Пропаганда (книга)

Пропаганда (англиски: „Propaganda“) е најзначајната книга на Едвард Л. Бернајс, напишана во 1928 година. Во неа тој тврди дека научната манипулација на јавното мислење била потребна за надминување на хаосот и конфликтите во општеството. Притоа, лицата кои работат како "советници за односи со јавноста" (ПР-советници) ги карактеризира како "практичари социолози, чија надлежност е слична на онаа на индустриските инженери, главните менаџери или на советниците за инвестиции во нивните соодветни области ". Тој ја развива теоријата дека за да им помогнат на клиентите, ПР-советниците треба да ги користат и применуваат своите знаења од антропологијата, историјата, социјалната психологија и социологијата.

Содржината

уреди

Книгата содржи шест поглавја во кои се обработува комплексниот однос помеѓу социјалната психологија, демократијата и корпорациите. Тезата на Бернајс е дека "невидливите" луѓе кои го создаваат знаењето и пропагандата владеат над толпата, поседувајќи монопол над моќта да го обликуваат мислењетo, вредностите и однесувањето на граѓаните.[1] Се работи за книга што не премолчува ниту еден аспект на манипулацијата со јавното мислење, па дури таквото однесување го смета за сосема легитимна појава што секогаш ќе постои. Според авторот, интелигентното малцинство има право да го предводи помалку интелигентното мнозинство кон целите што се во интерес на првата групација. Таа не е напишана од аспект на некој теоретичар, туку од практичар и професионалец кој секојдневно се занимавал со проблемите и решенијата.

Еден од главните концепти што Бернајс го нуди е да не се продава производот, туку да се продава потребата за тој производ. При објаснувањето на продажбата на пијано, на пример, тој пишува дека еден успешен пропагандист треба "да се стреми да развие перцепција кај публиката за идејата од потреба за постоење на музичка соба во домот". На овој начин, одлуката на клиентот да купи пијано ќе биде инспирирана од идејата за оваа соба, а самото пијано - олицетворение на очекувањата за таа просторија. Неговото објаснување е дека „една фабрика која има капацитет со своето производство да снабди цел континент, не може да си дозволи да чека сè додека граѓаните да изразат потреба за нејзиниот производ; таа мора да одржува постојан контакт, преку рекламирање и пропаганда во јавноста, со цел да си обезбеди континуирана побарувачка што сама по себе ќе ја направи профитабилна нејзината скапа инвестиција во производството.“[2]

Авторот во книгата укажува дека пропагандата може да стане поефикасна и повлијателна ако претходно се дознаат скриените мотиви на публиката.

Бернајс директно објаснува: „Свесната и интелигентна манипулација со организираните навики и мислења на толпата е важен елемент во демократското општество. Оние кои го користат овој невидлив механизам на општеството претставуваат невидлива влада која е вистинската управувачка сила во нашата земја. Ние сме управувани, нашите умови се моделирани, нашите вкусови се формирани, нашите идеи во голема мера се предложени од страна на луѓе за кои никогаш не сме слушнале."[3]

Влијанија

уреди

Поради својата актуелност и аналитичност „Пропаганда“ се изучува на сите катедри за односи со јавноста, комуникологија и политичка наука ширум светот и е своевиден задолжителен учебник за лицата кои сакаат да станат стручни во овие области. Се смета дека токму Бернајс е одговорен за кризата на демократијата во светски рамки и дека неговите методи што се прикажани во книгата предизвикале манипулации од масовни размери. Поради тоа, го нарекуваат основач на професијата односи со јавноста и татко на спинувањето.

Денес пропагандата е најчесто користен метод во политиката, при што обично за нејзино успешно реализирање се користат следните постапки:

  • 1. се менаџираат вестите;
  • 2. се менаџираат медиумите;
  • 3. се воспоставува култ на личноста;
  • 4. се демонизира непријателот;
  • 5. се измислуваат слогани;
  • 6. Ad Nauseam, односно работите се повторуваат до бесконечност додека слушателот на отапи на нив;
  • 7. се пренасочува вниманието.

Освен овие, има и други примери за успешна пропаганда како што се заплашувањето на неистомислениците, фингираните резултати на анкети, погрешните извештаи, „разубавувањето“ на реалноста, извлекувањето зборови од контекст и слично.

Наводи

уреди
  1. Edward Bernays. Propaganda. (Routledge, 1928), 20.
  2. Edward Bernays. Propaganda. (Routledge, 1928), 57.
  3. Edward Bernays. Propaganda. (Routledge, 1928), 9.