Рај (филм од 2016)
Рај (руски: Рай) - руско-германски филм од 2016 година, во режија на Андреј Кончаловски, кој е автор и на сценариото, заедно со Елена Киселева. Улогите во филмот ги толкуваат: Јулија Висоцка, Филип Дикен, Кристијан Клаус, Виктор Сухоруков, Петер Курт, Вера Воронкова, итн. На Филмскиот фестивал во Венеција, Кончаловски ја добил наградата „Сребрен лав“ за најдобар режисер, а филмот бил номиниран за наградата „Златен лав“.[1]
Содржина
уредиФилмот се состои од три приказни на тројца различни луѓе, кои судбината ги поврзува меѓу себе: руската благородничка Олга која живее како имигрант во Париз, шефот на полицијата Жил и нацистичкиот офицер Хелмут. Притоа, тројцата ги раскажуваат своите приказни откако веќе се мртви:
За време на нацистичката окупација на Париз, полицијата упаѓа во еден стан, каде открива две еврејски дечиња. Притоа, полицијата ја притвора руската благородничка Олга (ја глуми Висоцка), под обвинение дека ги криела децата. Во полициската станица, Олга е сведок на мачењето на еден член на Движењето на отпорот и, со цел да го спаси од натамошната тортура, таа му нуди сексуална услуга на шефот на полицијата Жил (го игра Дикен). Тој ја прифаќа понудата и за утредента закажува средба со неа, но во меѓувреме го убиваат членовите на Движењето на отпорот.
Олга е испратена во концентрационен логор, каде случајно ги среќава двете еврејски деца и почнува да се грижи за нив. Во логорот доаѓа Хелмут (го игра Клаус), офицер на СС-трупите, кој треба да ги испита сомнежите за финансиски малверзации. Тој ја здогледува Олга и веднаш ја препознава, бидејќи во 1933 година со неа бил заедно на летување во Италија. Хелмут ја зема Олга како слугинка во својот стан и прави план да ја префрли во Швајцарија.
На денот, кога логорот е нападнат, наместо да побегне со автомобилот кој ја чека, Олга влегува во гасната комора наместо една друга затвореничка на која ѝ ги остава двете Еврејчиња. На крајот, Хелмут погинува од експлозија на граната, Олга умира во гасната комора, но децата успеваат да се спасат.[2]