Миодраг Божиновски - Мичо

Миодраг Божиновски - Мичо (Куманово, 20 мај 1952 - Скопје, 10 август 2011) — македонски композитор, текстописец, аранжер и продуцент на песни од забавната и новосоздадената народна музика.

Миодраг Божиновски - Мичо
Роден 1952
Куманово, СР Македонија, СФРЈ
Починал 10 август 2011
Скопје, Македонија
Познат композитор

Животопис

уреди

Миодраг Божиновски е роден на 20 мај 1952 година во Куманово. Потекнува од петчлено работничко семејство. Со основно образование се стекнал во родниот град, а средно музичко училиште и Факултет за музичка уметност завршил во Скопје. По завршувањето на факултетот, Божиновски се вработил во селото К’шање, како наставник по музичко образование, но по една година преминал во Нижото музичко училиште „Панче Пешев“ во Куманово, каде што работел како наставник, а подоцна и професор, по солфеж, теорија, пијано и класична гитара. Во 1984 година се вработил во музичката продукција на Македонската радио-телевизија, каде што останал до крајот на животот, работејќи како музички продуцент - уредник на националните ансамбли.[1]

Творештво

уреди

Своите афинитети кон музиката, Божиновски ги покажал уште во најраната детска возраст, кога неговите настапи со гитара претставувале составен дел на сите школски, а подоцна и градски, манифестации, на кои вообичаено ги свирел популарните мексикански песни. Подоцна, под влијание на Битлси, Божиновски членувал во неколку вокално-инструментални состави (ВИС), од кои, најдолго останал во ВИС „Red Roses“. Сепак, поради обврските околу школувањето во Скопје, постепено ги напуштил јавните настапи во Куманово, а музичката кариера во родниот град ја продолжил подоцна, во својство на диригент на забавниот оркестар при КУД “Илинден”. Својата десетгодишна работа во овој ансамбл, Божиновски ќе ја закити со изведбата на шест фестивали на забавни детски песни “Распеано детство”, како и многу други програми со возрасни пејачи на забавни песни, а дел од нив забележани како видео запис во емисијата на ТВ Скопје “Забавно меѓувреме”. Работејќи со КУД “Илинден”, Божиновски ги направил своите први оркестарски аранжмани, по што следувале покани од професионалните оркестри, со што тој започнал да го пробива патот кон врвот на најзначајните аранжерски имиња во Македонија.

Миодраг Божиновски се вбројува во врвните македонски композитори и текстописци на забавна и народна музика. Во својата долгогодишна кариера, тој создал голем број песни, меѓу кои се вбројуваат и големите хитови, како: „Свирете ми тамбури“ и „Бабино девојче“, во изведба на Нино Величковски и „Моја серенада“, изведувана од Гоце Николовски. Исто така, тој работел и со поголем број кумановски музичари, како: Маргица Антевска, Никола Давидовски, сестрите Маријана и Росана, Зоран Паневски, гитаристот Томислав Нешковски, триото “Носталгија”, групите “Корона” и “Симпатија” итн. Уште повеќе, по иницијатива и под музичко раководство на Божиновски е создаден октетот „Куманово“, за кој напишал 250 песни, кои се издадени на повеќе носачи на звук (четири касети и три плочи), забележани на бројни телевизиски настапи (“ОК ШОУ”(Октет Куманово Шоу), “Песна на ангелот”, “Опеана вода”, “Златна гранка” и др.) и наградувани на повеќе фестивали.

Божиновски е автор и на голем број детски песни, застапени во детските серии “Полетај песно”, “Расте Ана - расте Анче”, “Математика”, серијата од цртани филмови на МРТ “Саки од Саканија”, а меѓу нив се истакнува музиката за серијата „Во светот на бајките“. Исто така, тој создавал и музика за драмски претстави (“Мојот татко социјалистички кулак”, “Невеста”, “Господа Глембаеви”, “Оливер Твист”, “Зајко рококајко” итн.), телевизиски серии (“Североисточно од југозапад”, “Погрешно одсвирена нота”, “Погрешно време”), како и наменски песни, од кои се истакнуваат „Песна на ангелот“, „Водици“ и „Песна на цвеќето“, кои ги освоиле првите места на познатиот фестивал на Југословенската радио-телевизија што се одржувал во Неум, Босна и Херцеговина. Во продолжение, Божиновски пишувал и сериозна музика, создавајќи ги минијатурите за пијано под наслов Солзи.[2] Во својата долгогодишна кариера, Божиновски ја извршувал функцијата уметнички директор на фестивалите “Златно Славејче” ′92, и “Цветници” ′95.

Во знак на благодарност за неговиот огромен придонес во збогатувањето, осовременувањето и афирмирањето на културното живеење во Куманово, во 1991 година, градскиот совет му ја доделил “Ноемвриската награда”. Исто така, како потврда на целокупното творештво на Божиновски, во 2011 година, Советот на фестивалот „Охрид фест - Охридски трубадури“ одлучи посмртно да му додели награда за посебен придонес во развојот на музиката.

Наводи

уреди
  1. „„Почина композиторот Миодраг Божиновски", Дневник, петок, 12 август 2011, стр. 21“. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 2011-08-17.
  2. „Почина авторот на вечната „Серенада““, Утрински весник, бр. 3654, петок, 12 август 2011.