Книга на кралевите и будалите

расказ, дел од „Енциклопедија на мртвите“

Книга на кралевите и будалите (српски: Књига краљева и будала) - расказ на српскиот писател Данило Киш, дел од збирката раскази „Енциклопедија на мртвите“ од 1983 година.

Содржина

уреди

Во август 1906 година, во Петроград, главниот уредник на едно списание, А. П. Крушеван го објавил постоењето на еден документ со наслов „Завера или Каде се корените на пропаста на европското општество“, дело на анонимен автор, во кое се кажува дека Антихристот активно делува да ја уништи европската цивилизација. Малку подоцна, Сергеј Александрович Нилус, познат како отец Сергеј, ја вклучил „Заверата“ како дел од својата книга „Антихрист“. Постепено, книгата добивала сè повеќе читатели и, откако е утврдено дека примерок од неа имала и руската царица, за време на граѓанската војна во Русија, офицерите на Белата гарда им читале на војниците извадоци од неа. По Октомвриската револуција, отец Сергеј живеел на југот на Русија сè додека не бил уапсен од НКВД, за да умре во еден логор, во 1930 година.[1]

Меѓутоа, историјата на „Заверата“ продолжила да тече: руските емигранти ја прошириле книгата во Западна Европа, но останала мистеријата за нејзиното потекло. Во 1921 година, во Истанбул, еден анонимен белогардејски офицер ја откупил личната библиотека на друг офицер и во неа случајно пронашол анонимна книга чија содржина била многу слична на „Заверата“. Така било откриено дека „Заверата“ била само фалсификат на книгата „Дијалог во пеколот меѓу Монтескје и Макијавели или Макијавелиевата политика во девентаесеттиот век, напишана од еден Соременик“ во која се критикувала политиката на Наполеон III. Книгата ја напишал Морис Жоли во втората половина на 19 век и тој се обидел тајно да ја пренесе во Франција, но таа била запленета од полицијата и уништена. Сепак, еден примерок останал и кон крајот на 19 век, шефот на руската тајна полиција во Париз, извесен Рачковски извршил фалсификат и ја напишал „Заверата“ која подоцна се раширила низ Русија, Германија и низ цела Европа, претворајќи се во прирачник за современите диктатори.[2]

Осврт кон расказот

уреди

Во пост-скриптумот кон збирката, Киш објаснува дека првобитно расказот бил замислен како есеј и дека тоа оставило траги врз него, а намерата му била да ја изложи повеста за настанувањето на „Протоколот на Сионските мудреци“, нивното влијание врз читателите и трагичните последици што ги предизвикал. Притоа, расказот претставува разработка на неговата повеќегодишна преокупација со идејата дека книгите не служат само за добро. Меѓутоа, оценувајќи дека не може да продолжи понатаму во истражувањето на таа тема, Киш се откажал од намерата да напише есеј и тогаш го променил насловот од „Протоколи“ во „Завера“.[3]

Наводи

уреди
  1. „Knjiga kraljeva i budala“ во: Danilo Kiš, Enciklopedija mrtvih. Beograd: Arhipelag, 2015, стр. 111-120.
  2. „Knjiga kraljeva i budala“ во: Danilo Kiš, Enciklopedija mrtvih. Beograd: Arhipelag, 2015, стр. 121-147.
  3. „Post scriptum“ во: Danilo Kiš, Enciklopedija mrtvih. Beograd: Arhipelag, 2015, стр. 168-169.