Портал:Биографија/Одбран портрет/2007/август
Бети Дејвис (5 април 1908 – 6 октомври 1989), родена како Рут Елизабет Дејвис, е американска актерка-двократна оскаровка. Позната по својата неуморна желба да игра улоги на несимпатични ликови, секогаш ужива голема критичка слава поради можноста да се снајде во различни филмски жанрови, почнувајќи од криминалните мелодрами до историските филмови како и до повремените улоги во комедиите; сепак нејзините најголеми успеси се оние во романтичните драми.
После појавата во неколку драми на Бродвеј, Дејвис оди во Холивуд во 1930 година, но нејзините први филмови за Universal Studios се неуспешни. Се приклучува кон Warner Brothers во 1932 и својата успешна филмска кариера ја започнува со неколку критички признати улоги. Во 1937 се обидува да го раскине својот договор и иако ја губи една од најпознатите правни битки во раната Холивудска историја, овој момент останува забележан како почеток на нејзините најголеми успеси. Сè до крајот на 1940-тите, таа е една од најпознатите глумици, позната по својот моќен и интензивен глумечки стил. Дејвис набрзо се здобива со репутација на ратоборен перфекционист, а нејзините конфортации со извршните лица во студијата и режисерите стануваат легендарни. Нејзиниот искрен пристап, лаконски вокален стил како и секогаш присутната цигара придонесуваа до создавање на една од најпознатите персони на екранот - често имитирани и сатиризирани.
Дејвис е првата глумица со десет номинации за оскар а и првата жена која ја има добиена Наградата за животно достигнување од Американскиот филмски институт.
На сликата е прикажана во трејлерот на Језебел, улога за која ќе добие оскар во 1938 година.