Мари-Софи Жермен
Мари-Софи Жермен (француски: Marie-Sophie Germain, 1 април 1776, Париз, Франција - 27 јуни 1831, Париз, Франција) — француски математичар, физичар и филозоф. Таа е најпозната по теоремата во аритметиката која го носи нејзиното име, по својата преписка со Карл Фридрих Гаус и по својата работа на еластичноста на телата.
Мари-Софи Жермен Marie-Sophie Germain | |
---|---|
Мари-Софи Жермен | |
Роден(а) | 1 април 1776 Париз, Франција |
Починал(а) | 27 јуни 1831 Париз, Франција | (возр. 55)
Живеалиште | Франција |
Националност | француска |
Полиња | математичар, физичар, и филозоф |
Познат по | Теорија на еластичноста, диференцијална геометрија, и теорија на броеви; на пр. примарни броеви на Софи Жермен |
Животопис
уредиМари-Софи Жермен е родена во Париз, Франција, во семејството на Амброаз-Франсоа (Ambroise-Franҫois) и Мари-Мадлин (Marie-Madeline), на улица Сен-Дени (Rue Saint-Denis). Таа имала две сестри, помладата Анжелик-Амброаз (Angélique-Ambroise) и постарата Мари-Мадлин (Marie-Madeline). Нејзиниот татко бил богат трговец на свила,[1][2][3] но според некои толкувања, тој бил златар.[4] Во 1789 година, Аброаз-Франсоа бил избран како претставник на буржоазијата во Собраниската класа (États-Généraux), па во раната младост Мари-Софи присуствувала на многу дискусии на нејзиниот татко со пријателите за политика и филозофија. По завршувањето на политичката кариера, Амброаз станал директор на банка, зголемувајќи ја материјалната положба на семејството, кое можело да ја поддржува Мари-Софи до крајот на нејзиниот живот. Образованието го усовршила со читање на книги од библиотеката на својот татко и препишувала некои работи од познатите математичари Лагранж, Лежандр и Гаус. Еден ден, таа случајно наишла на легендата за смртта на Архимед и, воодушеван од него, се определила за изучување на математиката. Меѓутоа, во нејзиното време, образованието им било дозволено само на аристократските девојки, додека Мари-Софи припаѓала на средната граѓанска класа, така што не ѝ било дозволено формално образование. Нејзините родители, штом дознале дека таа тајно учи, најпрвин ѝ го забраниле тоа, а потоа презеле и поостри мерки: штом ќе заминела на спиење, ѝ ја одземале облеката, ги исклучувале осветлувањето и греењето, итн., а сето тоа со цел да ја спречат да станува навечер за да учи. Сепак, едно утро, кога родителите ја нашле заспана на своето биро со перодрѓката во раката, тие сфатиле дека нејзината љубов кон математиката е огромна и ѝ дозволиле да учи. Тогаш, Мари-Софи ги научила грчкиот и латинскиот јазик, како и понапредните математички области. Кога Мари-Софи имала 18 години, во Париз било отворено Политехничкото училиште (École Polytechnique) во коешто на жените им било забрането да се запишат. Сепак, преку нејзините пријатели кои учеле таму, Мари-Софи го добивала белешките од предавањата и така имала можност да учи од врвни математичари. таа особено била заинтересирана за предавањата на Лагранж кому му ги испратила своите белешки за неговите анализи, потпишувајќи ги со псевдонимот М. Ле Блан (поранешен ученик на Лагранж). Лагранж бил воодушевен од белешките и се запознал со неа, по што ѝ станал ментор и ја запознал со славни математичари и научници.[5]
Мари-Софи Жермен е погребана на гробиштата „Пер Лашез“ во Париз.
Творештво
уредиВо 1808 година, Француската академија на науките организирала натпревар, финансиран од Наполеон, во кој требало математички да се докаже дел од законот за вибрација на еластични површини. Тогаш, Жермен навлегла во подрачјето на еластичноста. Првиот пат, таа била единствениот учесник на натпреварот, но нејзиниот труд бил одбиен од комисијата, затоа што не поседувала формално образование. Потоа, Жермен стапила во контакт со Лагранж, кој ѝ помогнал да ги поправи грешките во трудот и така, таа се пријавила по вторпат на конкурсот. Подоцна, по многу потрошено време, таа се пријавила и по третпат на конкурсот и тогаш ја освоила наградата. Потоа, таа станала првата жена во историјата која самостојно присуствувала на состаноците на Академијата, а исто така, таа била поканета и на некои настани на Францускиот институт (Institute de France).[6]
Голем дел од животот Жермен работела на теоријата на броевите при што соработувала со германскиот математичар Гаус. Исто како на Лагранж, и нему таа му ги испратила своите истражувања, под псевдонимот М. Ле Блан, и Гаус се заинтересирал за неа, но набргу ја прекинал соработката бидејќи заминал да предава на Универзитетот во Гетинген. Сепак, подоцна, тој го убедил универзитетот да ѝ додели на Жермен почесен докторат, но таа претходно починала.[6] [7]
Нејзината работа на Последната Фермаова теорема (позната како Фермаова голема теорема) обезбедила основа за математичарите кои истражувале на оваа тема стотици години подоцна. По нејзината смрт, дел од нејзината работа објавил Арман-Жак Лербет (Armand-Jacques Lherbette), синот на нејзината постара сестра Мари-Мадлин.
Признанија
уредиНа стогодишнината од раѓањето на Мари-Софи Жермен, една улица и едно женско училиште се наречени по нејзиното име. Исто така, во нејзина чест, Француската академија ја воспоставила наградата „Софи Жермен“ (Prix Sophie Germain).
Наводи
уреди- ↑ Del Centina 2005, sec. 1.
- ↑ Gray 1978, стр. 47.
- ↑ Moncrief 2002, стр. 103.
- ↑ Gray 2005, стр. 68.
- ↑ Нина Дечева, „Софи Жерман - Математичарката под машки псевдоним“, Економија и бизнис, година 19, број 231, септември 2017, стр. 84-85.
- ↑ 6,0 6,1 Нина Дечева, „Софи Жерман - Математичарката под машки псевдоним“, Економија и бизнис, година 19, број 231, септември 2017, стр. 85.
- ↑ Osen 1974, стр. 91.
Надворешни врски
уреди- Оконор, Џон Џ. и Едмунд Ф. Робертсон. „Мари-Софи Жермен“ - Архив „Историја на математиката“ на MacTutor (англиски)
- Мари-Софи Жермен — Проект „Математичко родословие“ (англиски)
- Sheroes of History; Sophie Germain
- Sophie Germain in the illustrated story Архивирано на 6 јуни 2021 г. at the Kids Love Science project