Магарешки атентати

Магарешките атентати — низа терористички акти извршени во текот на 1911 и 1912 година од дејци на новата организација ВМРО,[1] која произлегла од расцепот на Македонската револуционерна организација.

Во периодот што непосредно претходел на Балканските војни, во Македонија ВМРО ја продолжила вооружената борба, но со нова тактика. На Ќустендилскиот конгрес се дало акцент на тероризмот и од тука произлегле т.н. Магарешки атентати. Со атентатите се сакало да се предизвика турскиот фанатизам и со очекуваната реакција од нив се сакало да се вознемири и пробуди европското јавно мислење против Турците. Убиствата извршени од страна на Турците биле еден од поводите за почеток на Првата балканска војна.

Опис

уреди

Мошне сликовит опис на магарешките атентати дава Анастас Митрев, кој запишал:

Некаков македонски бедник го натоварил магаренцето со две торби пченкарно брашно, оди на пазар за да го продаде брашното на други бедници. Го пречекува четата и, со пари или без пари, му го зема магаренцето, става во едната торба пеколна машина и еден од четниците, преоблечен во селска облека, тргнува со магаренцето кон пазарот. И таму, каде што се струпува турската сиромаштија, запира ’продавачот’ на пченкарно брашно, ги растоварува торбите и ги соблазнува даалиите што скитаат по пазарот со викот ’евтино брашно!’ Даалиите се натрупуваат околу ’продавачот’, секој посакува да купи евтино брашно за да ги нахрани своите гладни деца. ’Продавачот’ одвреме навреме го погледнува часовникот и, две-три минути пред избувнувањето на пеколната машина, ја прекратува продажбата за малу, оди да го види магаренцето, или по нужда и не се враќа повеќе. Пеколната машина експлодира и откинува некому рака, некому нога, некому глава од насобраната турска сиромаштија. Атентаторот жив, здрав и насмеан дека успешно си ја извршил дадената задача се враќа кај четата на определеното место.[2]

Атентати

уреди

Првиот атентат во Штип

уреди

На 4 декември 1911 година (нов стил) во Штип експлодирала вреќа со бомби. Според еден извор, при тоа биле убиени двајца Турци, а биле ранети 25 Турци, еден Евреин и еден Македонец. Како резултат од оваа терористичка дејност за помалку од еден час биле убиени 17 христијани, а 149 биле ранети.[3] Според друг извор, во терористичкиот напад загинале тројца Турци од кои едно дете, а биле ранети 12 други, додека во реакцијата Турците истепале 20-мина и потешко или полесно раниле 309 штипјани.[4]

Во првичните извештаи на кајмакамот на Штип до валијата на Косово актот на насилство на муслиманите врз христијаните го оправдувал со наводно поставената бомба наспроти ѕидот од џамијата при што биле повредени тројца муслимани од кои едниот починал. Но, по испитување на повеќе извори, Вилијам Хав, британскиот вицеконзул во Скопје, утврдил дека бомбата не била поставена спроти ѕидот на џамијата за време на молитвата, туку била донесена од страна на некој селанец, скриена во кола полна со производи за пазар, и оставена до јавната вага на пазаришниот плоштад околу 9 и 30 часот наутро.[5] Таа експлодирала неколку минути подоцна. Мали штети биле направени на ѕидот од соседната џамија. Неколку лица кои стоеле настрана, повеќето Турци, биле сериозно повредени, а еден од нив починал по три дена.

Според извештајот на епископскиот викар од Штип, по овој несакан инцидент, целата муслиманска популација, разлутена до краен степен, се нафрли врз невините христијани. Голема толпа Турци, меѓу кои имало војници, полицајци и други државни службеници, вооружени со ножеви, пушки, револвери, секири, палки, чекани и др. удриле врз христијанското население дојдено да пазарува, со повиците Убијте ги каурите. Во рок од половина час голем број христијани биле убиени и повредени. Во тој прв налет биле убиени 17 луѓе на лице место, тешко повредиле неколку десетици, а полесно околу 150. Вкупниот број изнесувал 302. Тројца од повредените починале подоцна од добиените повреди.

Во целиот настан најповеќе настрадале жителите на Штип кои биле целосно невини за какво било учество или согласност со злосторството, туку тоа било инспирирано многу повеќе од желбата да бидат казнети како и да доведе до инцидент. Лем наведува дека по шокантното убиство на шест муслимани близу Килисели, и правните последици и други процеси во Штип, ... минатата година, видните лица од овој град решиле целосно да ги прекинат врските со организацијата на Тодор Александров, одбивајќи дури да даваат придонеси, како порано, во неговите фондови или да ги примаат и разнесуваат неговите емисари кога тие го посетуваат градот. После тоа, Александров ја објавил својата намера да им го доведе умот.

Останати атентати

уреди

Се случиле повеќе вакви атентати: на почетокот на 1912 година во Штип, на 1 август 1912 (нов стил) во Кочани, а на 28 август во Дојран.

При атентатот во Кочани експлодирале две бомби и биле убиени 28 Турци, по што биле убиени 21 Македонец, а биле ранети 190 души. Според други извори загинале петмина Турци, а како реакција на тоа, толпата и војската од тамошниот гарнизон убила 38 Македонци, меѓу кои и неколку деца, додека бројот на повредените достигнал 466 души.[6]

Во Дојран, според едни извори загинале 13 Турци, а биле ранети 42 Турци и тројца Македонци. Според други 60 Турци и 5-6 Македонци.[7]

Бомбени атентати во 1912 година биле извршени и во Битола (30 јануари и 24 септември), Кичево (17 февруари), Крушево (9 февруари и 6 септември), Охрид (25 април и 30 јули), Ресен (31 јули), Прилеп (2 септември), Кавадарци и во други места. Бомби биле откриени и во Солун.[6]

Наводи

уреди
  1. Виолета Ачковска и Никола Жежов „Предавствата и атентатите во македонската историја“, Скопје, 2004.
  2. Анастас Митрев „Мемоари, огледи, статии“, Скопје, 1974, 83 стр.
  3. Јусуф Хамза „Младотурската револуција во Османлиското Царство“, „Логос-А“, Скопје, 1995, 345-346 стр.
  4. Манол Пандевски „Политичките партии и организации во Македонија (1908-1912)“, „Мисла“, Скопје, 1987, 65 стр.
  5. ДАРМ, М-1606, сн. 493-494, PRO FO 294/38, (Писмо од Вилијам Хав до Хари Лем), 13.12.1911.
  6. 6,0 6,1 Пандевски, цит. дело, 425 стр.
  7. Пандевски, цит. дело, 425 стр. Хамза, цит. дело, 354-355 стр.