Радомир Смиљаниќ
Радомир Смиљаниќ (српски: Радомир Смиљанић; 20 април 1934; Јагодина, Кралство Југославија - 19 јули 2019, Белград) - српски писател.
Животопис
уредиРадомир Смиљаниќ е роден во 1934 година, во Јагодина, како син на професорот по музика и композиторот Угљеша Смиљаниќ, кој бил убиен во концентрациониот логор Јасеновац. Смиљаниќ завршил Филозофски факултет, а студирал и музика.[1] Смиљаниќ починал на 19 јули 2019 година, во Белград.[2]
Творештво
уредиПрвиот роман на Смиљаниќ е „Мартиновото излегување“ за кој ја добил наградата на загрепскиот „Телеграм“ за најдобра модерен роман во Југославија. Потоа, ја објавил збирката раскази „Алкарски денови“ (1965), а две години подоцна и романот „Војниковиот дар“ кој од критичарите на „Књижевне новине“ бил прогласен за еден од трите најдобри романи во таа година. Смиљаниќ се прославил со романот „Некој го наклеветил Хегел“ (1973), кој е неговото најпопуларно и најчитано дело, објавено во неколку изданија. За него ја добил меѓународната награда „Нехајм-Хистен“, а романот влегол во потесниот избор за НИН-овата награда за роман на годината, како и во најтесниот избор за Горановата награда. Во 1975 година ја освоил и наградата „Арнсберг“ за вториот роман од таа трилогија, „Во Андите Хегеловото тело“, а трилогијата била комплетирана со третиот роман, „Бегство во Хелголанд“. Во 1975 година, неговата комедија „Случајот на шампионот“ била наградена на Стериино позорје, а во 1979 година се појавил романот „Љубовниот случај на шампионот“, заснован врз оваа комедија. По трилогијата за Хегел Милирадовиќ, Смиљаниќ преминал кон веристичка проза: „Убиство во кафената Дарданели“ (1980), „Љубовните исповеди на Софија Маловразиќ“ (во повеќе изданија, а последното, дополнето и целосно издание се појавило во 1982 година, во рамките на собраните дела) и „Луд свет“ (1981 и второ, проширено издание од 1986). Романот „Убавата Лена“ доживеал две изданија (1984 и 1985), а романот „Како да се уништи Белград“ бил објавен во рамките на неговите собрани дела. Покрај „Случајот на шампионот“, Смиљаниќ е автор и на следниве драмски дела: „Убиство во кафеаната Дарданели“, „Женска среќа“ и „Љубовните писма на Софија Маловразиќ“. На Фестивалот во Пирот, елегичната комедија „Женска среќа“ била прогласена за една од шесте најгледани претстави во таа година.[1]
Во рамките на творештвото на Смиљаниќ, особено поволни критики се упатени на неговата трилогија за Хегел Милирадовиќ: Така, Павле Зориќ ги оценил овие дела како едни од најголемите остварувања во југословенската книжевност; Игор Мандиќ смета дека трилогијата претставува нешто потполно самородно; Петар Јокостра ги вброил трите романи меѓу најдобрите светски дела напишани во текот на неколку децении, нарекувајќи го Смиљаниќ „обновител на модерната европска сатира“ и „легитимен наследник на Свифт и Сервантес“; според Хајнц Бекелман, овие романи спаѓаат во ризницата на големиет светски романи; според Витолд Випржа, Смиљаниќ од посебното создава општо и со својата трилогија ја сместил Југославија во центарот на културниот свет; а според Никола Милошевиќ, отворил нови, поуниверзални видици.[3]
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 „Beleška o piscu“, во: Radomir Smiljanić, Neko je oklevetao Hegela. Beograd: BIGZ, 1986, стр. 195.
- ↑ „Preminuo Radomir Smiljanić“. blic.rs. 19 јули 2019. Посетено на 20 јули 2019.
- ↑ Radomir Smiljanić, Neko je oklevetao Hegela. Beograd: BIGZ, 1986.