Костадин Стерјов Поповски
Костадин Стерјов Поповски (25 октомври 1920, Зашле - 10 август 1994, Скопје) — македонски партизан од село Зашле, Демир Хисарско.[1]
Биографија
уредиРоден бил во село Зашле, Демир Хисар. Основното образование го завршил во селото Растојца, по што продолжил да се школува во битолската гимназија, каде се запишал во 1941 година.
Бил член на СКОЈ од 1937 година, а по капитулацијата на Кралска Југославија, се вклучил во формирањето на првите партизански келии. Така, во село Кочиште, била формирана првата партизанска келија кон средината на септември 1941 година во присуство на првоборецот Шула Мина, и за секретар бил поставен токму Костадин Поповски.
Во 1942 година се појавила потребата од формирање на воени комитети по селата. Првиот воен комитет во Демирхисарско бил формиран на 25 мај 1942 година во село Кочиште, во присуство на Наум Наумовски - Борче, во месноста Кошарник, а Костадин Поповски бил поставен за негов политички комесар.
На 20 август 1942 година, во село Зашле била поставена блокада од страна на бугарската војска и полиција, при што биле уапсени таткото на Костадин Стерјо, самиот Костадин и Соколе Поповски, по што биле спроведени во затворот во Крушево. Сите тројца биле мачени и тепани со цел да кажат информации за одредот Питу Гули. Од Крушевскиот затвор биле спроведени во затворот Црн Мост во Битола, каде биле осудени на доживотен затвор. По изрекување на пресудата без право на жалба, Костадин Поповски бил префрлен во затворот во Идризово, во Скопје, каде на 29 август 1944 година учествувал во организираното бегство на политичките затвореници.
По ослободувањето, бил секретар на Околискиот и Окружниот комитет на СКОЈ во Битола, како и шеф на Отсекот за внатрешни работи во Крушево, Демир Хисар и Битола, а по дипломирањето на Економскиот факултет во Белград во 1950 година бил избран за асистент на Правно-економскиот факултет во Скопје, од 1950 до 1953 година. Работел како комерцијален директор на цементарницата „Усје“, генерален директор на Стакларницата, шеф на Отсекот за општи и економски анализи во Секретаријатот за општо стопански работи на СРМ.
Меѓу другите работни места, бил на позициите: в.д. директор и професор на Вишата стопанска школа во Скопје од 1953 до 1960 година, предавач во 1960 година, виш предавач од 1968 до 1983 година, продекан и претседател на Советот на Економскиот факултет.
Бил член на Околискиот и на Универзитетскиот комитет на КПМ во Скопје, претседател на Факултетската конференција на СКМ, член на Претседателството на Градскиот и на Републичкиот одбор на СЗБНОВ, потпретседател на Околискиот народен одбор и народен пратеник во општествено-политичкиот собор на Собранието на СРМ.
Носител е на Партизанска споменица 1941.
Починал на 10 август 1994 година во Скопје.
Наводи
уреди- ↑ Брошура од 2021 година на Општинскиот одбор на Сојузот на борците на Македонија и продолжувачи - Демир Хисар, стр. 18 - 22