Конзервативизам

(Пренасочено од Конзервативна)

Конзервативизам — политичка идеологија која, во својата појдовна основа, значи чување односно одржување на веќе востановените постоечки облици на вредностите во животот. Може да се смета за своевидно традиционално мислење кое како такво се проткајува во сите облици на интеракција меѓу поединците, мислење чијашто цел е да се одржи статус кво. Ако пред сè се сфати како идеологија на оние коишто владеат тогаш ќе се постави во спротивна релациска врска од либералното дејствување кое како такво тежнее кон промени. За такво либерално движење можеме да ги сметаме во прв ред англиската и француската револуција како и воопшто движењето на просветителството.

Серијал за Политика:
Подсерии од Политика

Конзервативизмот како политичка идеологија се залага за државно уредување засновано врз традиционални вредности. Како такви опстојуваат редот и сигурноста, поголемата посветеност кон минатото отколку кон иднината, хиерархијата наместо еднаквоста, антрополошкиот песимизам, сигурноста, моралот и религијата како темели на општествениот живот и институциите, семејството како основа на општеството и слично. Сите конзервативци ја почитуваат традицијата. Традицијата е составена од стандарди кои опстојуваат со единствена цел - да ги унапредат идеите за доброто. Токму затоа конзервативците во традицијата гледаат авторитет кој го оправдува нивното политичко дејствување. Темелот на тој авторитет е минатото односно религијата и националната историја на земјата. Од овде потекнува вербата на конзервативците во Бог како создавач на светото и врховен авторитет.

Конзервативизмот денес најчесто се врзува за десничарските политички партии. Во средна Европа конзервативизмот го застапуваат христијанско-демократските партии. Во скандинавските земји конзервативизмот го претставуваат либералните конзервативци, како Конзервативната народна партија во Данска.