Канал (филм од 1957)
Канал (полски: Kanał) e полски филм од 1957 година, во режија на Анджеј Вајда, според сценариото на Јежи Стефан Ставински. Главните улоги ги толкуваат: Тереза Ижевска, Тадеуш Јанчар, Вјенчислав Глински, Тадеуш Гвјаздовски, Станислав Микулски, Емил Каревич, Владек Шејбал, Тереза Березовска, итн. Филмот е дел од воената трилогија на Вајда, позната како „Три воени филма“ (покрај „Поколение“ и „Пепел и дијамант“). Во 1957 година, на Канскиот филмски фестивал, филмот ја освоил специјалната награда на жирито, а бил номиниран и за „Златната палма“.[1]
Синопсис
уредиДејството на филмот се одвива во Полска, во последните денови на Варшавското востание во Втората светска војна. Поручникот Задра (го игра Глински) командува со одред од 43 борци, кои се опколени во една населба. Иако знаат дека нема надеж за успех, тие храбро се борат против надмоќната германска армија. Меѓу борците се наоѓа и војникот Јацек, наречен Кораб (го игра Јанчар). Едно утро, во четата пристигнува неговата девојка Стокротка (ја игра Ижевска), а истиот ден, Кораб е ранет. Тогаш, од штабот пристигнува наредба да се повлечат и низ градската канализација да се пробијат до центарот на градот. Поручникот Задра и борците не сакаат да се повлечат, но мора да ја послушаат наредбата. Набргу, започнува нивната агонија низ канализацијата, каде одредот се мачи со бројното цивилно население кое, исто така, се крие од германската војска, со гасовите кои предизвикуваат вртоглавица кај војниците, како и со лавиринтот од канали во кои тешко може да се пронајде излезот. Ранетиот Јацек е изнемоштен, но Стокротка го води низ канализацијата. Истовремено, Задра и остатокот до одредот се мачат да го пронајдат излезот. На крајот, сите војници доживуваат несреќен крај: Стокротка успева да го пронајде излезот кон реката Висла, но тој е затворен со челични решетки и Јацек умира; поручникот Мадри (го игра Каревич) успева да го најде излезот, но излегува во дворот на германската касарна, каде ги наоѓа останатите војници заробени; само поручникот Задра и еден војник излегуваат во центарот на градот, но откако дознава дека војникот цело време го лажел, тој го убива и повторно се враќа во канализацијата во потрага по својот одред.[2]