Меха (манга и аниме)

Меха — назив за џиновски роботи управувани од пилоти, кои потекнуваат од јапонските манга-стрипови и цртаните филмови аниме, но се рашириле низ светот во различни комерцијални облици (на пр. добро познатите кукли „трансформери“). Името доаѓа од зборот механика (mechanic).

Првиот џиновски робот во јапонската култура е роден во 1972 година. Се викал Mazinger Z, а го осмислил цртачот на стрипови Го Нагаи. Чудовишта напаѓаат од вселената, бранителите имаат тајна база, во џиновскиот робот седи тинејџер и го управува и во секоја епизода од цртаната серија уништува по едно чудовиште. Оваа формула, која во смисла на едноставност и генијалност е еднаква на американскиот изум на суперхерои во хеланки, ќе биде неисцрпен извор на вдахновение за стотици јапонски аниматори во следните дваесет години.

Така, на почетокот на мехата биле прикажувани роботи што се борат со чудовишта. Потоа се појавила познатата серија Гундам (1979), каде за прв пат роботите биле користени во војна на луѓе со луѓе, што значи дека самиот робот повеќе не бил херој, туку орудие.

Уште од Вагнер немало уметнички облик што толку би ја заслужувал ласкавата титула Gesamtkunstwerk. Тоа не е уметност за неподготвени. Јапонски љубител на меха, како и европски љубител на опера, нема да го следат само заплетот. Тој ќе го проучува дизајнот на роботите и ќе ја оценува веродостојноста на нивните механизми, бидејќи има аниматори кои се специјализирани исклучиво во ова подрачје. Тој слуша како зборуваат ликовите и ги препознава неговите омилени синхронизатори, од кои некои имаат статус еднаков на најголемите ѕвезди на играниот филм. Специјалните ефекти, кореографијата на битките, музиката и песните, дизајнот на униформата на пилотот и неговата фризура - сè е битно, сè строго се оценува.

Меѓутоа, секогаш кога некоја уметничка гранка ќе се развуе и ќе разработи свои правила и иконографија, порано или подоцна се појавува гениј кој ја превртува наопаку и ја потонува во декаденција. Серџо Леоне тоа го направи за вестернот, Дејвид Линч за криминалните филмови. И мехата веќе го добила својот анфан терибл, тоа е Хидеаки Ано со серијата Shin Seiki Evangelion. Во таа серија, џиновскиот робот е всушност живо суштество и станува средство за екстернализирање на болната психа на својот тинејџерски пилот, па битките со роботи завршуваат со канибализам!

Надворешни врски

уреди