Олга Серафимова-Стефановска
Олга Серафимова–Стефановска (31 декември 1932 во Охрид — 20 септември 2018 во Охрид) — македонски максилофацијален хирург и професорка.
Олга Серафимова-Стефановска | |
---|---|
Портрет | |
Роден(а) | 31 декември 1932 Охрид, Кралство Југославија |
Починал(а) | 20 септември 2018 Охрид, Македонија |
Националност | Македонка |
Алма матер | Стоматолошки факултет, Белград |
Образование
уредиОлга завршила основно и средно образование во Охрид. На Стоматолошкиот факултет во Белград дипломирала во 1960 година. Со звањето специјалист по максилофацијална хирургија се здобила во 1969 година. На Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет во Скопје, во 1979 година одбранила хабилитација на тема „Клиничка евалуација на основните одлики и методи на лекување на идиопатска невралгија на тригеминалниот нерв“.
Работен век
уредиПрвите работни искуства ги добила во Домот за народно здравје во Струга (1960-1964). Во 1964 година се вработила на Клиниката за усни, забни и вилични болести при Медицинскиот факултет во Скопје. Во звањето асистент на предметот стоматохирургија на Стоматолошки оддел при Медицинскиот факултет во Скопје, била избрана во 1964 година. Во звањето доцент на Катедрата за максилофацијална хирургија при Стоматолошкиот факултет во Скопје била избрана во 1980 година, а во 1985 година била преизбрана во истото звање. Во звањето вонреден професор, на истата катедра, била избрана во 1990 година. Се пензионирала во звањето вонреден професор во 1997 година.
Проф. д-р Олга Серафимова-Стефановска, заедно со акад. проф. Васков e основоположник на современата максилофацијална хирургија во Македонија и има голема улога во нејзината афирмација, развој и дисеминација.
Објавени трудови
уредиПублицистичкиот опус на проф. д-р Олга Серафимова-Стефановска опфаќа 72 статии, 67 објавени во домашни и 5 во странски публикации.
Професионален ангажман
уредиПроф. д-р Олга Серафимова-Стефановска била претседател на стоматолошката секција при Македонското лекарско друштво, а подоцна и член на Управниот одбор на Македонското лекарско друштво. Била претседател на Советот на Стоматолошката клиника и член на Управниот одбор на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет. Била член на наставно-научниот совет при Медицинскиот факултет и член на Советот на Училиштето за забари и забни техничари, член на Советот на Стоматолошкиот оддел и член на Сојузниот одбор на синдикатите за општествена дејност. Проф. д-р Олга Серафимова-Стефановска била раководител на Поликлиниката при Клиниката за максилофацијална хирургија од 1970 година. Во изборниот период 1984-1986 била продекан на Стоматолошкиот факултет во Скопје.
Награди и признанија
уредиДобитник е на Орден на трудот со сребрен венец (1989) и плакети по повод одбележувањето на 30-годишнината, 40-годишнината и 45-годишнината од постоењето на Стоматолошкиот факултет во Скопје (1989, 1999 и 2004)