Олга Јовичиќ Рита (Ужичка Пожега, 3 февруари 1921 — Прозор, 11 јули 1942) била учесник во Народноослободителната борба и народен херој на Југославија. Таа била првата жена политички комесар во Народноослободителната војска на Југославија.

Олга Јовичиќ
Родена 3 февруари 1921(1921-02-03)
Ужичка Пожега, Кралство СХС
Починала 11 јули 1942(1942-07-11) (возр. 21)
Прозора, НД Хрватска
Занимање студент

Животопис

уреди

Олга Јовичиќ е родена на 3 февруари 1920 година во Ужичка Пожега. Брзо по нејзиното раѓање, семејството се преселило во Кралево, каде Олга го завршила основното училиште и гиманзија. На студии во Белград отишла во 1939 година. На факултетот брзо влегла во групата на напредните, авангардни студенти. Била примена во Комунистичката партија на Југославија во 1940 година.

Во јуни 1941 година, веднаш по нападот на Советскиот Сојуз, таа била уапсена од окупаторската власт. Во затворот се држела храбро и покрај мачењето. Во август 1941 година, успеала да избега од затворот заедно со уште една другарка и другар. Веднаш пристапила во партизанскиот одред „Јован Курсула“ од Кралево. Заедно со својата другарка биле првите партизанки во одредот. Набрзо станала одговорна за агитација и пропаганда, и одела по селата за да држи говори и состаноци.

За време на Првата непријателска офанзива, нејзиниот одред со главниот дел од партизанските единици се повлекле во Санџак. Кога се формирала Првата пролетерска бригада во Рудо, на 21 декември 1941 година, таа по барање на сите борци од нејзиниот одред е назначена за политички комесар на Првата чета на Четвртиот батаљон. Олга Јовичиќ била првата жена политички комесар во Народноослободителната војска на Југославија.

Таа храбро ги издржувала сите борби кои ги водел Четвртиот батаљон на Првата пролетерска бригада. Успеала храбро да го издржи Маршот на Игман планина, борбите на планината Јахорина, Втората и Третата непријателска офанзива, походот на Босанска Краина и движењето на бригадата кон сливот на реката Неретва. Со своето делување како комесар, сосема ја оправдала довербата на своите соборци.

Кога непријателот ги опколил партизанските единици на планината Романија, во зимата 1942 година, нејзината чета добила наредба да го затвори правецот од Рогатица. Иако била болна и со многу висока температура, таа не сакала да остане во амбулантата туку решила да појде по својата чета. Ги стигнала и им се придружила во сите борби таа ноќ, со кои е направен пробив кон Јахорина. Борбите биле во многу тешки зимски услови, кои таа успеала да ги издржи.

Во јули 1942 година, за време на борбите за местото Прозор, таа долго ги убедувала муслиманските жени од селото Дуга да им помогнат и да ги сместат партизанските борци. Кога се враќала кон положбата на својата чета била покосена од митралески оган. Тешко ранета, другарите ја однеле во селото каде и починала.

Со одлуката на Президиумот на народното Собрание на Федеративната Народна Република Југославија, 20 декември 1951. година била прогласена за народен херој.

Литература

уреди
  • Жените на Србија во НОБ. "Нолит", Белград, 1975. година.
  • Хероини на Југославија. "Спектар", Загреб 1980 година.