Пременструален синдром
Пременструален синдром (ПМС) е состојба на физички и емоционални симптоми кои се јавуваат една до две недели пред менструалното крварење.[1] Симптомите често се варијабилни помеѓу жените и исчезнуваат на почетокот на крварењето.[1] Чести симптоми се акни, чувствителност на градите, надуеност, чувство на замор, раздразливост и промени во расположението.[1] Често, симптомите се присутни околу шест дена.[2] Појавата на различни симптоми може да биде променлива кај една жена со текот на времето.[2] Симптомите не се јавуваат за време на бременост или по менопауза.[1]
Пременструален синдром | |
---|---|
Специјалност | Гинекологија, психијатрија |
Симптоми | Акни, чувствителност на градите, надуеност, чувство на замор, промени во расположението[1] |
Компликации | Пременструално дисфорично нарушување[1][2] |
Вообичаена појава | 1–2 недели пред менструација[1] |
Времетраење | 6 дена[2] |
Причинители | Непознати[1] |
За да се постави дијагноза потребено е постоење на емоционални и физички симптоми кои се јавуваат според предвидлив образец после овулација и пред менструација до степен кој ги оневозможува нормалните активности.[3] Емоционалните симптоми може да бидат отсутни за време на првичната фаза од менстуралниот циклус.[3] Секојдневно бележење на симптомите во период од неколку месеци може да помогне во поставување на дијагнозата.[2] Други нарушувања со слични симптоми треба да бидат исклучени пред поставување на конечна дијагноза.[2]
Не е познат причинителот на ПМС.[1] Некои од симптомите може да бидат влошени при прекумерен внес на сол, алкохол или кофеин.[1] Се смета дека основниот механизам вклучува промени во хормонските нивоа.[1] Намалување на внесот на сол, кофеин и стресот заедно со физички вежби се препорачува кај жени со благи симптоми.[1] Кај некои може да биде корисна суплементација со калциум и витамин Д.[2] Антиинфламаторни лекови како напроксен може да помогнат во ублажување на физичките симптоми.[1] Кај оние со поизразени симптоми се користат орални контрацептиви или диуретикот спиронолактон.[1][2]
Околу 80% од жените пријавиле дека имаат некои симптоми пред менструација.[2] Овие симптоми се класифицирани како ПМС кај 20 до 30% од пременопаузалните жени.[2] Пременструално дисфорично нарушување (PMDD) е посериозна форма на ПМС кај кое има поизразени психолошки симптоми.[1][2] PMDD зафаќа три до осум проценти од пременопаузалните жени.[2] Антидепресивните лекови од класата на селективни инхибитори на репреземањето на серотонин може да се користат како дополнителна терапија на стандардните мерки за PMDD.[1]
Наводи
уреди- ↑ 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 1,11 1,12 1,13 1,14 1,15 „Premenstrual syndrome (PMS) fact sheet“. Office on Women's Health. December 23, 2014. Архивирано од изворникот на 28 June 2015. Посетено на 23 June 2015.
- ↑ 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 Biggs, WS; Demuth, RH (15 October 2011). „Premenstrual syndrome and premenstrual dysphoric disorder“. American Family Physician. 84 (8): 918–24. PMID 22010771.
- ↑ 3,0 3,1 Dickerson, Lori M.; Mazyck, Pamela J.; Hunter, Melissa H. (2003). „Premenstrual Syndrome“. American Family Physician. 67 (8): 1743–52. PMID 12725453. Архивирано од изворникот 2008-05-13.