област ги вклучуваат законот за индустриска сопственост, законот за авторско право и сродните права, а во други јурисдикции постојат и други закони.
Концепт на интелектуална сопственост
уредиТворбите на човечкиот ум, односно интелект, се објект (предмет) на заштита на интелектуална сопственост. Интелектуалната сопственост, гледано најсеопфатно, ги претставува правата кои произлегуваат од интелектуалните активности во индустријата, науката, литературата и уметноста.[1] Истовремено, може да се каже дека интелектуалната сопственост се однесува на информација или на делови од информација кои се инкорпорираат во одредени предмети, во исто време во неограничен број копии на разни места во светот.
Во расветлувањето на проблематиката на интелектуална сопственост потребно е да се објасни поимот на сопственоста. Теоретичарите сметаат дека најважната особина на сопственоста се состои во тоа што сопственикот во основа може да ја употребува, односно да ја искористува сопственоста, неограничено во согласност со својата волја и потреби и дека никој не може злонамерно да ја употребува неговата/нејзината сопственост. Се разбира, постојат законски ограничувања на употребата, односно искористувањето на правото на сопственост.
Најопшто, сопственоста би можела да се категоризира во три групи сопственост, притоа земајќи го предвид обектот на сопственоста:
- сопственост врз подвижни ствари,
- сопственост врз недвижни ствари и
- интелектуална сопственост.
Конвенцијата за основање на Светската организација за интелектуална сопственост од 14 јули 1967 година, утврдува дека интелектуалната сопственост ги опфаќа правата што се однесуваат на: литературните, уметничките и научните дела; изведбите на уметниците-изведувачи, фонограмите и радио-телевизиските станици; пронајдоците од сите полиња на човековата активност; научните откритија; индустриски дизајн; трговски и услужни марки, комерцијални имиња и ознаки; заштита против нелојална конкуренција, како и сите други права поврзани со интелектуалната сопственост во индустриската, научната, книжевната и уметничката област.
Интелектуалната сопственост, вообичаено, се дели на две големи групи, и тоа:
- Индустриска сопственост
- Авторско право и сродни (соседски) права
Критики на интелектуалната сопственост
уредиКритики на терминот
уредиРичард Столмен бјаснува дека иако терминот интелектуална сопственост е во широка употреба, тој треба да биде отфрлен во целост, бидејќи „систематски ги искривува и збунува овие прашања и истиот е промовиран токму од оние што имаат корист од оваа забуна“. Тој тврди дека терминот „функционира како чадор за да собере заедно различни закони што имаат одвоено потекло, различно се развиле, покриваат различни активности, имаат различни правила и покреваат различни прашања за јавното закондавство“ и дека тоа создава „пристрасност“ со тоа што ги споредува овие монополи со сопственоста на ограничените физички предмети, со што ги изедначува со „правата на сопственост“[2] Сталман се залага за насловување на авторските права, патентите и трговски марки во еднина и предупредува против собирање на различни закони во колективен термин.
Право на индустриска сопственост
уредиПравото на индустриска сопственост е релативно нова правна дисциплина. Таа се развива со донесување на првите национални закони и со меѓународните конвенции- кои ја регулираат заштитата на индустриската сопственост на меѓународно рамниште, надвор од границите на една земја. Терминот индустриска сопственост потекнува од француското право, така што коренот на овој термин е содржан во текстот на првиот патентен закон во Европа, Францускиот закон за патенти од 1791 година. Поимот „право на индустриска сопственост“ или „индустриско право“ има повеќе значења: право на индустриска сопственост во објективна смисла; во субјективна смисла; како правна наука и како правна практика.
Во објективна смисла правото на индустриска сопственост може да се дефинира како збир на правни правила коишто ги нормираат правните односи во поглед на интелектуалните творби на полето на индустријата. Правото на индустриска сопственост во субјективна смисла може да се дефинира како право на творецот на конкретна индустриска творба, на полето на индустријата, во однос на неговата творба признато со објективното право. Содржината на правото на индустриска сопственост во субјективна смисла зависи од правните правила на право на индустриска сопственост во објективна смисла.
Видови права на индустриска сопственост
уредиМодерната доктрина и практика, под индустриска сопственост подразбираат збир на права утврдени со членот 1 од Париската конвенција за заштита на индустриска сопственост. Предмет на заштита, според Хашката ревизиона конференција[3] од 1925 година, се патентите, корисните модели, индустрискиот дизајн, фабричките и трговските марки, услужните трговски марки, трговското име, ознаката на географското потекло и сузбивањето на нелојалната конкуренција. Истовремено, поимот индустриска сопственост се подразбира во најшироко значење, па не се применува само на индустријата и трговијата во буквална смисла на зборот.
Во поново време, во индустриската сопственост се инкорпорораат и know-how, т.е. знаењето и искуство кое не е заштитено со исклучително право, бидејќи имателот на тоа знаење и искуство располага со него само додека не го отстапи на другите. Во најширока смисла know-how се однесува не само на техничкото знаење и искуство, туку и на знаењето и искуството од комерцијален, организационен, фискален и сличен карактер кое може да се примени во стопанското работење.
Со донесувањето и стапувањето во сила на Договорот за трговските аспекти на правата од интелектуална сопственост (ТРИПС), како права од индустриска сопственост се почесто се сметаат и трговската тајна (неоткриените информации) и топографијата на интегралните кола. Последниве неколку години се прават обиди во корпусот права од индустриска сопственост да се инкорпорира и името на доменот (domain name).
Карактеристично за сите овие права од индустриска сопственост е што тие можат да се групираат во две групи. Во првата група спаѓаат оние кои се правно заштитени, односно се регистрираат, и тоа: патент, корисен модел, индустриски дизајн, трговска марка, ознака на потеклото на производ и географска ознака, топографија на интегрално коло и домен име. Во втората група спаѓаат оние кои не се регистрираат, и тоа: трговска (деловна) тајна, односно неоткриена информација и know-how. Овие се штитат само преку правилата за заштита од дејства на нелојална конкуренција.
Авторско право
уредиТерминот авторско право потекнува од латинскиот збор auctor, што во класичниот латински јазик значел создавач, множител, творец, основач, втемелувач, зачетник и др. Авторското право се однесува на уметничките творби, односно на делата кои, по правило, се оригинални интелектуални творби во литературата, науката и уметноста. Всушност, сите национални закони за авторско право обезбедуваат заштита на: литературни творби; музички творби; уметнички творби; карти и технички цртежи; фотографски дела; кинематографски дела и компјутерски програми. Како, сродни права се сметаат правата на уметниците-изведувачи над своите изведби и правата на фонограмските, филмските и сценските продуценти, на РТВ организациитеи на издавачите на нивните фонограми, видеограми, сценски дела, емисии или изданија и сл.
Поимот „авторско право“ има повеќе значења: авторско право во објективна смисла; авторско право во субјективна смисла; како правна наука и како правна практика. Во објективна смисла авторксото право може да се дефинира како збир на правни правила коишто ги нормираат општествените односи во поглед на интелектуалните творби во областа на книжевноста, науката и уметноста. Авторското право во субјективна смисла може да се дефинира како право на авторот (творецот) на конкретно авторско дело во областа на науката, книжевноста и уметноста, во однос на неговата творба призната со објективното право.
Видови на авторски дела
уредиТргнувајќи од категоризацијата на авторски дела од член 2 став 1 од Бернската конвенција, македонскиот законодавец во член 3 став 2 од Законот за авторско право и сродни права направил соодветна категоризација на авторските дела. Притоа, како авторски дела, законот ги смета особено:
- пишано дело, како книжевно дело, напис, статија, прирачник, брошура, научен труд, расправа и слично;
- компјутерска програма, како книжевно дело;
- говорно дело, како говор, беседа, предавање и слично;
- музичко дело, со или без текст;
- драмско, драмско-музичко и куклено дело;
- кореографско и пантомимичарско дело, фиксирано на материјална подлога;
- форографско дело и дело создадено во постапка слична на фотографската;
- кинематографско и друго аудиовизуелно дело;
- ликовно дело, како слика, графика, скулптура и слично;
- архитектонско дело;
- дело од применетата уметност и дизајнот и
- картографско дело, план, скица, технички цртеж, проект, табела, пластично дело и друго дело со ист или сличен карактер од областа на географијата, топографијата, архитектурата или друга научна, образовна, техничка или уметничка природа.
Истовремено, како самостојно авторско дело заштитени се и преработките на авторските дела и на делата од народното творештво, збирките на авторски дела и дела од народното творештво и базите на податоци.
Сродни права на авторското право
уредиСродните права на авторското право се појавиле на крајот од 19 век, како резултат на новите пронајдоци (фонограф, грамофон, кинематографски апарат). Овој тренд продолжил и кон крајот на XX век, како резултат на развојот на дигиталната технологија и Интернет. Тие влијаат на појавата и признавањето на нови права кои се сродни на правото на авторот (правото на уметниците-изведувачи, правото на производителите на фонограми и правото на РТВ организациите). Секое од наведените сродни права има свој посебен предмет на заштита кој е сврзан, главно, со авторското дело. Сродните права се разликуваат од авторското право особено во поглед на носителот, предметот и траењето на правото.
Индустриската сопственост во Македонија
уредиВо 2016 година, во Македонија биле пријавени вкупно 1003 патенти, од кои 24 домашни и 979 странски. Истата година, бројот на пријавените индустриски дизајни изнесувал 325 (22 домашни и 303 странски), додека бројот на пријавените трговски марки изнесувал 5 569 (782 домашни и 4 787 странски). Една година подоцна биле пријавени 943 патенти (33 домашни и 910 странски), 288 индустриски дизајни (35 домашни и 253 странски) и 5 319 трговски марки (780 домашни и 4 539 странски). Во 2019 година бројот на пријавените патенти во Македонија изнесувал 1099 (49 домашни и 1 050 странски), бројот на индустриските дизајни изнесувал 279 (34 домашни и 245 странски), а бројот на трговските марки изнесувал 4 439 (870 домашни и 3569 странски). Набљудувано од земји, во вкупниот број на пријавените патенти во Македонија во 2019 година, 342 поднесители на патенти биле од САД (31,1%), 130 од Германија (11,8%), 69 од Британија (6,3%) и 57 од Швајцарија (5,2%). Во пријавите на индустрискиот дизајн, 76 биле од Швајцарија (27,8%), 37 од Германија (13,6%) и 30 од Франција (11%), додека учеството на македонските пријави изнесувало 12,18%.[4]
Извори
уреди- „Интелектуална сопственост и индустриска сопственост“, автори: Мирјана Поленак-Аќимовска, Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Владо Бучковски, Валентин Пепељугоски. — Скопје: Правен факултет „Јустинијан Први“, 2004. — 394 стр.
- „Авторско право“, автори: Јадранка Дабовиќ-Анастасовска и Валентин Пепељугоски. — Скопје : Правен факултет „Јустинијан Први“, 2006.-370 стр.
Наводи
уреди- ↑ WIPO- Intellectual Property Reading Material, Geneva, 1998, p. 3.
- ↑ Richard M. Stallman. „Did You Say "Intellectual Property"? It's a Seductive Mirage“. Free Software Foundation, Inc. Посетено на 2008-03-28.
- ↑ http://www.cipe.ukim.edu.mk/index.php?option=com_docman&task=doc_view&gid=27&Itemid=27[мртва врска]
- ↑ Валентин Пепељугоски, „Трансфер на технологија или поттикнување на развојот на домашните претпријатија? - Има ли Северна Македонија адекватна стратегија?“, Економија и бизнис, година 22, број 267, ноември 2020, стр. 60-61.