Мануел Хосе Хоакин дел Корасон де Хесус Белграно и Гонсалес (шпански: Manuel José Joaquín del Corazón de Jesús Belgrano y González; 3 јуни 1770 – 20 јуни 1820), често именуван како Мануел Белграно, бил аргентински економист, правник, политичар и воен водач. Тој останал заначан за јужноамериканската историја поради неговите придонеси и водство во Аргентинската војна за независност, како и создавањето на аргентинското знаме како национален симбол на државата. Тој се смета за еден од главните „Ослободувачи“ („Либертадори“, Libertadores) на Аргентина.

Мануел Белграно
Портрет на Белграно од Франсоа-Касимир Карбонер, насликан кога Белграно бил на дипломатска мисија во Лондон
Роден3 јуни 1770(1770-06-03)
Буенос Аирес, Гувернарија Рио де ла Плата, Вицекралство Перу (денес Аргентина)
Починал20 јуни 1820(1820-06-20) (возр. 50)
Буенос Аиресs, Обединети покраини на Рио де ла Плата
НационалностАргентинец
Алма матерУниверзитет во Ваљадолид
ПартијаКарлотизам, патриот
ВероисповедРимокатолик
ПартнерМарија Хосефина Ескура, Марија Долорес Елгеро
Потпис

Белграно е роден во Буенос Аирес и било четврто дете на италијанскиотп трговец Доминго Белграно и Пери и неговата сопруга Хосефа Касеро. Тој се запознал со идеите на просветителството додека бил студент во универзитетот во Шпанија, во период кога се одвила француската револуција. По неговото враќање во Вицекралството Рио де ла Плата, каде што станал истакнат член на криолското население на Буенос Аирес, тој се обидел да промовира некои од новите политички и економски идеали, но се сепак во тоа време се соочил со голем отпор од локалното насееление родено во Шпанија, т.н. „полуостровци“. Ова одбивање го приморало да вложи труд во борбата за поголема автономија на неговата земја од шпанскиот колонијален режим. Првично, Белграно неуспешно ги промовирал стремежите на Карлота Хоакина, која се стремела да биле владетел на вицекралството во периодот кога шпанскиот крал Фернандо VII бил заробен во екот на Полуостровската војна. Следствено на тоа, и следејќи ги политичките превирања во Империјата, Белграно застанал како голем поддржувач на Мајската револуција, со која се отстранил вицекралот Балтасар Идалго де Сиснерос на 25 мај 1810. Тој бил избран за член со право на глас во „Примера хунта“, локалната нова власт во државата.

Како делегат на хунтата, тој ја предводел лошо организираната парагвајска кампања. Неговите трупи биле поразени од Бернардо де Валеско во битките за Кампичуело и Парагвари. Иако бил поразен, кампањата иницирала сплет на настани кои резултирале со независност на Парагвај во мај 1811 година. Тој се повлекол во Росарио, за да се зајакнат патриотските упоришта поради можните напади на монархистите од Банда Ориентал. Додека бил таму тој го создал знамето на Аргентина. Првиот триумвират не го прифатил знамето, но поради бавната комуникација, Белграно за тоа разбрал неколку седмици подоцна, додека ја засилувал Армијата од Северот во Хухуј. Таму, знаејќи дека не бил во стратешка предност во однос на монархистите кои доаѓале од Горно Перу, Белграно го наредил Хухујскиот егзодус, со што се евакуирало целото население од покраината Хухуј во Сан Мигел де Тукуман. Неговиот контра напад со Битката во Тукуман резултирала со клучна стратешка победа и наскоро била проследена од целосна победа со Битката во Салта. Сепак, длабокото навлегување во Горно Перу довело до порази за време на Битката во Вилкапугио и Битката во Ајоума. Тоа довело до негова смена како командир на Армијата од страна на Вториот триумвират, и на негово место бил поставен Хосе де Сан Мартин. Во меѓувреме Собранието од XIII година го одобрило знамето на Белграно како национално воено знаме.

Подоцна, Белграно тргнал на дипломатска мисија во Европа заедно со Бернардино Ривадавија. Целта на мисијата била да побараат поддршка за револуционерната влада. Тој се вратил во Аргентина кога зел учество во Тукуманскиот конгрес, настан со кој се објавила независноста на Аргентина во 1816 година. Тој го промовирал планот на Инка со кој државата требало да биде уставна монархија, управувана од монарх со Инка-потекло. Овој предлог имал поддршка од Сан Мартин, Мартин Мигел де Гуемес, и други значајни покраински делегати, но оваа идеја била веднаш отфрлена од Буенос Аирес. Тукуманскиот конгрес ја одобрил употребата на знамето како национално знаме на новата држава. По овие настани, Белграно повторно бил поставен на чело на Армијата на Северот, но неговата мисија била ограничена со заштита на Сан Мигел де Тукуман од манархистички напади. Кога Хосе Хервасио Артигас и Естанислао Лопес станале сериозна опасност за напад на Буенос Аирес, Белграно ја пратил армијата јужно, но војниците дезертирале во јануари 1820 година. Белграно умрел на 20 јуни 1820 година од едема.

Потекло

уреди
 
Семеен грб на Белгранови.

Мануел Хосе Хоакин дел Корасон де Хесус Белграно е роден во Буенос Аирес на 3 јуни 1770 година. Домот каде се родил се наоѓал во близина на манастирот Санто Доминго, на улица „Санто Доминго“, помеѓу улиците „Мартин де Турс“ и „Сантисима Тринидад“ (денес, имињата на улиците се „Белграно“, „Дефенса“ и „Боливар“).[1] Иако во тоа време градот бил значително помал, Белграно сепак живеел во едно од најбогатите населби на Буенос Аирес. Мануел Белграно бил крстен во Метрополската катедрала во Буенос Аирес, еден ден по раѓањето.[2] Бидејќи тој се родил во Јужна Америка, иако бил со чисто европско потекло, тој се сметал за криолец, една класа под „полуостровците“, кои исто така биле со европско потекло но биле родени во Шпанија и важеле за најелитна класа во колонијална Јужна Америка.

Неговиот татко Доминго Белграно бил од Лигурија, Италија.[3] Неговото мајчино презиме било „Пери“ (Peri), што на шпански го превел како „Перес“ (Pérez). Неговото татково презиме било „Белграно“ (Belgrano), што во буквален превод значи „убаво жито“. Родното име на Доминго Белграно било „Доменико“, италијанската верзија на името. Доминго бил италијански трговец кој добил дозвола од шпанскиот крал да се пресели во Јужна Америка. Тој го промовирал основањето на Трговскиот конзулат во Буенос Аирес, со кој години подоцна ќе управува Мануел Белграно.[4] Мајката на Белграно била Марија Хосефа Гонсалес Ислас и Касеро, родена во Сантјаго дел Естеро, Аргентина. Семејството Белграно било второ најбогато во Буенос Аирес, веднаш зад семејството Ескаладас.[1] Тие имале 16 сина, четири од кои умреле. Доминго Белграно имал семеен бизнис и за четири од своите ќерки договорил брак со трговци кои ќе станат негови верни агенти во Банда Ориентал, покраината Мисионес и Шпанија. Осумте сина следеле различен пат: Доминго Хосе Естанислао се прикличил на локалната катедрала, а Карлос Хосе и Хосе Грегорио се приклучиле на армијата. Мануел Белграно требало да ја наследи работата на татко му, но кога тој развил други интереси, семејниот бизнис го наследил Франсиско Хосе Марија де Индиас.[5]

Образование

уреди
 
Универзитетот во Саламанка, значаен универзитет во Шпанија и место каде Белграно ги градел своите ставови.

Првиот дел од своето образование, односно основното и средното училиште, Белграно го завршил во училиштето „Сан Карлос“. Таму Белграно изучувал латински јазик, филозофија, логика, физика, метафизика и книжевност. Тој завршил во 1786 година.[6] Доминго имал доволен успех како трговец и така ги пратил Франсиско и Мануел да студираат во Европа. Тој очекувал тие да изучуваат трговија, но Мануел одлучил да студира право. Белграно бил многу успешен студент и се стекнал со престиж, па така папата Пиј VI му дозволил да ја проучи забранетата литература, па дури и книги кои се сметале за еретички.[7] На тој начин тој стапил во контакт со автори како Шарл Монтескје, Жан-Жак Русо и Гаетано Филанџери, автори кои биле забранети во Шпанија.[8]

Белграно студирал со интелектуалната елита на Шпанија и во тој период веќе се заостриле полемиките за француската револуција. Принципите на „еднаквост“ и „политичка слобода“, универзалните начела на декларацијата на правата на човекот и граѓанинот и критиките за Божествените права на Кралот биле постојани теми за дебати. Поддржувачите на ваквите идеи сметале дека Шпанија треба да биде моделирана според таквите начела. а критичарите на таквите идеи ги сметале за тирански.[9] Како и да е, шпанското просветителство било нешто поразлично од француското бидејќи сè уште се давале почит на верата и монархијата. Така, и покрај новите влијанија, Белграно останал верен Католик и монархист.[10]

Белграно исто така студирал јазици, политичка економија и јавни права. Авторите кои имале најголемо влијание врз Белграно биле Педро Родригес де Кампоманес, Гаспар Мелчор де Ховелјанос, Адам Смит и Франсоа Кене.[9] Белграно ја превел на шпански книгата на Кене, „Општи начела на економската влада во земјоделското кралство“ (Maximes générales de gouvernement economique d'un royaume agricole). Неговиот главен интерес во работата на таквите автори биле идеите кои се однесувале за јавното добро и општиот развој.[9] Како и голем број јужноамерикански студенти, тој се заинтересирал физиократијата, која тврдела дека новото богатство доаѓа од природата, дека земјоделството е економска дејност која генерирал повеќе приход одошто е потребно и дека државата не смее воопшто да интервенира во него. Тоа време, Јужна Америка имала огромни природни ресурси и строга државна контрола врз економијата. Белграно ја развил идејата дека принципите на физиократијата и тие зададени од Адам Смит можат да се воведат во Вицекралството Рио де ла Плата. При развојот на таквото мислење тој бил под влијание и на Фернандо Галиани, кој го промовирал изучувањето на одредени случаи од теоретската генерализација, но и од Антонио Геновеси, кој ја промовирал идејата за апсолутна слобода.[11] За време на неговиот престој во Европа, Белграно станал претседател на Академија во рамките на Универзитетот во Саламанка, посветена на римското право, форензиката и политичката економија.[7]

Враќање во Јужна Америка

уреди

Трговски конзулат

уреди
 
Хуан Хосе Кастилји, близок соработник, поддржувач и братучед на Белграно.

Кратко време пред неговото враќање во Буенос Аирес на 3 јуни 1794 година, Белграно бил избран од страна на Дон Диего де Гардоки за „секретар“ на Трговскиот конзулат во Буенос Аирес, нова месна институција која се занимавала со трговски и индустриски прашања во име на кралот. Овој ден подоцна во аргентинската држава ќе биде познат како „Ден на економистите“.[12] Тој останал на таа фунцкија до 1810 година. Белграно се занимавал со трговски спорови и промовирање на земјоделството, индустријата и трговијата. Немајќи голема слобода да направи големи промени во економскиот систем, тој дал вложил голем труд за да го подобри образованието. Тој верувал дека вистинското богатство на државите била човековата умешност и дека најдобриот начин да се промовира индустријализацијата бил преку образованието.[13]

Белграно одржувал чести разговори со членовите на комитетот на Конзулатот, кои сите биле трговци со цврсти интереси за монополна трговија со Кадис.[14] Тој предлагал поголем број предлози, под влијание на идеите за слободна трговија.[15] Тие идеи биле одбиени од членовите на комитетот, а како негови поддржувачи се јавиле само Хуан Хосе Кастелји, Хуан Лареја и Доминго Матеу. Како и да е, Белграно имал одреден степен на успех, како што е создавањето на Наутичкото училиште, Трговското училиште и Академијата за геометрија и цртање. Тој го основал Трговското училиште за да влијае врз идните трговци за да би работеле за доброто на државата,[16] а Наутичкото училиште и Академијата ги основал за да им овозможи на младината престижно образование.[17] Училиштата се наоѓале веднаш до Конзулатот и така Белграно имал лесен пристап сè со цел да го набљудува напредокот. Тие работеле три години пред да бидат затворени од Мануел Годој, односно шпанскиот монарх, кој ги сметал за непотребен луксуз за колонијата. Исто така се сметало дека Буенос Аирес не можел да ги одржува.[18]

Белграно се обидел да ја промовира разновидноста на земјоделството преку производството на лен и коноп. Тој предложил да се чуваат резерви на жито со што би се помогнало при контролата на цената.[19] Тој исто така придонел при признавањето на кожата како производ на земјата, со што би се зголемил трговскиот потенцијал.[20] Ниту еден од овие предлози не бил прифатен.

Белграно исто така помогнал при создавањето на првиот весник во Буенос Аирес, „Телеграфо Меркантил“ (Telégrafo Mercantil).[21] Тој работел со Мануел Хосе де Лаварден и бил уредник на скоро 200 изданија на весникот. Весникот бил затворен во 1802 година поради судир со авторитетите на вицекралството, кои не ја сакале критиката во весникот ниту пак шегите и пародиите. Белграно исто така работел во „Семинарот за земјоделство, трговија и индустрија“, каде ги објавувал своите идеи за економијата и трговијата. Голем број револуционерни идеи биле објавени во вид на есеи.[22]

Белграно имал симптоми на сифилис, со кој се заразил во Европа.[23] Оваа болест го натерала подолго време да отсуствува од работа и предложил како негова замена да биде неговиот братучед Хуан Хосе Кастилји.[24]

Британска инвазија

уреди

Белграно бил назначен за капетан на градската милиција во 1797 година од страна на вицекралот Педро де Мело, кој пак добил наредби од Шпанија да се подготви за одбрана во сличај на британска или португалска инвазија.[25] Во тоа време Белграно работел во Конзулатот и немал желба да гради воена кариера.[26] Вицекралот Рафаел де Собремонте наредил тој да создаде милиција која би се спротивставила на можната британска инвазија. Неговото прво вмешување во воен конфликт се случило кога Британците, под команда на Вилијам Кар Бересфорд, пристигнале во Буенос Аирес, група од 1600 луѓе. Со тоа започнала британската инвазија на Рио де ла Плата. Штом ги слушнал предупредувањата Белграно се засолнил во тврдина и собрал голем број луѓе што би се спротивставиле на Британците. Но без потребното знаење, неговите луѓе марширале без ред.[27]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 Lagleyze, p. 8
  2. Mario Belgrano, p. 18
  3. Mario Belgrano, pp. 13–17
  4. Mario Belgrano, p. 17
  5. Mario Belgrano, pp. 17–19
  6. Lagleyze, p. 10
  7. 7,0 7,1 Luna, p. 11
  8. Mario Belgrano, p. 23
  9. 9,0 9,1 9,2 Luna, p. 13
  10. Belgranian National Institute, "formación intelectual Архивирано на 27 ноември 2012 г." (шпански: Intellectual training)
  11. Pigna, p. 11-12
  12. Ley 1066 Архивирано на 29 јуни 2011 г.
  13. Luna, p. 19
  14. Mario Belgrano. p. 26
  15. Mario Belgrano, p. 32
  16. Luna, pp. 23–24
  17. Luna, p. 24
  18. Manuel Belgrano, p. 56
  19. Mario Belgrano, p. 38
  20. Mario Belgrano, p. 27
  21. Mario Belgrano, p. 42
  22. Mitre, Bartolomé: Historia de Belgrano. Buenos Aires, 1859, v.1, pp. 202–206.
  23. Luna, p. 21
  24. Luna, pp. 21–22
  25. Belgranian National Institute, "Belgrano y las Invasiones Inglesas 1806 y 1807" (шпански: Belgrano and the 1806–1807 Brith Invasions)
  26. Luna, p. 29
  27. Luna, p. 30

Литература

уреди

  • Belgrano, Manuel; Felipe Pigna. Autobiografía y escritos económicos (шпански). Argentina. ISBN 978-950-04-3189-7.
  • Belgrano, Mario (1944). Hombres representativos de la Historia Argentina: Belgrano (шпански). Argentina: National Academy of History of Argentina.
  • Chasteen, John Charles (2008). Americanos: Latin America's struggle for independence. United States: Oxford University Press. ISBN 978-0-19-517881-4.
  • Aníbal Jorge Luzuriaga. „Manuel Belgrano“ (шпански). Argentina: Belgranian National Institute. Посетено на 28 December 2011.
  • Galasso, Norberto (2004). Mariano Moreno, "El sabiecito del sur" (шпански). Argentina: Colihue. ISBN 950-581-799-1.
  • Lagleyze, Julio Luqui (2010). Grandes biografías de los 200 años: Manuel Belgrano (шпански). Argentina: Clarín. ISBN 978-987-07-0837-7.
  • Luna, Félix (2004). Grandes protagonistas de la Historia Argentina: Manuel Belgrano (шпански). Argentina: Grupo Editorial Planeta. ISBN 950-49-1247-8.
  • Macintyre, Stuart (2011). The Oxford History of Historical Writing. United States: Oxford University Press. ISBN 978-0-19-953309-1.
  • Saavedra, Cornelio (2009). Memoria autógrafa (шпански). Argentina: Editorial del Nuevo Extremo. ISBN 978-987-609-171-8.
  • Saldaña, Juan José (2006). Science in Latin America. United States: University of Texas Press. ISBN 978-0-292-71271-3.
  • Scenna, Miguel Ángel (2009). Mariano Moreno (шпански). Argentina: H. Garetto Editor.
  • Shumway, Nicolas (1991). The Invention of Argentina. Berkeley and Los Angeles, California: University of California Press. ISBN 0-520-08284-2.

Надворешни врски

уреди