Црква „Св. Троица“ - Радовиш
„Светa Троица“ — соборна црква во Радовиш, на булеварот Александар Македонски. Осветена е во 2003 г., собира 600 верници и претставува еден од најубавите и најбогатите православни храмови на Балканот и пошироко.
Света Троица
| |
македонска православна црква | |
Епархија | Брегалничка |
Архијерејско намесништво | Радовишко |
Парохија | Прва радовишка |
Местоположба | |
---|---|
Место | Радовиш |
Општина | Радовиш |
Држава | Македонија |
Општи податоци | |
Покровител | Света Троица |
Изградба | 29 април 1997 - 12 ноември 2003 |
Осветување | 12 декември 2003 |
Ктитор | Ристо Гуштеров |
Архитектонски опис | |
Архит. тип | еднокорабен |
Површина | 550 м2 |
Камен темелник е поставен на 29 април 1997 година, а осветена е на 12 октомври 2003 година, од Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан со сите архијереи на Македонската православна црква - Охридска Архиепископија. Ктитор е Ристо Гуштеров. Иконите на иконостасот се на Кал’чев од Гевгелија, а фрескоживописот е дело на светски познатите мајстори од Украина: автор и уметник на храмот Гајдамака Анатолиј, Димитри Нагурни, Владимир Недајборч, Виктор Блинов, Јура Левченко, Владимир Цах, Владимир Бовхун, Лариса Мишченко, Ѓеорги Журавски. Резбата е на тајфата на Владимир од Галич, Украина.[1]
Изградбата на црква која чини неколку милиони евра е спонзорирана од стопанственикот кој потекнува од овој град Ристо Гуштеров.
Внатрешното сликање, мозаик врескупи и резба во период од 5 години го вршеа мајстори од Карпатите, голем број на сликари од Украина под раководство Гајдамака Анатолиј.
Црквата има елементи од сите македонски православни цркви, но и од цркви од Украина, Русија, Грција. Препознатливоста на стилот се состои во стилот на класичното и модерното црковно сликарство, а впечатлив е иконописот на Данчо Калчев. Во внатрешноста се застапени елементи од античка Македонија, ѕвездата од Кутлеш, лековите на Александар и Филип Македонски. Иконасот и столбовите се изработени од 24 каратно злато.[2]
Општи архитектонски одлики
уредиСоборниот храм Св. Троица во Радовиш по својата архитектонска концепција припаѓа на типот еднокорабни цркви со впишан крст и сводна куполна партија проектирана во византиски стил.
Зафаќа површина од 550 м2, поставен на локација од 4000 м2 на која има партерно уреден простор околу црквата, камбанарија, паркиралиште, фонтана, чешма и административен објект.
Црквата е висока 21 м, а камбанаријата 23,5 м. Главниот влез на црквата се наоѓа на западната страна, силно потенциран со отворен трем со колонада од четири столбови, на кои се носат три паралелни свода.
Целокупната фасадна обвивка е класична ѕидарија по примерот на старата градителска традиција со видливо присуство на второстепена пластика во архитектурата. На покривот на објектот за првпат во Македонија е применета постапката на патинација на бакарот со употреба на соодветен хемиски премаз.
Композиција на објектот
уредиПросторот во правец запад-исток формира влезна партија (трем), скратен нортекс (простор под галеријата), наос (простор под куполата) и олтар преграден со иконостас кон наосот. Олтарот со источниот ѕид ја формира догматската програма на апсиди во правец север-југ (проскомедија, централна апсида и ѓаконик).
Сите куполи во објектот се проектирани према византискиот модел како совршена форма составена од калота, тамбур, сводови и пандантифи. На запад објектот завршува со карактеристичен своден кров, каде што под истиот архитектонски облик се формирани галеријата и нартексот.
Внатрешна композиција
уредиСите внатрешни ѕидови, столбови, сводови и куполи се насликани со фрескопис согласно православните канони. Вкупниот живопис е на 1541 м2 и позлата на површина од 44 м2.
Подот е обложен со мермерни и гранитни плочи, орнаментиран со симболи и композиции кои имале силно влијание на Македонската земја.
Мноштвото мозаици пленуваат со својата убавина како во ентериерот, така и во екстериерот. Во мозаик е изработен подот под тремот, и над централниот портал. Над тремот изработена е композицијата Света Троица, додека во лунетите над северниот и јужниот портал се прикажани ангели.
Иконостасот е со распон 22 метри и е составен од три дела, каде во централната зона иконостасот достигнува висина од 6,8 м. Изработен е од липово дрво со широка ажурна резба богата со мноштво детали и целосна позлата на царските врати. На иконостасот се поставени 25 големи и 18 помали икони согласно православните канони.
Стилскиот правец во ентериерната композиција (иконостас, владицки престол, столици, врати и орнаменти) е во нагласен барок карактеристичен за западната култура и традиција. Особено внимание во објектот привлекува композицијата на партерот во ентериерот и екстериерот со употреба на мермери, гранити, травертини и мозаици.
Камбанарија
уредиПокрај црквата како мошне значаен објект во целокупниот архитектонски ансамбл се истакнува камбанаријата со својата нагласена грандиозност и монументалност.
Камбанаријата е сместена на северниот дел во однос на храмот и претставува посебна армиранобетонска конструкција. Фасадно е обложена со травертински камен, а на четирите страни во втората висинска зона се изработени мозаици на четирите Евангелисти. Покриена е со купола од армиран-бетон обложена со патиниран бакар каде е поставен позлатен крст, исто како и на петте куполи од храмот. Под куполата се поставени 3 камбани изработени специјално во Бергамо, Италија. Отворите на камбанаријата во третата висинска зона се орнаментирани со ковано железо.
Останати објекти
уредиПравославниот храм Света Троица заедно со камбанаријата и крстилницата, како посебен сакрален објект, мозаичните мермерни патеки, зелените хортикултурни површини, црковната чешма, кандилабрите претставуваат една целовита духовна, архитектонска и уметничка целина.
Занимливо
уредиПрвично насликаните Фрески на црквата беа избришени, за потоа да се насликат нови. Првото сликање чинеше 90 000 долари.[3]
Галерија
уреди-
Црквата Света Троица
-
Куполите на црквата
-
Мозаик на кој е прикажана Богородица
-
Мозаик на кој е прикажан Св. Јован Крстител
Наводи
уреди- ↑ „Брегалничка епархија“. Архивирано од изворникот на 2014-04-07. Посетено на 2010-10-31.
- ↑ А1: Осветен храмот „Св.Троица“ во Радовиш
- ↑ „Вест: Гуштеров ги избришал фреските за кои дал 90.000 долари и сега слика нови“. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 2010-10-31.
Надворешни врски
уреди„Црква „Св. Троица“ - Радовиш“ на Ризницата ? |