Портал:Уметност/Одбрана статија/јули, 2007
Едгар Алан По (19 јануари 1809 - 7 октомври 1849) е американски поет, раскажувач, уредник, критичар, еден од главните претставници на американскиот романтизам и предвесник на симболизмот. Најпознат по своите раскази за макабрата, По останува запаметен како првиот писател на детективска и криминална проза. Исто така, нему му се припишува и заслугата за појавата на научно-фантастичниот расказ. По умира на 40 годишна возраст. Причината за неговата смрт е непозната, а разни теории се исплетени околу алкохолот, дрогата, болестите од типот на колера, туберкулоза или беснило, па дури и самоубиство (иако најверојатно е само ненамерна грешка предизвикана од обидот за самоубиство на По една година пред неговата смрт).
По е роден како Едгар По во шкотско-ирско семејство во Бостон, Масачусетс, како второ дете на Елизабет Арнолд Хопкинс По и Дејвид По Џуниор, патувачки глумци венчани на 14 март 1806 година. Вилијам Хенри Леонард По е негов постар брат, а Розали По негова сестра. Татко му го напушта семејството во 1810 година. По смртта на неговата мајка во Ричмонд, Вирџинија (8 декември), на 26 декември 1811 година, тој е земен во домот на Џон Алан (по претпоставка негов кум), успешен трговец со тутун од Ричмонд, и неговата жена Френсис, семејство кое претходно немало деца. Иако неговото средно име, дури и во енциклопедии, често е напишано "Ален", неговото вистинско име е "Алан" и е земено од неговото второ семејство. Розали По е посвоена од семејството на Вилијам Макензи, а брат му Хенри останува во Балтимор, со бабата и дедото. Џон Алан никогаш легално не го посвоил Едгар.