Кузман Капидан (лик)
Кузман Капидан е лик во поемата на „Сердарот“ напишана од Григор Прличев.
Преданијата за Кузман Капидан
уредиКузман Капидан бил родум од Дебрца, но од кое село точно не се знае. Владимир Качановски наведува дека Кузман Капидан бил родум од селото Долно Врбјани во чие соседство се наоѓало селото Горно Врбјани. И според Ефрем Каранов, Кузман Капидан е роден во селото Долно Врбјани. Ефтим Спространов, пак во своето дело за Џеладин Бег пишува: Кузман Капидан бил родум од Дебрца, но не се знае точно од кое село, се претпоставува дека бил од селото Сливово, но тоа точно не може да се тврди. Кузман Шапкарев пак тврди дека Кузман Капидан бил родум од селото Врбјани. Според кажувањата на Ставре Наумов Апостоловски од селото Годивје, Кузман Капидан бил родум од селото Сливово, од родот Вељдмовци, а исто така и Цветан Симоновски и Трајче Стевановски (обајцата родум од Сливово), веруваат дека Кузман Капидан бил од нивното село. Тој подоцна се преселил во Охрид, каде ја основал фамилијата Капидановци. По кажувањата пак на Антим Поповски од Слатино, Кузман Капидан бил родум од селото Слатино[1] Според Јован Трифуноски пак, Кузман Капидан е роден во селото Годивје, од родот Ѓаковци,[2] но оваа теорија е најмалку издржлива, бидејќи Кузман Капидан е роден во XVIII век, во овој период Ѓаковци сè уште не биле населени во Годивје. И во самото село Годивје повеќето жители веруваат дека Кузман Капидан бил родум од селото Годивје. Во селото Врбјани, пак, жителите веруваат дека Кузман Капидан бил родум од Врбјани, поточно од родот Мушевци. Има уште теории како тој бил по мајка од Сливово, а по татко од Врбјани. Било како било, се знае дека Кузман Капидан бил родум од Дебрца, тој е роден кон крајот на 18 век, а починал во 1850-тите или 1860-тите, во борбите против муслиманските разбојници.
Кузман Капидан во народното творештво
уредиЛикот на Кузман Капидан е опеан во народната епска песна „Кузман Кареман“ во која се опишува неговото стапување на должноста сердар во охридската каза, како и убиството на ајдукот Мурат кој вршел злосторства во охридските села.[3]
Опис на ликот на Кузман Капидан во поемата „Сердарот“
уредиВо поемата „Сердарот“ на Григор Прличев се раскажува за смртта на Кузман Капидан, кој ги заштитувал селаните од бандите на Гегите. Дејството се случува кон средината на XIX век, век во западна Македонија, односно регионот помеѓу Галичник, областа Река и селото Стан. Кузман е загинат уште на почетокот на поемата, затоа за него дознаваме преку раскажувањето на другите ликови, ретроспективно преку навраќања. Тој е олицетворение на возвишено јунаштво кое е почитувано дури и од непријателот. Тој е заштитник на народот и својот живот го жртвува за доброто на сите. И кај него се гледаат обичните човечки особини како љубовта и почитта кон мајката, како и љубовта на девојката Марија со која сакал да го мине остатокот од животот и да основа семејство.
Надворешен опис: Кузман бил силен и горд, тој бил јунак кој секогаш шетал со меч опашен околу половина, меч кој го сонувал додека бил дете, меч со кој победувал во битките. Иако знаел дека четата му е малубројна тоа не го спречило да го даде максимумот од себе. Величественоста на оваа поема е тоа што од устата на непријателот - Арнаутите ја дознаваме вистината за смртта и тие се оние кои доблесно и искрено се поклонуваат првин пред Кузман, а потоа и пред неговата мајка Неда ѝ ја признаваат големата загуба што ја снашло и сите останати со смртта на нивниот Сердар.
И везден ти да плачеш, имаш зошто. Биди силна!
Ти загуби, о мајко, џин!
Народните ќе пеат колена со уста милна
за делата на твојот син...
Кузман е олицетворение на возвишено јунаштво кое е почитувано дури и од непријателот. Силен и храбар во борбите .Тој е заштитник на народот и својот живот го жртвува за доброто на сите. И кај него се гледаат обичните човечки особини како љубовта и почитта кон мајката, како и љубовта на девојката Марија со која сакал да го мине остатокот од животот и да основа семејство.[4]
Наводи
уреди- ↑ Китевски, Марко (2015). Кузман Капидан од народното предание до сердарод. Скопје: Гирланда.
- ↑ Трифуноски, Јован (1992). Охридско-струшка област. Белград: САНУ.
- ↑ Томе Саздов, Грива тресе, бисер рони (епска народна поезија). Скопје: Заштита, 1970, стр. 92-102.
- ↑ Билјана Богданоска (30 мај 2010). „Григор Прличев - „Сердарот"“. Блогот „Македонски јазик и литература“. Посетено на 7 март 2013.
Надворешни врски
уредиОваа статија од областа на книжевноста е никулец. Можете да помогнете со тоа што ќе ја проширите. |