Ристо Малчески

Македонски математичар

Ристо Малчески (Гудурица, 9 август 1957) — македонски математичар и универзитетски професор од 1998 година.

Ристо Малчески
Роден 9 август 1957
Гудурица, СФРЈ (денес Србија)
Занимање математичар

Животопис

уреди

Д-р Ристо Стојан Малчески е роден на 9 август 1957 година во с. Гудурица, СФРЈ (денешна Србија). Основно училиште завршил во Прилеп, а средно во Скопје во Математичката паралелка при гимназијата „Георги Димитров“. Во основното и средното образование учествувал на натпреварите по математика на кои освоил повеќе пофалници и награди. Дипломирал на Математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1980 година на тема „Аналитичко продолжување на функции“. Малчески бил прогласен за најдобро дипломиран студент на Математичкиот факултет во 1980 година и е носител на плакета на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. По дипломирањето се вработил како професор по математика во Медицинското училиште во Прилеп, бил професор по математика во гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп, бил помлад асистент по математика на Економскиот факултет во Прилеп, а од 1987 до 1998 година работел како помлад асистент и асистент по математика на Технолошко-металуршкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во периодот од 1987-1991 година ги завршил последипломските студии по математика на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје и магистрирал на тема „Субнормални оператори“, а докторирал во 1998 година исто така на Природно-математичкиот факултет во Скопје на тема „Прилог кон теоријата на n-нормираните простори“. Во 1998 година бил избран за доцент од областа на математичката анализа на Институтот за математика при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Во 2003 година преминал на Факултетот за општествени науки (подоцна ФОН Универзитет) каде бил избран за вонреден професор од областа на математиката, а од 2006 година е редовен професор од областа на метематиката на ФОН универзитетот. Во 2020 година преминал на Славјанскиот универзитет, од каде во 2021 година заминал во пензија.[1][2]

Научна работа

уреди

Научен интерес на проф. Малчески е функционалната анализа и методиката на наставата по математика. Автор е и соавтор на повеќе од 50 трудови од теоријата на n-нормираните и 2-нормираните простори, теоријата на фиксна точка и неравенства во нормирани и квазинормирани простори, кои се публикувани во зборници на трудови од научни собири и во десетина домашни и меѓународни научни списанија[3], [4]. Покрај тоа, проф. Малчески е автор и на 8 научни трудови од применетата математика[3], [4], како и на повеќе од 50 трудови од областа на методиката на наставата по математика[3], [4]. Учествувал на голем број научни собири по математика во земјата и странство, а бил член на организационите и научните одбори на два конгреси на Сојузот на математичарите на Македонија (СММ), еден конгрес на МАССЕЕ  (MIKOM2009) и двата конгреси CODEMA2020 и CODEMA2022. Повеќе години бил референт на Mathematical Reviews, списание на Американското математичко друштво. Бил ментор и член на комисии за оценка и одбрана на повеќе магистерски и докторски дисертации, а учествувал во реализација на шест проекти финансирани од соодветните државни и меѓународни институции.

Наставна дејност

уреди

Во текот на својата работа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и на ФОН универзитетот, проф. Малчески реализирал настава по следниве предмети: Алгебарски структури, Веројатност и статистика, Дискретна математика, Калкулус 1 и 2, Математика за бизнис, Математика за архитекти, Одбрани поглавја од математичка анализа, Операциони истражувања, Методика на наставата по математика, Методологија на НИР, Веројатност и статистика, Статистика за бизнис и Математика 1 и 2 за физичари. За сите предмети по кои изведувал настава, има објавено 20 учебници и учебни помагала, сам или во соработка со други наставници од кои неколку избрани се:

1.       Малчески, Р. (2001). Основи на математичка анализа, УКИМ, Скопје

2.       Малчески, Р. (2002). Математичка анализа I, ПМФ, Скопје

3.       Малчески, Р. (2013). Математичка анализа II, ФОН универзитет, Скопје

4.       Малчески, Р. (2019). Методика на наставата по математика (трето издание), Армаганка, Скопје,

5.       Малчески, Р., Малческа, В. (2019). Теорија на веројатност (трето издание), Армаганка, Скопје

6.       Малчески, Р., Малчески, С. (2019). Математика за економија и претприемништво (петто издание), Меѓународен центар за славјанска просвета, Св. Николе

7.       Малчески, Р., Малчески, С. (2019). Операциони истражувања (второ издание), Армаганка, Скопје

8.       Малчески, Р., Малчески, С. (2020). Статистика (петто издание), Меѓународен центар за славјанска просвета, Св. Николе

9.       Малчески, Р., Малческа, В. (2020). Математика 1 – алгебарски структури (трето издание), Армаганка, Скопје

10.   Малчески, Р., Малческа, В. (2020): Математика 5 – дискретна математика (второ издание), Армаганка, Скопје

11.   Малчески, Р., Малчески, С., Аневска, К. (2021). Методологија на НИР, Меѓународен центар за славјанска просвета, Св. Николе

Стручна и општествена работа

уреди

Проф. Малчески во повеќе наврати бил надворешен соработник на Педагошкиот завод на Македонија, како и претседател на Комисијата за полагање на стручен испит за наставниците по математика во средното образование. Во периодот од 1987 до 2019 годнна активно учествувал во работата на СММ, чиј претседател бил два мандати, од февруари 1999 до април 2004 година. Бил главен и одговорен уредник на стручните списанија Сигма и Нумерус кои ги издава СММ, уредник на стручното списание Математика+, Софија, уредник на списанието за методика Математика-информатика, АЗБУКИ, Софија, уредник на научното списание Математички билтен, СММ, Скопје, проректор на ФОН универзитетот во два мандати од 2006-08 и од 2009-2013 година, како и декан на Архитектонскиот факултет при ФОН универзитетот од 2016-2020 година. Дел од обемната стручна и општествена активност на проф. Малчески е работата со надарените ученици за математика. Тој покрај децениското учество во организацијата на натпреварите по математика на национално ниво, учествувал или како Претседател на Организациониот обор или како Претседател на комисијата за прегледување на задачите на BMO1999, BMO2008, BMO2017, JBMO2000, JBMO2014, SEEMOUS2015 и SEEMOUS2017, а во повеќе наврати бил заменик водач на македонските екипи на IMO, BMO и JBMO. Дел од грижата за развојот на надарените ученици по математика се и повеќе од 190 стручни статии, кои проф. Малчески ги има објавено во соодветни списанија или на онлајн-платформи[5], како и повеќе од 85 книги за надарените ученици по математика, кои заедно со универзитетските учебници се слободно достапни.

Добитиник е на традиционалната награда „13 Ноември“ што ја доделува Град Скопје од областа на образованието и воспитанието, за создавање на онлајн-платформа www.matematickitalent.mk за време на пандемија и во време кога Македонија се соочува со недостиг на учебници за основно и за средно образование, на која е обезбеден слободен пристап да богата литература за работа со надарените ученици за математика.[6]

Наводи

уреди
  1. http://im-pmf.weebly.com/risto-malcheski.html
  2. https://www.matematickitalent.mk/
  3. 3,0 3,1 3,2 [1. https://www.researchgate.net/profile/Risto-Malceski 1. https://www.researchgate.net/profile/Risto-Malceski] Проверете ја вредноста |url= (help). horizontal tab character во |url= во положба 3 (help); Отсутно или празно |title= (help)
  4. 4,0 4,1 4,2 [2. https://scholar.google.com/citations?user=eFvCAxEAAAAJ&hl=en 2. https://scholar.google.com/citations?user=eFvCAxEAAAAJ&hl=en] Проверете ја вредноста |url= (help). horizontal tab character во |url= во положба 3 (help); Отсутно или празно |title= (help)[мртва врска]
  5. [3. https://matematickitalent.mk 3. https://matematickitalent.mk] Проверете ја вредноста |url= (help). horizontal tab character во |url= во положба 3 (help); Отсутно или празно |title= (help)
  6. [4. https://umno.mk/dodeleni-nagradite-13-noemvri/ 4. https://umno.mk/dodeleni-nagradite-13-noemvri/] Проверете ја вредноста |url= (help). horizontal tab character во |url= во положба 3 (help); Отсутно или празно |title= (help)