Прилепско-битолски дијалект
Прилепско-битолски дијалект — дијалект што спаѓа во подгрупата на централни дијалекти на западното наречје на македонскиот јазик. Дијалектот се зборува на територијата на цела Пелагонија, поточно во Прилепско и Битолско Поле, во источните потпелистерски села, во селата кои се наоѓаат во Цапарско Поле, во Крушевско, како и во областа Железник (Демир Хисар). Дијалектот е застапен во градовите Прилеп и Битола, малите гратчиња Демир Хисар и Крушево и во 245 села кои гравитираат околу овие градови.
Прилепско-битолски дијалект | |
---|---|
Пелагониски дијалект | |
Јазично семејство | индоевропски
|
Јазични кодови | |
ISO 639-3 | – |
Прилепско-битолскиот дијалект на картата на македонските дијалекти |
Дијалектни примери
| |
Проблеми со пуштањето? Помош. |
Според пописот од 1953 година, прилепско-битолските говори ги зборувале вкупно 168 861 жител, или 18,8 % од вкупниот број на говорници на македонски јазик.
Овој дијалект е близок со кичевско-поречкиот дијалект и заедно со останатите дијалекти од централната подгрупа, се основата врз која се темели стандардниот македонски јазик.
Територија
уредиПрилепско-битолската група говори се простира на мошне голема територија. Го опфаќа јужниот дел од централните говори, поточно целата област Пелагонија на југ до денешната државна граница меѓу Република Македонија и Република Грција. Значењето на оваа група говори за македонското духовно наследство е огромно со самиот факт што тоа е централната група говори што ја споменува и Крсте Мисирков како основа на македонскиот литературен јазик. Географско дијалектната граница на прилепско-битолските говори се движи по долината на реката Црна. Од велешкото говорно подрачје нив ги дели планината Бабуна, а јужната граница спрема костурско-леринските говори оди приближно по денешната државна граница, на североисток омеѓена со планината Ниџе, а на северозапад со планината Баба.
Фонолошки одлики
уреди- фиксиран третосложен акцент
- Секвенцата еа се реализира како дифтонг еа, во некои локални говори како широко е, или како долго е: неа, стреа, беа, носеа, Петреа (во прилепскиот), леа, смеа, греам, односно ле:, стре:, носе:, (во битолскиот).
- Групата оа се реализира како дифтоншка секвенца оа, или како отворено о, во битолскиот понегде и како долго о: тоа, броам, стоат, готоа (во прилепскиот), тоар, осноа, односно: то:р, осно:, јадо: (во битолскиот).
- Во прилепскиот говор на дифтонгизација подлежи и групата ео: мео, времео.
- Самогласните групи ае и ое се дифтонгизираат по друг начин - со десилабизација на /е/ > /i/ : двајсе, тринајсе, инаiт, знајше, гојдо, тргојц.
- Тенденција за депалатизација на *n' што се врши најчесто со антиципација на мекоста во /ј/: којн, бајна, се клајна, сирејне. Оваа појава се наоѓа во процес, уште незавршена.
- Во врска со дистрибуцијата на согласките, говорите во Пелагонија ги карактеризираат две посебности. Групите шт и жд се реализираат како шч и жџ, односно шќ и жѓ, во југозападните битолски села, сп: гушчер, клешчи, огнишче, дожџо, нужџа (Прилеп), гушќер, лешќа, вежѓа, глуж'ѓо (Битолско).
- Отсуство на в во меѓусамогласна положба: чоек, глаа, дворој итн.
- Согласката /с/ во група со /к/ во наставката -ск(и) во положба зад согласка се африкатизира во /ц/, сп. селцски, прилепски, старцки, грацки, но: кически, тетоски (зад самогласка).[1]
Морфолошки одлики
уреди- употреба на остатоци од дативен падеж: му рече Стојану
- употреба на стандардните лични заменки
- употреба на трите членови
- употреба на предлогот ВО
- употреба на заповеден начин на сопствени именки
- загуба на -т во членската морфема за м.р. -от: градо, лебо, огно, дворо
- глаголскиот прилог освен со наставката -јќи има форми и на -јќум и -јќим: викајќум, одејќум, односно викајќим, одејќим, носејќим, покрај викајќи, одејќи.
Кратенки во говорот
уредиговор | |
---|---|
стандарден | дијалект |
ќе одиме | ќ'ојме/ч'ојме |
повеќе | појќе/појче |
дадам | дам |
одам | ом |
можам | мом |
правам | прам |
што има | шојма |
правиме | прајме |
можеме | мојме |
единаесет | единајсе |
дваесет | двајсе |
Разлики во говорите
уредиЛокалните разлики помеѓу прилепскиот и битолскиот говор се претежно од фонетски карактер.
Одлики на прилепскиот говор се:
- акцентираните /е, о/ по правило се реализираат како затворени фонови [ẹ, ọ]: 'ẹсен, л'ẹп, 'ọко, н'ọга, а во селските говори тие се дифтонгизираат: įела, įеден, дįедо, куога, уосум.
- на поширок ареал отсуствува фонемата /ф/, со исклучок на градскиот говор; туѓото ф се предава со во: вурна, вилџан, вира, вустан, каве, но: фрла, фес, фенер, фурна во градскиот говор
- фонемите /ќ, ѓ/ се реализираат во некои положби (најчесто пред задните самогласки) со доста изразена фрикација: куќа, свеќа, паѓа, меѓа, односно: кујќа, цвејќе, нојќе, вејѓа, мејѓа, лујѓе, прејѓеска - со антиципирано ј, а во говорот на помладата генерација и цвејче, лујџе.
- прилепскиот говор се разликува од битолскиот по наставката -ув(а) за образување на имперфективни глаголи: купува, кажува
Одлики на битолскиот говор се:
- фонемата /л'/ како континуитет на старото палатално *l': Битол'а, бл'ут, кл'уч, пријател'
- глаголските образувања со наставката -в(а) од типот купва, кажва, менва, зајдва, посаква, радва, јавва итн.
- за одредување на личните заменки, секаде се користи машки род: му кажав нејзе, му дадов на луѓето.
Наводи
уреди- ↑ Дијалектите на македонскиот јазик, том 1, Божидар Видоески, стр.191-192
Надворешни врски
уреди- Аудио материјал од говорот од Битола од колекцијата на Божидар Видоески - Фонотека на Центарот за ареална лингвистика при МАНУ Архивирано на 9 август 2016 г.
- Аудио материјал од говорот од с. Тополчани, Прилепско од колекцијата на Божидар Видоески - Фонотека на Центарот за ареална лингвистика при МАНУ Архивирано на 10 март 2016 г.
- Мирчевъ, Д (1904). „Бѣлѣжки по прилѣпския говоръ“ (PDF). Сборникъ за народни умотворения, наука и книжнина. София: Държавна печатница. I (33): 2–40.
- Конески, Блаже (1949). „Прилепскиот говор“ (PDF). Годишен зборник на Филозофскиот факултет. Скопје: Филозофски факултет, Скопје: 245–301.