Омер Фарук Текбилек

Омер Фарук Текбилек (турски: Ömer Faruk Tekbilek, роден во 1951, Адана, Турција) - турски музичар и композитор на народна музика.

Животопис

уреди

Омер Фарук Текбилек е роден во 1951 година, во Адана. Во 1971 година ја запознал својата идна сопруга Сузан, поради која во 1976 година се преселил во државата Њујорк, во САД.[1]

Творештво

уреди

Текбилек е еден од најпознатите композитори и изведувачи на турска народна музика. Тој свири на кавал, зурла, неј, саз, тарабука, ут и на неколку други дувачки, ударни и жичени народни инструменти. Музичкиот стил го темели врз традиционалната суфиска уметност и врз арапската традиционална музика кои ги поврзува со амбиенталната електронска музика. Четирите столба на неговата креативност се: мистицизмот, романтиката, фолклорот и имагинацијата. Музичката кариера ја започнал уште во младоста, кога соработувал со најпознатите турски музичари од крајот на 1960-тите: флејтистот Орхан Генчебеј, саксофонистот Исмет Сирал, перкусионистот Бурхан Тонгуч и со повеќе познати пејачи. Откако станал познат во Турција, започнал турнеја низ Европа и Австралија, а во 1971 година настапувал и во САД како член на турскиот класичен фолк ансамбл. Во САД ја формирал групата „Султан“, заедно со клавијатурист од Египет, еден музичар на бузуки од Грција и братот на сопругата, кој свирел на ударни инструменти. Најпрвин, групата свирела поп-музика, но набргу се свртеле кон традиционалната музика од Блискиот Исток при што групата снимила пет албуми.[1]

Поширока светска популарност Текбилек стекнал во 1998 година, кога соработувал со американскиот композитор, продуцент и гитарист Брајан Кин (Brian Keane), снимајќи заедно неколку композиции. Потоа, Текбилек започнал да снима филмска музика, како и музика за телевизиски реклами. Исто така, Текбилек соработувал со голем број познати светски музичари, како: Дон Чери, Карл Бергер, Џинџер Бејкер, Офра Хаза, Симон Шахин, Енрике Моренте итн. Во текот на својата долга кариера соработувал со повеќе продуцентски куќи и снимил над 20 албуми. Како признание на неговата уметничка дејност сведочат многубројните награди кои ги освоил, меѓу кои и: US Golden Belly Musician of the Year (1998 и 1999 година) и BBC World Music Award во категоријата на земјите од Блискиот Исток (2003 година). На 21 јуни 2017 година, Текбилек одржал концерт во Македонската опера и балет во Скопје, на отворањето на „Скопско културно лето“, свирејќи заедно со неговиот ансамбл во состав: Алесандро Гвис (клавијатури), Бахадир Сенер (канон), Федерико Ферандина (гитара), Ратко Даутовски (ударалки) и Вагелис Карипис (ударалки).[1]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 Омер Фарук Текбилек, Дирекција за култура и уметнпст - Скопје и Институт Јунус Емре-Турски културен центар Скопје, 2017.