Кузман Кареман (песна)
„Кузман капидан“ или „Кузман Кареман“ или „Кузман Кариман“ — македонска епска народна песна, посветена на вистински историски лик од 19 век - Кузман Капидан. Песната е составена од 1 142 стиха, со што е најдолга македонска народна песна.[1]
Содржина
уредиОхридските кметови и чорбаџии се жалат кај Џеладин-бег поради злосторствата на ајдукот Мурат и бараат Кузман да ги чува охридските села. Џеладин го повикува Кузман кај себе, а Кузман се нафаќа на задачата при што бара од бегот да даде гаранција дека нема да го убие. Бегот се колеба, но неговата сопруга изјавува дека таа и нејзиното машко дете ќе бидат гаранција за животот на Кузман. Потоа, Кузман ги повикува Митре од селото Трново и Трајче од Бучино да му бидат помошници, а во Бучино собира 20 сејмени. Во тоа време пристигнува веста дека Мурат го опустошил селото Врбјани при што заробил 30 луѓе, вклучувајќи го и попот. Кузман набрзина ја собира дружината и поаѓа во потера по Мурат. Тој испраќа двајца сејмени во Ѓурчиновото бачило кои дознаваат дека наскоро Мурат треба да се пристигне во бачилото. Кузман поставува заседа и почнува борба со ајдуците, но ранетиот Мурат успева да побегне кон селото Сливјани. Кузман, Митре и уште десет сејмени заминуваат во потера по Мурат и го убиваат. Откако дознава за смртта на Мурат, Џеладин-бег испраќа двајца гавази со задача да го убијат Кузман, но Кузман и Митре ги пресретнуваат и ги убиваат гавазите. Потоа, Кузман и Митре одат кај бегот, носејќи ги главите на убиените, а Џеладин им наредува на сејмените да го убијат Кузман. Тогаш, Митре им се заканува со сабјата и сејмените го пропуштаат Кузман кај бегот, а беговата сопруга му поклонува оружје.[2] [3]
Изданија
уреди- Првото издание на песната на современ македонски јазик потекнува од 1945 година, кога таа била објавена од Државното издателство на Македонија како дел од книгата „Силјан Штркот и Кузман Капидан (народни умотрворби)“.[4] Книгата не е каталогизирана и не ја поседува меѓународната ознака ISBN. Во предговорот е наведено дека таа е преземена од „Зборникот“ на Кузман Шапкарев (част I, оддел III, книга III, стр. 163), објавен во 1891 година. Притоа, песната е дадена според тогашниот правопис, со мали измени во јазикот и со поголеми измени во редот не зборовите во стиховите со цел да се добие поправилен ритам кој е нарушен во песната или од пејачот (Ристо Гроздин, внукот на Кузман Шапкарев) или од запишувачот (Шапкарев). Освен тоа, првите четири стиха се земени од една друга песна за Кузман Капидан, објавена во „Зборникот“ на Шапкарев на стр. 337.[5]
- Во 1970 година, песната била објавена во книгата „Грива тресе, бисер рони“ — збирка со македонска народна епска поезија, во избор и редакција на Томе Саздов, кој е автор и на предговорот. Книгата е објавена од страна на новинско-издавачката установа „Заштита“ од Скопје, а била испечатена во печатницата „Наша книга“ во тираж од 6 000 примероци. Книгата не е каталогизирана и не ја поседува меѓународната ознака ISBN.[6]
Наводи
уреди- ↑ Томе Саздов, „Предговор“, во: Томе Саздов, Грива тресе, бисер рони (епска народна поезија). Скопје: Заштита, 1970, стр. 6.
- ↑ Томе Саздов, Грива тресе, бисер рони (епска народна поезија). Скопје: Заштита, 1970, стр. 92-102.
- ↑ Силјан Штркот и Кузман Капидан (народни умотрворби). Државно книгоиздателство на Македонија, 1945, стр. 25-50.
- ↑ Силјан Штркот и Кузман Капидан (народни умотрворби). Државно книгоиздателство на Македонија, 1945, стр. 25-50.
- ↑ „Предговор“, во: Силјан Штркот и Кузман Капидан (народни умотрворби). Државно книгоиздателство на Македонија, 1945, стр. 4.
- ↑ Томе Саздов, Грива тресе, бисер рони (епска народна поезија). Скопје: Заштита, 1970.