„Бесудбинство“ (унгарски: Sorstalanság) — роман на унгарскиот писател Имре Кертес од 1975 година.

Содржина уреди

Романот се состои од девет глави:

  1. Ѓурика е еврејско момче од Будимпешта, на возраст од околу 15 години, кое живее со татко му и со маќеата. Еден ден, татко му добива покана да замине во работен логор во Германија. Пред да замине, тој му ги предава дуќанот и семејниот накит на својот пријател и соработник, господинот Шите. Вечерта пристигнуваат најблиските роднини за да се збогуваат со татко му, кој изутрината го напушта домот.[1]
  2. Два месеца подоцна, момчето веќе работи како градежен работник во една рафинерија во околината на градот. Во меѓувреме, за време на едно бомбардирање, тоа започнува љубовна врска со Анамарија, девојка од соседството.[2]
  3. Еден ден, додека патува кон рафинеријата, неговиот автобус го запира жандармеријата, која ги собира сите Евреи, а потоа ги пренесува во една касарна. За време на престојот во касарната, а подоцна и во напуштената фабрика за цигли, се проширува веста дека Евреите ќе бидат упатени на работа во Германија. Охрабрен од таа вест, момчето со нетрпение го очекува патувањето.[3]
  4. Неколку денови подоцна, заробените Евреи ги товарат во воз при што условите за патување се ужасни: во вагоните се распоредени по 60 луѓе, кои патуваат без храна и вода. По четири дена, возот пристига на една пуста железничка станица за која момчето успева да прочита дека се вика Аушвиц/Биркенау. Пристигнатите Евреи веднаш ги распределуваат на две групи, а момчето има среќа да биде распоредено во групата на работоспособните. По задолжителното капење, новопристигнатите добиваат заробеничка облека, а момчето е збунето од настаните и сè уште не го сфаќа значењето на зборот „логор“.[4]
  5. Момчето постепено се запознава со состојбата во логорот и постепено ја открива вистината за крематориумите и за масовното уништување на Евреите, но никако не може да ја сфати причината за тоа. Четири дена подоцна, тој е префрлен во логорот во Бухенвалд, а веднаш потоа во работниот логор во Цајц.[5]
  6. Положбата на затворениците во Цајц е далеку подобра отколку во Аушвиц, зашто станува збор за работен логор, кој не е наменет за масовно истребување на Евреите. Таму, момчето се спријателува со затвореникот Банди Цитром, кој веќе неколку години престојувал по разни логори, и од него ги учи вештините потребни за преживување во тешките услови во логорот. Меѓутоа, по некое време, како последица на тешките животни услови, а особено недоволната исхранетост, момчето веќе ги забележува првите знаци на опаѓање на своите физички способности, а потоа и слабеењето на вољата за живот.[6]
  7. На момчето му се појавуваат отоци на нозете и тоа е примено на лекување во логорската болница, а потоа во тешка состојба е префрлено на лекување во логорот во Бухенвалд, каде не може ниту да се движи. Еден ден, со последните остатоци на свеста, тоа сфаќа дека го креваат, го ставаат на количка и, заедно со други затвореници, го носат некаде. Тогаш, нему повторно му се враќа желбата за живот.[7]
  8. По некое време, момчето полека сфаќа дека се наоѓа во некоја болница во која условите се многу подобри, а нему му се укажува далеку подобра нега. Сепак, тоа не знае што се случува. Со текот на времето, полека закрепнува и веќе може да се движи. Еден ден, во логорот се забележува необична раздвиженост, а потоа доаѓа веста дека затворениците се слободни.[8]
  9. Летото, заедно со голем број затвореници, момчето се враќа дома. По долго патување, тоа пристига во Будимпешта и веднаш го посетува домот на Банди Цитром, но не го наоѓа дома. Потоа, случајно се среќава со еден новинар, кој му нуди заедно да пишуваат статии за холокаустот, но момчето не покажува интерес за тоа. Тоа оди во својот дом, но таму некои непознати луѓе. Потоа, ги посетува старите соседи и од нив дознава дека татко му умрел во концентрациониот логор, дека мајка му е жива, а маќеата се омажила за господинот Шите. Момчето се обидува да им ги објасне ужасите во логорот, но старците воопшто не го сфаќаат. Потоа, тоа се упатува кон домот на мајка си, цврсто решен да го продолжи животот.[9]

Наводи уреди

  1. Имре Кертес, Бесудбинство. Лом, Београд, 2016, стр. 7-24.
  2. Имре Кертес, Бесудбинство. Лом, Београд, 2016, стр. 25-34.
  3. Имре Кертес, Бесудбинство. Лом, Београд, 2016, стр. 35-48.
  4. „Имре Кертес, Бесудбинство. Лом, Београд, 2016, стр. 49-79.
  5. Имре Кертес, Бесудбинство. Лом, Београд, 2016, стр. 81-106.
  6. Имре Кертес, Бесудбинство. Лом, Београд, 2016, стр. 107-133.
  7. Имре Кертес, Бесудбинство. Лом, Београд, 2016, стр. 135-148.
  8. Имре Кертес, Бесудбинство. Лом, Београд, 2016, стр. 149-182.
  9. Имре Кертес, Бесудбинство. Лом, Београд, 2016, стр. 183-201.