Нико Доага
Нико Доага — Кољка (31 декември 1922, Крушево — 15 април 1945, Врпоље на Сремски Фронт) — македонски партизан од Крушево, учесник во НОБ.
Нико Доага | |
---|---|
Роден(а) | 31 декември 1922 Крушево, Кралство Југославија |
Починал(а) | 15 април 1945 Сремски фронт |
Други имиња | Кољка |
Занимање | Партизан |
Животопис
уредиРаниот живот и приклучувањето во НОВМ
уредиПо занимање бил угостителски работник. Како симпатизер на Антифашистичкото движење во 1941 бил примен за член на СКОЈ, а во 1942 година за член на КПЈ. На 16 април 1942 станал борец на партизанскиот одред „Питу Гули“, учествувајќи во сите борбени акции. Кон крајот на ноември 1942 со неговиот соборец Коча Миленку одат во Кичево и Дебарца на врска со селата: Црвена Вода, Песочани и Арабиново, од каде на 18 Јануари 1943 година, од село Арабиново тргаат во правец на Кичево и Пресека каде што се судриле со италијанските карабинери.
Италијанските окупатори ги откриле и притоа Миленку загинал, а Доага бил тешко ранет и уапсен. По уапсувањето, бил одведен во Струшкиот затвор, каде бил изложен на голема тортура, му беа искршени забите и ноктите, но тој не издаде ни еден од другарите со кои бил на врска со селата од Дебарца. Од тука бил однесен и затворен во Тиранскиот политички затвор. По капитулацијата на Италија пристапил во Баталјонот “Мирче Ацев“, а потоа во Првата македонска-косовска бригада, учествувајќи во повеќе борби во кои и двапати бил ранет, при што не можел да се движи со својата бригада во правец на Егејска Македонија. Останал на грижа и лекување во селата Арабиново и Белчишта, “Кај моите други родители, браќа и сестри“, како често пати велеше тој.
Во раната пролет 1944 се приклучи во партизанските единици на Караорман и во Првата македонска ударна бригада како командир на диверзантската единица при Главниот штаб на НОВ на Македонија.
Во Март 1944 бил кооптиран за член на Околискиот комитет на КПМ во Крушево и со одобрение на Главниот штаб на Македонија во Јуни 1944 доаѓа на крушевскиот терен. Како член на комитетот и искусен борец, Доага е еден од заслужните за големиот број ново регрутирани борци од Крушево и Крушевско и за формирање на нови органи на движењето во населбите каде што тие не беа формирани.
Учеството во НОБ и заминувањето на Сремски фронт
уредиНа 9 септември 1944 во слободно Крушево формирана е Петнаесеттата крушевска бригада во која Кољка бил заменик политички комесар. На 23-25 Септември бил преместен во Втората македонска бригада - комесар на вториот баталјон во чиј состав учестувал во борбите за ослободување на Македонија и на Сремскиот фронт.
Бугарската фашистичка полиција во текот на окупацијата на Крушево во Втората светска војна активно се ангажирала за негово пронаоѓање или ликвидирање. Деноноќно стражареле околу неговата куќа во родното Крушево. Кољка внимателно доаѓал во својата куќа, се задржувал кратко и потоа заминувал кон завршувањето на своите задачи без притоа да го открие бугарската полиција. Неговата мајка раскажувала една случка, каде што една вечер врнело толку многу, што со око не се гледале улиците низ Крушево, а во нејзината куќа затропале чекори, таа веднаш помислила дека тоа се бугарски полицајци. Исто така слушнала како некој вика "Ајде Дафо", и не знаела кој е тоа. Станала да види кој е тоа и го видела неговиот син Нико наврнат, заедно со Гонча Туфа, македонска партизанка со влашко потекло од Крушево, нејзин псевдоним била кратенката "Дафо".
Смрт
уредиМеѓу крушевчани се верува дека неговата смрт е мистериозна, бидејќи Кољка имал чин Капетан и не учествувал директно во борбите на Сремскиот фронт. Покрај тоа, неколку месеци пред непосредното ослободувањето на Македонија од окупаторот, Кољка се замерил со тогашна висока личност од македонските партизани од Крушево и му кажал "Јас одам за Сремски фронт, биди среќен да не се вратам", причината за замерувањето е малку позната. Наводно високата личност која била со ист војнички чин како Кољка, во некоја од акциите за ослободување на западна Македонија во Втората светка Војна ја оставил некоја битна личност од животот на Нико на цедило, и Кољка тоа не му го простил. Втората причина е тоа што се замериле за престиж, наводно нарачателот на убиството на Нико сакал да биде пред него во поглед на обавувањето на јавните функции по завршувањето на војната.
Со оглед на тоа дека Кољка имал чин Капетан, неговото заминување за Сремски фронт не било задолжително, но тој непоколебливо се одлучил за да замине. Збирањето и тргањето за Сремскиот фронт било од Скопје, главниот град на тогашна Демократска Федерална Македонија. Братот од Кољка, тргнал од Крушево за Скопје, за да го премисли, односно да направи се што е во негова моќ за Нико да не замине за Сремски фронт, но во тоа не успеал.
По заминувањето за Сремскиот фронт тој бил ранет во борбата за Винковци на 13 Април 1945 година и бил сместен во болница. Откако се сместил бил изманипулиран за да ја напушти болницата со реченицата дека наводно “неговата бригада води тешки борби со непријателот“, тој без размислување веднаш ја напуштил болницата и се упатил кон пронаоѓање на неговата бригада на територијата околу Врпоље, каде што бил наместен и убиен на 15 Април 1945 година, а му било пукано во врат.
Кољка како старешина, многу одговорно и грижливо се однесувал кон борците, барајќи од нив ред и дисциплина како фактор за опстанок во секојдневните борби. Бил почитуван и сакан од сите борци. За неговиот придонес во Народноослободителната и Антифашистичка војна во Македонија, се здобил со чин Капетан и е одликуван со медал и орден за храброст и со „Партизанска ѕвезда“ од втор ред, а во Крушево има улица која го носи неговото име. Порано постоело и претпријатие за откуп и обработка на тутун и негова спомен-биста во дворот на поранешното претпријатие „Нико Доага“. Опишан е и во „Зборникот на загинати борци од Крушево и Крушевско 1941-1945“ од 1994 година.