Кадиш за нероденото дете

Кадиш за нероденото дете (унгарски: Kaddis a meg nem született gyermekért) - кус роман на унгарскиот писател Имре Кертес од 1990 година.

Содржина уреди

За време на престојот во еден хотел, каде се одржува средба на интелектуалци, еден писател и преведувач (авторот раскажува во прво лице еднина) оди на прошетка во околната шума и го среќава филозофот д-р Облат. Тогаш, филозофот започнува разговор во кој се интересира за приватниот живот на писателот и го прашува дали има дете. Писателот одговара бесно „Не!“, на истиот начин на којшто одговорил своевремено, кога неговата тогашна сопруга му ја соопштила желбата да имаат деца. По враќањето во хотелската соба, писателот се присетува на својот живот: Детството го поминал во интернат, каде бил воспитуван според строгите норми својствени за тогашниот педагошки систем, а по разводот на неговите родители живеел со татко му кого никогаш не успеал да го засака потполно. За време на една приватна забава, кога била зачната темата на концентрационите логори, тој влегол во остра расправа со присутните интелектуалци, раскажувајќи случка од својот престој во Аушвиц. Тогаш, тој ја запознал девојката која подоцна му станала сопруга. Исто како него, и таа била Еврејка, а нејзините родители ја преживеале трагичната судбина на затворениците во нацистичките логори. За време на нивниот брак, таа го убедувала сопругот да биде активен и амбициозен, но тој го избрал повлечениот живот, без желба за успех. По трауматичното искуство во Аушвиц и соочувањето со антисемитизмот во повоената Унгарија, како и одбивањето да му се потчини на тоталитарниот комунистички режим, писателот ја пронашол смислата на животот во пишувањето. По првичната брачна среќа, меѓу него и сопругата постепено почнале да доаѓаат до израз разликите во гледиштата, кои кулминирале во мигот кога таа посакала да имаат деца. Тогаш, тој категорички ја одбил таа идеја, зашто не сакал да создаде дете во светот кој сè уште го толерирал постоењето на Аушвиц. Продлабочувањето на разликите неизбежно довеле до развод и еден ден сопругата му соопштила дека повеќе не може да го издржи животот со него, дека одбива да живее под печатот на еврејството и дека одржува врска со друг маж. Потоа, писателот продолжил повремено да се гледа со поранешната сопруга, која во меѓувреме се омажила. Еден ден, на средбата со него, таа ги довела двете свои деца и во тој миг писателот ја сфатил бесмисленоста на својот живот, поминат во самоизолација и отуѓеност од светот.[1]

Осврт кон делото уреди

Во говорот одржан на 10 декември 2002 година, по повод доделувањето на Нобеловата награда за литература, Торгни Линдгрен изјавил дека романот „Кадиш за нероденото дете“ претставува тажен и истовремено ироничен реквием за детето кому не му е дозволено да се роди, зашто неговото доаѓање на овој свет би било груб и злосторнички чин. Притоа, тој истакнал дека творештвото на Кертес треба да се чита во неговата целост, па така, во „Кадиш за нероденото дете“ може да се забележат префинети, но јасно видливи, нишки коишто го поврзуваат со двата други романи на Кертес, „Бесудбинство“ и „Пораз“.[2]

Наводи уреди

  1. Imre Kertes, Kadiš za nerođeno dete. Novi Sad: VEGA Media, 2005.
  2. „Nobelova nagrada za književnost 2002. godine“, во: Imre Kertes, Kadiš za nerođeno dete. Novi Sad: VEGA Media, 2005, стр. 136.