Обично грмушарче
Обично грмушарче | |
---|---|
Научна класификација | |
Царство: | Животни |
Колено: | Хордови |
Класа: | Птици |
Ред: | Врапчевидни |
Семејство: | Грмушари |
Род: | Sylvia |
Вид: | Обично грмушарче |
Научен назив | |
Sylvia communis (Latham, 1787) |
Обичното грмушарче (науч. Sylvia communis) е вообичаена, широко распространета мала врапчевидна птица која се размножува низ Европа и умерена западна Азија. Таа е птица преселница, што зимува во тропска Африка, Арабија и Пакистан. Оваа птица гнезди во Македонија.
Опис
уредиОбичното грмушарче е една од неколкуте Sylvia видови каде се разликуваат мажјаците од женките, со полов диморфизам. Птицата е со големина на врапче, долга 13-15 см. Кај мажјаците, главата и тилот се пепелави, а грбот и крилјата кафеави. Опашката е кафеава со бели рабови. Градите се кремаворозови, стомакот белкав, а грлото бело. Горниот дел од крилјата имаат портокаловокафеави рабови. Женката нема пепелави пердуви на главата, таа е кафеава, а долниот дел сличен, малку посветол. Грлото не е бело, туку е белкаво. Кога стоии, кај птицата е карактеристична ’рѓакафеавата боја на крилото.[2] Очите кај мажјаците се светлопортокалови, а кај женките жолтокафеави до маслинавокафеави.
Поведение
уредиЖивеалиште
уредиОваа птица најчесто се среќава во рамнините и предпланинските падини. Живее во отворени предели со грмушки: пасишта, ливади, периферии на шуми, овоштарници, обработливи површини и паркови во градовите. Во живеалиштето мора да има грмушки каде птиците ги прават своите гнезда. Ги избегнува иглолисните густи шуми.
Исхрана
уредиСлично на повеќето грмушарчиња и овој вид, исто така, се храни со инсекти, кои ги собираат по гранките на дрвјата и грмушките и ретко на земја. Јаде бубачки, мали мушички, комарци, пајаци, ларви, мекотели, скакулци, пеперуги и нивните гасеници. Малите се хранат исклучиво со многу мека и нежна храна - гасеници на пеперуги и пајаци. Наесен конзумираат и ситни меки плодови и семиња. Јадат капини, малини, глог и друго. По напуштањето на гнездото на младите и од второто легло, возрасните и младите почнуваат активно да се хранат, за да акумулираат масти, кои им се потребни за долгата преселба. Овие птици се многу корисни како прочистувачи на лисјата и плодовите од штетните инсекти.
Огласување
уредиПеењето на обичното грмушарче е брзо со стругави звуци со три надолни тонови. Звуците кои ги создава може да се опишат како тир-ли-ви-тир-ли-чет-чит-читирли, а кога е вознемирено испушта кратко, јасно и силно чек. Почетокот на пеењето е тивко, а крајот - силен и остар. Како и повеќето грмушарчиња брзо го прифаќа пеењето на другите видови и со задоволство го имитира. За разлика од другите грмушарчиња, обичното пее и за време на летањето.
Размножување
уредиПарењето започнува веднаш по пристигнувањето од преселбата, а обично порано пристигаат мажјаците. Тие пеат, качени на високите гранки на дрвјата и грмушките, за да ги привлечат женките. Тие пеат летнувајќи нагоре и директно спушатајќи се надолу, засолнувајќи се во грмушките. Додека се во воздух два-трипати ја повторуваат песната.
Гнездото го прават директно на земјата, во пониските делови на сувите грмушки или во густите високи треви, коприви, плевел и др., не повисоко од 25 см од земја. Изградбата ја започнува кога растителноста бувнува, за да го скрие гнездото. Ова обично се случува не порано од почетокот на јуни. Го гради од трева и корења, а внатре го постила со мов, коса и сл. Несе од 4 до 6 јајца, светложолти, зеленкави или кафеавкави, испрскани со маслинавокафеави или виолетовосиви дамки. Понекогаш дамките се толку многу, што целосно ја покриваат позадината. Големината им е 17-20 мм во должина и 13-14 мм во ширина. Само женката ги инкубира јајцата во тек на 11-12 дена. Младенчињата остануваат кај родителите околу 10-12 дена, по што го напуштаат гнездото. Во Јужна Европа често одгледуваат и второ легло.
Статус
уредиПопулацијата на видот во Европа се проценува на 14-25 милиони парови кои формираат 50 до 74% од целата светска популација. Таа е нерамномерно распределена и на површина од 1 км² може да има до десетина пара. Според првичните податоци од мониторингот на обичните видови птици, овој вид е со силно растечки тренд во Европа. Проценката на глобалната големина на популацијата во 2001 година е меѓу 57 и 150 милиони птици. Спред Црвената листа, оваа птица е во категоријата на вид со најмала загриженост[1].
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 BirdLife International (2012). „Sylvia communis“. IUCN Red List. Version 2012.1. International Union for Conservation of Nature. Посетено на 16 July 2012.
- ↑ Птиците во Бугарија/Обично грмушарче/Sylvia communis
„Обично грмушарче“ на Ризницата ? |
- Helbig, A. J. (2001): Phylogeny and biogeography of the genus Sylvia. In: Shirihai, Hadoram: Sylvia warblers: 24-25[да се провери]. Princeton University Press, Princeton, N.J. ISBN 0-691-08833-0
- Jønsson, Knud A. & Fjeldså, Jon (2006): A phylogenetic supertree of oscine passerine birds (Aves: Passeri). Zool. Scripta 35(2): 149–186. doi:10.1111/j.1463-6409.2006.00221.x (HTML abstract)
Надворешни врски
уреди- Ageing and sexing (PDF; 4.0 MB) by Javier Blasco-Zumeta & Gerd-Michael Heinze Архивирано на 12 ноември 2013 г.
- Avibase[мртва врска]
- Images at www.naturlichter.com
Chisholm, Hugh, уред. (1911). . Encyclopædia Britannica (11. изд.). Cambridge University Press.